Разгледница од Косово

29.07.2011 10:56
Разгледница од Косово

Деновиве на Косово дојде до вистинска мала вонредна состојба по интервенцијата на косовските специјални сили РОСА на граничните премини на северот. Во медиумите во Србија постои консензус околу оваа акција на властите во Приштина: Албанците, како и секогаш, се виновни кога спроведуваат унилатерални акции на северот, а Србите во Митровица (се разбира) се во право, бидејќи го бранат „нашиот“ север. Меѓутоа реалноста на терен е сосем поинаква. Луѓето кои денес го „бранат“ северот на Косово всушност ги „бранат“ бандитите во своите редови, криминалците кои криумчарат акцизна стока, луѓе, дрога и останати добра. Тие не дозволуваат на северот на Косово да се воспостави царинска контрола како на другите гранични премини меѓу Србија и Косово. Отсуството на добра царинска и полициска контрола на граничните премини на север овозможува богатење на голем број луѓе, и тоа на сметка на даночните обврзници и во Србија и во Косово.

На северот од Косово постои премолчен договор – криминалците („патриотите“) криумчарат, граѓаните примаат двојни плати од Белград, а Борко Стефановиќ (српски претставник во преговорите меѓу Белград и Приштина) во Брисел ја брани таквата состојба. Од друга страна, владата во Приштина е заинтересирана да воспостави суверенитет на целата територија на Косово, во склад со планот на Ахтисари, со (скромна) поддршка на САД, но без онаа на ЕУ. Србија е заинтересирана во рамките на преговорите меѓу Белград и Приштина да обезбеди еден вид посебен статус за северот, а идеално би била поделба на Косово, во што нема поддршка од меѓународната зедница (освен Русија).

Луѓето во ќулавки кои го запалија и со булдожер го срамнија граничниот премин Јариње и кои ги нападнаа и новинарите и пукаа врз припадниците на косовската полиција и КФОР, се составен дел од војската на Воислав Коштуница (и сличните на него), односно, воено крило на Србите од северот на Косово. Парадоксално, тие не одговараат пред официјалната администрација во Белград, т.е. пред претседателот Тадиќ, туку пред оној дел на Србија кој сака да живее во трајна воена состојба. Одговорноста на Тадиќ лежи во неспособноста конечно да ги разоружа екстремистите од северот и да подвлече историска линија во однос на Косово. Едно нешто е сосем јасно – без поддршка на еден дел од паралелните структури во Белград, нападот и запалувањето на граничниот премин не би биле можни. Исто така, со ваквото однесување Србија сериозно го ризикува добивањето статус за кандидат за членство во ЕУ, односно, добивањето датум за почеток на преговорите.

И на крај, додека медиумите во Србија се согласни дека ваквата интервенција на Приштина е „варварски чин на варварскиот народ“, кој се кој мора да го осуди, поставувам едно прашање: дали го знаете името и презимето на 32-годишниот косовски полицаец кој завчера, во близина на граничниот премин Брњак, со истрел од снајпер беше погоден во глава, по што почина на операционата маса во Ургентниот центар во Приштина? Неговото име е Енвер Зумбери, татко на три деца од Приштина.

Извор: peščanik.net

ОкоБоли главаВицФото