Турција ја прекина трговијата со Израел поради „хуманитарната трагедија“ во Газа

04.05.2024 01:21
Турција ја прекина трговијата со Израел поради „хуманитарната трагедија“ во Газа

Турските власти ги прекинаа трговските односи со Израел, а турското Министерство за трговија соопшти дека мерките ќе траат се додека Израел не дозволи „непрекинат проток“ на помош во Газа, пишува Би-би-си.

Трговијата меѓу двете земји минатата година беше вредна речиси 7 милијарди долари.

Министерот за надворешни работи на Израел го обвини турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека се однесува како „диктатор“.

Турскиот министер за трговија, Омер Болат, го критикуваше „бескомпромисниот однос“ на Израел кон прекинот на огнот, како и хуманитарната ситуација во градот Рафах во јужниот дел на Газа.

„Турција го прекина целиот извоз и увоз со Израел додека не се воспостави траен прекин на огнот и додека помошта во Газа е дозволена без никаков прекин“, изјави тој.

Во 1949 година, Турција беше првата земја со мнозинско муслиманско население што го призна Израел, но односите се влошија во последните децении.

Во 2010 година, Турција ги прекина дипломатските односи со Израел откако 10 пропалестински турски активисти беа убиени во судири со израелски командоси кои се качија на брод во турска сопственост, обидувајќи се да ја пробијат израелската поморска блокада на Појасот Газа.

Односите беа обновени во 2016 година, но двете земји ги протераа меѓусебните највисоки дипломати две години подоцна во спорот околу убиството на Палестинците за време на протестите на границата Газа-Израел.

Извор: https://meta.mk/