Што е Скопје?

26.07.2021 17:47
Што е Скопје?

Грдата ноќ се влече зад мене како сенка. На некогашната „Даме Груев“, спроти некогашното „Беко“, џиновска шахта сред коловозот. Метална. Не е ни шахта, како двокрилна, заклучена врата е. Колите ја заобиколуваат со векови, секое утро опасно приближувајќи ни се на пешаците кои стоиме на ивичникот и чекаме да поминеме, да одиме преку плоштадот на ВМРО каде што со денови, во седум и пол, еден човек се расправа самиот со себе во два гласа. Темата, горе-долу е секогаш истата. Општествена. Се расправа за политика со својот имагинарен крвен непријател влезен во него како подмолен Друг. Порано мислев дека е пијан. Не е. Којзнае што му е.

Се мислам и не можам да решам. Што е Скопје? Џиновската, двокрилна шахта сред коловозот, грдата ноќ-сенка во пеколен ден или кутриот човек со два гласа заробен во самиот себе?

Ме запира една жена на која ѝ е пладне. Не знае да си извади пари од банкомат. Ми вели „ќерко“, а не сум сигурна дека е постара од мене. Ѝ ги подавам, едно по едно, како што ги исплукува банкоматот, илјадарката, картичката и ливчето. Таа е Скопје! Чека некој друг да ѝ го даде она што е нејзино.
Којзнае што ни е на сите.

Слики: Матеј Богдановски
Извор за текстот: Оливера Ќорвезироска, Престапни години, Бегемот 2021.

 

Слични содржини

Јавни простори / Книжевност
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Јавни простори / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото