Заблудите на ефективниот алтруизам

25.10.2023 01:11
Заблудите на ефективниот алтруизам

„Нема многу луѓе кои кариерата во светот на финансиите ја поврзуваат со правилните морални побуди“, забележува Вилијам Мекаскил. Но би требало да ги има повеќе: „Зашто колку повеќе заработуваме, толку повеќе пари можеме да подариме за хуманитарни цели и така да спасиме многу човечки животи.“

Мекаскил е оксфордски филозоф, еден од основачите на „ефективниот алтруизам, или ЕА, движење кое се обидува да ги убеди луѓето поголем дел од остварените приходи да ги донираат во хуманитарни цели и да се погрижат донациите да бидат искористени на најефективен начин - Мекаскил тврди дека живее со 26 000 фунти годишно, додека остатокот од заработката го донира.

Бидејќи оние кои заработуваат повеќе можат и да донираат повеќе, Мекаскил ги охрабрува студентите да не избираат релативно слабо платени работни места како социјални работници или лекари, туку да се определат за кариери во банкарството или трговијата кои можат да донесат милиони. Од Волстрит до Силиконската долина, идејата дека стекнувањето големо богатство е најдобар начин за да се прави добро е дочекана со интерес и наклонетост (иако делот за донирањето на поголемиот дел од богатството вообичаено се заборава). Движењето на ефективниот алтруизам доби поддршка од моќни луѓе.

Еден од студентите импресионирани од сега веќе легендарната средба со Мекаскил е Сем Банкман-Фрид (СБФ), во тоа време постдипломец по математика. Влегувајќи во светот на финансиите, СБФ основаше повеќе компании кои работеа со криптовалути и заработуваа милијарди долари кои ги донираше на разни ЕА проекти, што го направи најпознато лице на движењето. Барем додека не беше уапсен за измама. Банкман-Фрид неодамна беше изведен пред суд во Њујорк.

„Бесен сум“, твитуваше Мекаскил по вестите за апсењето, додавајќи дека не знае која емоција е посилна: бесот заради она што го направил Сем... или тагата и презирот кој го чувствува кон себеси зашто му поверувал. Мекаскил и останатите истакнати припадници на движењето сигурно биле шокирани од она што го направил Банкман-Фрид (иако првите предупредувања за неговите „неетички“ практики се појавиле уште во 2018, но одлучиле да ги занемарат). Како и да е, она што Банкман-Фрид наводно го направил тешко може да се одвои од самото движење и неговите филозофски темели.

Основните премиси на ефективниот алтруизам главно се невпечатливи. Правете добро колку што е можно. Погрижете се донациите да се насочуваат и трошат на правилен начин. Не дозволувајте им на личните чувства да застанат на патот на филантропските цели. Сепак, како општествено и политичко движење, ефективниот алтруизам понекогаш завршува на необични места.

Луѓето кои го застапуваат главно можат да се опишат како „консеквенцијалисти“, оние кои веруваат дека исправноста или неисправноста на постапките е одредена исклучиво од последиците кои ги создава таквата постапка и дека неговата морална вредност може научно или математички да се квантификува. „Ефективните алтруисти се потпираат на бројките и единечната цена на секој сочуван живот и секоја година спречено страдање“, забележува филозофот Питер Сингер, чии идеали се сржта на ефективниот алтруизам.

Малкумина ќе спорат дека последиците од чинот имаат важна улога во проценката на неговата морална вредност. Проблемот е во тоа што „потпирањето на бројките“, со занемарување на општествениот контекст, често создава несакани последици. Да го разгледаме аргументот дека добро платената работа е морално исправна со самото тоа што овозможува давање поголеми донации за филантропски цели. Мекаскил тврди дека „шпекулативното тргување со жито кое ги дестабилизира цените и ѝ го отежнува животот на глобалната популација на сиромашните“, можеби е „морално контраверзно“, но истовремено е „етички попожелно“ од некои помалку профитабилни кариери.

Сепак, има нешто одбивно во славењето на практиките кои сиромашните ги прават уште посиромашни и погладни само за да се соберат многу пари за на сиромашните да им се помогне да ги преживеат сиромаштијата и гладта. Тоа е аргумент кој ги поставува потребите на донаторите и нивното високо мислење за себеси над потребите на луѓето на кои наводно им се пружа помош.

Мекаскил повлекува линија кај занимањата кои ги смета за потполно „неприфатливи“, како што се „платен убиец, чувар во концетрационен логор, дилер на дрога или трговец со деца“. Сепак, не е објаснето зошто треба да се избегнува кариерата платен убиец или чувар во логор, ако во конечната пресметка збирот би бил позитивен. Сингер тврди дека од строго консеквенцијалистички позиции сосема е можно „барем некои од чуварите во Аушвиц да не постапувале морално неисправно“, дотолку што нивното место „можел да го заземе некој друг... многу побрутален“.

Таквата логика е во спротивност со нашето морално чувство, а може да се искористи за да се оправда речиси секоја постапка, вклучувајќи го она што го направил Сем Банкман-Фрид. Можеби ги лажел инвеститорите, но барем во хуманитарни цели дал повеќе пари од кој било друг измамник кој би бил на неговото место. Таквите аргументи веројатно би ги отфрлиле и повеќе луѓе кои инаку го поддржуваат ефективниот алтруизам, што потврдува дека моралноста сепак не може да се сведе на завршниот биланс и дека достоинството и иманентната вредност можеби се подеднакво важни како последиците кои ги создава чинот.

Ефективните алтруисти се фокусираат на симптомите и ги занемаруваат причините за општествените проблеми, зашто така е полесно, а „полесното“ е она што е „поефективно“. Во книгата Животот што можете да го спасите, Сингер се прашува дали е помудро да се водат кампањи против општествените и економските причини за сиромаштијата или да се ограничиме на давање донации за сиромашните.

Имајќи ја предвид огромната моќ на силите кон кои целат овие кампањи, заради што „политичката промена е малку веројатна“, Сингер заклучува дека е најдобро „енергијата да се насочи на друга страна“. Со други зборови, бидејќи општествените и економските сили кои се генератори на сиромаштијата се далеку од дофатот, мораме да се трудиме да бидеме попрагматични при изборот на целите.

Тоа е тензија која произлегува од самата природа на хуманитарната работа, без разлика дали се работи за народните кујни во Лондон или кампањите за вакцинација во Африка. Народните кујни одговараат на неодложна потреба, но не ги зафаќаат подлабоките причини на таа потреба - надници на работ на бедата и речиси никакви бенефиции. Сепак, многумина од нас сè уште се во состојба истовремено да ја препознаат потребата да им се помогне на луѓето кои ги заборавил системот и потребата да се поведе кампања за трансформација на системот за да се отстрани потребата од народни кујни.

Ако ја заборавиме оваа тензија и ги занемариме темелните причини, ограничувајќи ја потрагата на најефективните начини за ублажување на симптомите, симптомите нема да исчезнат никогаш. „Ефективниот алтруизам“, забележува филозофката Амија Сринивасан, „не се обидува да сфати како функционира сиромаштијата, освен во мерка во која му е потребна за подобро да се прилагоди“.

Следбениците на ефективниот алтруизам одговараат дека „системската промена“ е неспоива со целите на ефективниот алтруизам. Меѓутоа, во праксата движењето се држи до комбинацијата на политички песимизам и етосот на индивидуалистичкото потршувачко општество, занемарувајќи ја колективната борба за општествени промени и давајќи им предност на иницијативите на поединците. Затоа моќта неизбежно завршува во рацете на луѓето со најдлабоки џебови, а претприемачите како Сем Банкман-Фрид стануваат наши херои. Последиците од поклонувањето на таквите хероси сега се претресуваат во една судница во Њујорк.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Virginia Mori

Извор: https://www.theguardian.com/