„Звучни слики” – изложба на Владимир Мартиновски

06.03.2024 11:54
„Звучни слики” – изложба на Владимир Мартиновски

Во Галеријата на МКЦ, на 7 март (четврток), во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Звучни слики” на Владимир Мартиновски.

„Звучни слики” е прва самостојна изложба на писателот и професор Владимир Мартиновски, во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството. Изложбата е сочинета од педесетина дигитални цртежи, акрилици на платно и хартија, како и серија акварели, чии заеднички именител е доживувањето на музиката. Дигиталните дела се настанати за време на концерти, а сликите во различни формати визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Авторот на изложбата е поет, раскажувач, книжевен критичар, преведувач и антологичар.

Владимир Мартиновски е редовен професор на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, каде што ја извршува функцијата декан од септември 2023 година. Добитник е на неколку награди за поезија, расказ и критика, а неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Изложбата ќе биде отворена до 20 март 2024 година.

ОкоБоли главаВицФото