Џуди Чемберлин (1944-2010)

21.06.2023 00:30
Џуди Чемберлин (1944-2010)

Џуди Чемберлин 

Во своите дваесетти била хоспитализирана заради депресија. Ужасната од затворската атмосфера во болницата, многу брзо сфатила дека како психијатриски пациент нема никакви законски права. Подоцна, во текот на седумдесеттите, основала група за помош и поддршка за сите што преживеале психијатриско лекување. Во 1978 година ја објавува книгата Our Own: Patient-Controlled Alternatives to the Mental Health System.

Џуди беше активистка на движењето за човекови права за кое многумина веројатно никогаш не ни слушнале. Инспирирана од другите движења започна нешто што сакаше да го нарекува гордост на лудите - движење за права и достоинство на ментално заболени лица.

Сè почнало во 1966 година, кога таа имала само 21 година. Посетила лекар зашто се борела со длабока депресија.

- По извесно време ми предложи да се пријавам во некоја болница, зашто едноставно не функционирав, толку бев депресивна. Помислив: Па, болницата е место каде одиш по помош. Бев во болници на операции и слични интервенции и не размислував дали тоа воопшто има врска со основните човекови права. Така што, само реков: Во ред, ќе се обидам.

Така Џуди ја раскажа својата приказна во радиско интервју во 2006 година, во рамки на програмата што ја водеше Вил Хол. Тоа беше програма што ја започнаа луѓе како неа, луѓе кои поминале и преживеале психијатриски лекувања.

- Многу брзо дознав дека кога еднаш ќе дадеш писмена согласност за доброволно лекување, не можеш туку така да заминеш оттаму - што беше апсолутно шокантно!

Излегла од државната болница и се преселила во Ванкувер (Колумбија), каде живеела со луѓе на кои им биле дијагностицирани ментални болести, но добиле државни пари за развој на сопствени третмани. Закрепнала и се преселила во Бостон, каде почнала да работи со поранешни пациенти кои сакале да го менуваат системот. Се нарекле Фронт за ослободување пациенти со ментални болести (Mental Patients Liberation Front).

- Како постар студент на Харвард, затворан петпати, имав препорака да волонтирам - се сеќава Дејвид Оукс, кој ѝ се придружил на групата во 1976 година. Тоа беше мала радикална група; изгледаа како џган, а Џуди беше во средиштето, мошне топла организаторка на оваа заедница.

Дејвид подоцна основал сопствена група, MindFreedom International, а Џуди била менторка. Она на што веднаш подучи огромен број луѓе беа основите за ослободување на менталното здравје: Дека сме еднакви и дека имаме права.

Основните размислувања Џуди ги формулираше во книгата On Our Own објавена во 1978 година. Бидејќи и самата го искусила тоа во Канада, во книгата го застапува мислењето дека можноста да бидете прашани за сопствениот третман воедно е и клучен фактор за делотворноста на третманот.

Книгата стана манифест за пациентите, а влијаеше и на многу вработени во установите посветени на менталното здравје. Денес е вообичаено луѓето со ментални болести да кажат што мислат. Во повеќето американски држави постои канцеларија за корисници на услуги на службите за ментално здравје, за да се слушне гласот на самите клиенти. До тоа доведоа заложбите на луѓето како Џуди.

Роберт Витакер, автор на книгата Mad in America, историја на третманите на ментално болните луѓе во САД, вели дека Џуди била централна фигура во развојот на ова движење. Умееше да прејде преку гледиштата на пациентите на начин кој беше цврст, но и јасен. Вработените во областите на менталното здравје сепак го ценеа тоа, иако токму тие беа честа мета на нејзините критики.

- Џуди беше жестока, неверојатно жестока - смета Витакер. Со тоа сакам да кажам дека знаеше точно што мисли, а тоа и го кажуваше, не грижејќи се дали ќе ги навреди оние што ја слушаат. Беше безочна и брилијантна, беше задоволство да се биде во нејзино друштво. Беше неверојатно храбра, зашто спротивставувањето на владејачките уверувања очигледно бара храброст.

На луѓето со ментални болести им велеше дека, исто како и сите други, се луѓе кои имаат хирови и разлики, но и моќ и способности. Сакаше луѓето да ја прифатат одредницата луд како опис кој означува нешто што е во ред.

- Го промени пежоративното значење на овој збор - вели Витакер. На целиот свет му рече: Ние сме вредни индивидуи, нашите умови се вредни и треба да се почитуваат.

Фразата mad-pride ја користеше и како лична мејл адреса. А во неа е присутно историското ехо на „црната гордост“ - вели Витакер. Целосно ги следеше стапките на движењето за граѓански права.

Џуди патуваше и ги застапуваше човечките права ширум светот, дури и неколку месеци пред смртта. Работеше на универзитетот во Бостон на прашањата за менталното здравје и од државните фондови основаше центар за поддршка на оние што преживеале психијатриски лекувања.

Пред крајот на животот се соочи со болест на белите дробови. Во последната година, кога осигурителната компанија ѝ соопштила дека го потрошила делот наменет за домашна нега, требало да оди во геронтолошки центар. Го започна блогот Life as a Hospice Patient на кој известуваше за својата борба да умре дома.

Умре како што сакаше: дома, во омилената фотелја, опкружена со пријателите и семејството.

Добитничка е на значајни признанија за придонес за лицата со инвалидитет (David J, Vail, Pike Prize).

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portaloinvalidnosti.net/

ОкоБоли главаВицФото