Поезија без дефиниција

21.03.2024 13:57
Поезија без дефиниција

Анри Мишо, Без наслов, 1963

Поезија, тој чир што се шири низ грлото.

Поезија, тој орел што ти го чисти черепот.

Поезија, таа коцкарска игра во која го губиш разумот.

Поезија, таа задача како да се ослободиш од реалноста.

Поезија, тој молк во кој заемно се убиваат мртвите.

Поезија, тој цвет-месојадец со дречливи бои.

Поезија, таа сестра што ти спие под кожата.

Поезија, тие неправди нанесени на најблагите нешта.

Поезија, таа мешаница од длабочините на нежноста.

Поезија, твоето одбивање на видливото кралство.

Поезија, тој отров што ти го внесува сомневањето.

Поезија, таа градина полна со луди дрвја.

Поезија, твојата лекција што те учи на неучење.

Поезија твоето враќање во родниот океан.

Поезија, твојата среќа да бидеш некој што е различен од тебе.

 

Ален Боске (Alain Bosquet, 1919-1998), е псевдоним на Анатол Биск - фрaнцуско-белгиски поет и писател со руско потекло. Роден е во Одеса, но малку подоцна семејството му емигрира во Варна, во Софија, па набрзо во Белгија. Студира во Брисел и Париз. Во 1940 го мобилизира белгиската војска. Во 1942 заминува за Њујорк, каде што го уредува антифашистичкиот весник „La Voix de France“. Во Франција се враќа заедно со американската војска во 1944 година.

Пишувал поезија, есеи, романи - опусот му е импозантен. Мошне ценет и наградуван.

Други песни и текстови од Ален Боске на Окно

Препев: Влада Урошевиќ
Слика: Анри Мишо

ОкоБоли главаВицФото