Euromax Resources ја извртува вистината

21.07.2023 15:14
Euromax Resources ја извртува вистината

1. Првото извртување е дека гарантираат целосна безбедност на складирање на јаловината од процесот на вадење бакар и злато. Во нивна недамнешна објава се тврди следното, „Нема никаква основа за каква било грижа дека здравјето на граѓаните и животната средина се под некаква закана." „Никаква основа"!? Само со намера да се излаже јавноста се даваат вакви ветувања. Народната поговорка јасно предупредува кога се ветуваат "Кули и градови".

2. Второто извртување е дека отворањето на рудниците ќе ја заживеело економијата и младите немало да се иселуваат, а некои дури и ќе се врателе заради оваа "блескава" инвестиција. Ова не е само лага туку очигледна бесмислица. Проценето е дека рудниците имаат капацитет за експлоатација од дваесет и три години. Овој период не може да доведе до каков било значителен пресврт по ова прашање. За да се постигне некаков позитивен ефект, не може да се гледа само на некои триста нови работни места, туку како тоа го доживува целата заедница. Отпорот кон рудниците на најголемиот број жители на струмичката котлина, загадувањето кое несомнено ќе биде од висок ризик за почвата, за водите и за воздухот и рокот на експлоатација кој е половина од нечиј работен век се јасни показатели дека Македонија и Струмица ќе бидат сигурни губитници од оваа можна зделка. Ќе профитираат инвеститорите и малкумина од Македонија кои би биле клучни за овој срамен проект да се реализира.

3. Третото извртување е заплашувањето со меѓународен судски спор. Важно е да се има на ум дека еминентни правници ги оспоруваат овие тврдења. Од нивното исчитување на релевантната документација ова може да се случи само ако судството и владата на Македонија продолжат со сервилноста, опортунизмот за лична корист по овие прашања. Дури и во неверојатниот случај да се поведе ваков спор и во уште по неверојатниот случај да се исплаќа оштета од една милијарда долари, овој износ нема да биде ништо во споредба со трајното загадување што ќе го предизвикаат рудниците. Тоа ќе значи губење на препознатливиот квалитет на раноградинарски и други земјоделски култури на струмичките земјоделци. Влошување на квалитетот на животот и намалување на вредноста на недвижниот имот. На ова ќе се надоврзат болнички трошоци од болести предизвикани од активностите на рудниците. Цената која ќе ја плати македонскиот народ ќе биде неколкукратно поголема и поужасна.

Ова е одличен момент да се постави најславното патриотско реторичко прашање, "Народе македонски, со какви идеи си ти?"

EUROMAX RESOURCES мора од сите нас да го добие единствениот вистински и достоинствен одговор, "Се разбудивме, не спиеме!"

Рудници на смртта нема да има!