Дали арапската револуција важи и за жените

31.03.2011 12:41
Дали арапската револуција важи и за жените

Носеа транспаренти, извикуваа пароли, учествуваа во демонстрациите и уличните борби со полицијата, во акциите на друштвените мрежи. Дали жените ќе учествуваат и во новите државни структури во Египет и Тунис?

Амал Абделхади, египетска активистка и соосновачка на здружението „Нова жена“, вели дека треба да се биде трпелив.

„Многумина мислат дека, откако ќе имаме парламент избран на слободни избори, автоматски ќе имаме и совршена демократија, дека жените ќе ги добијат сите права. Јас мислам поинаку – дека долгиот и тежок пат кон демократијата допрва почнува. Постепено почнува основањето политички партии и институции – тие изработуваат програми, а во тоа учествуваат и жените, младите жени... Но тоа е само првиот чекор“, вели Амал.

Дека уште многу треба да се направи докажува и составот на Уставната комисија кој го формираше египетската војска. Во неа не се најде ниедна жена – иако, според мислењето на активистката Амал, има доволно египетски жени-стручњаци по уставното право.

Жените во Египет повеќе не сакаат да се помират со тоа. Тие се организираат за во новиот политички поредок да добијат поголеми права. Дванаесет женски организации се обединија со таа цел.

На Амал Абделхади и останатите активистки и борци за правата на жените им е јасно дека наредната фаза во обликувањето на новите државни структури бара напаорна работа.

„Ако луѓето ја искористат оваа единствена можност, Египет може да се претвори во модерна, демократска држава“, вели Абделхади.

На истото се надева и Сана Бенашур, туниска активистка и претседателка на Сојузот на демократските жени. Во Тунис жените активно учествуваа во уривањето на стариот режим, но сè уште е неизвесно како ќе се развива ситуацијата понатаму.

„По падот на стариот режим се појавија бројни општествени струи кои пропагираат назадно сфаќање на улогата на жените. На тие струи не треба да им се припишуваат големи изгледи за успех, бидејќи претставуваат малцинство“, вели Бенашур.

Затоа таа останува оптимистка, па дури не ја исклучува ни можноста дека во иднина некоја жена би можела да стане претседателка на Тунис.

„Тоа би било можно. Можеби не во наредните месеци, но во наредните години. Имам доверба во туниското општество... А жените и понатаму ќе се борат за своите права, сè додека идејата за рамноправност не биде целосно прифатена во нашето општество.“

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото