Дали планетата ќе ја спасат морските алги?

22.09.2021 03:11
Дали планетата ќе ја спасат морските алги?

Иако, кога зборуваме за борбата против климатските промени, вниманието на светската јавност доминантно е насочено кон копното, познато е дека крајбрежните морски области се изразено ефикасни во митигацијата на јаглерод диоксидот. Имено, морските крајбрежни системи можат да апсорбираат и до 50 пати повеќе јаглерод од шумите, а што е можеби поважно - јаглерод диоксидот можат да го задржат и драматично подолго, со векови.

Според податоците на организацијата Конзервејшн Интернешнел, годишно околу еден квадратен километар морски алги апсорбира иста количина јаглерод диоксид колку и 50 квадратни километри тропски шуми. Иако бројни морски организми се мошне ефикасни во заробувањето на јаглерод диоксидот, апсолутна ѕвезда во оваа морска приказна се алгите. Во фокусот на вниманието на истражувачите, како и големите корпорации, последниве години се родот темни алги кои ги нарекуваме келпи.

Механизам на заробување

Иако изгледаат како џиновска трева, келпите се големи кафеави алги кои растат во плитки води, заземајќи големи површини од океанското дно. Се смета дека настанале уште во миоценот пред 10 до 20 милиони години. Растат исклучително брзо, дури и до 50 сантиметри дневно и можат да бидат долги и до 80 метри, а за тлото се придржуваат со малечко коренче.

Благодарение на овие алги јаглерод диоксидот е заробен во океаните на сличен начин како и кај копнените растенија. Во контакт со вода, го консумираат разни жители на океаните, најмногу фитопланктоните и алгите. Келпите, исто како и копнените растенија, вршат фотосинтеза и заробуваат големи количини јаглерод диоксид. Кога изумираат, остануваат на дното од океаните, но заробениот јаглерод диоксид не се испушта во атмосферата - со векови.

Затоа, последниве години алгите се перципираат како едно од решенијата за депонирање јаглерод диоксид од атмосферата. Ваквата постапка би овозможила да се намалат ефектите од претераната емисија која ја предизвика човекот со согорувањето фосилни горива. Алгите би можеле да одиграат важна улога во спасување на планетата.

Келпи

Алго-култура

Во Јапонија алгите се одгледуваат уште од 17 век, но во 20 век тоа стана профитабилен бизнис. Алгите кои можат да се јадат, како што се нори и уште неколку видови кои се продаваат во продавниците, заради својата голема нутритивна вредност и ниската цена, станаа дел од секојдневната исхрана - тоа е она со што се обвиткуваат суши ролните, но исто така се става и во супи и други јадења.

Последниве години одгледувањето алги станува најбрзо растечка компонента на глобалното производство на храна, а најголем процент се одгледува во Кина. Таканаречената алго-култура е „карбон-негативно“ производство, заробува повеќе јаглерод диоксид отколку што произведува. Заради тоа, армија истражувачи се обидува да најде што поширока примена, но и начини и место поволно за одгледување.

Покрај тоа, алгите растат брзо, можат да се одгледуваат во многу делови од светот и евтини се за одгледување. Ги сметаат за нов материјал и последнава деценија многу се експериментира со нив - на пример, има обиди за производство на пакувања кои би ги замениле картонот и пластиката.

Нори

Морски крави

Ако во храната што ја консумираат кравите се вметне само мал процент морски алги, емисијата на метан што ја произведуваат би можела да се намали за 82 проценти, овој податок доаѓа од едно мало но ветувачко истражување кое го објавија истражувачи од Универзитетот Калифорнија во Дејвис, а кое би можело да покрене драматична промена на практиката за одгледување стока ширум светот.

Имено, алгите влијаат на намалување на ензимите во системот за варење кај кравите кој е одговорен за производството на метан. Знаејќи го тоа, Ермиас Кебраб, професор на Катедрата за наука за животните и директор на Светскиот центар за храна, спроведе истражување во кое додавал мала количина морска трева во храната на 21 јунец и следел разни параметри поврзани со овие животни, вклучувајќи ја и емисијата на метан кој е мошне потентен гас со ефект на стаклена градина.

Се покажало дека оние кои јаделе 80 грама алги дневно, имале 82 проценти помалку метан во здивот, отколку останатите животни кои не јаделе алги. Кебраб спроведе слично истражување во 2018 година, кога во период од две недели експериментирање со алги во храната за крави успеа да ја намали емисијата на метан за 50 проценти.

Колкаво е значењето на ова истражување како потенцијално решение за намалување на производството на гасови со ефект на стаклена градина, зборува и податокот дека во САД земјоделството е одговорно за 10 проценти од емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, а половина од тоа доаѓа од кравите и другите животни како резултат на варењето на растителната храна.

Ермиас Кебраб

Заштита

Иако делува дека алгите потенцијално можат да имаат голем придонес во борбата против климатските промени, истражувачите напоменуваат дека и тие се жртви на погубното влијание на климатските промени. Заради зголемувањето на нивото на јаглерод диоксид во атмосферата, океаните стануваат сè покисели и потопли. Бидејќи споменатите алги живеат на температури од околу 4 до 16 степени, малите температурни промени успеваат да збришат цели „шуми“ со алги.

Се проценува дека крајбрежните системи на океаните се толку загрозени што исчезнуваат четирипати побрзо отколку тропските шуми. Ако знаеме дека се драматично поефикасни од шумите во заробувањето на јаглерод диоксидот, исчезнувањето на овие екосистеми е повеќе од алармантно.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/