Белград мора да ја прифати историјата

29.07.2010 11:15
Белград мора да ја прифати историјата

Белград лошо поминува во странските судови. Првин Меѓународниот суд на правдата минатата недела даде советодавно мислење за косовската Декларација за независност од 2008, која главно се смета за значајна победа на Косово.

Сега судијата Тимоти Воркман не го отфрли толку, колку што го уништи српскиот обид некогашниот босански лидер Ејуп Ганиќ да му се испорача на Белград, за да му се суди за воени злосторства поради познатиот напад на улицата „Доброволјачка“ во Сараево, 1992 г.

Нападот на пробосанските сили врз конвојот на југословенската армија, додека конвојот се обидувал да го напушти Сараево под заштита на ОН, на 3 мај 1992, беше нечесен и злосторнички.

Но дали сите нечесни злосторства се еднакви? Претставката на Белград во Лондон изгледаше како чуден обид сè да се покрие со политичка слуз, со цел создавање посебен просрпски силогизам: Сите одвратни луѓе се виновни; сите кои беа вклучени во настаните во Југославија се подеднакво одвратни; според тоа, сите се подеднакво виновни – и, патем кажано, подеднакво невини.

Ова (најблаго кажано) е во несклад со фактите. Како најголема поранешна југословенска република, Србија можеше да го одреди статусот на иднината на целиот регион, инсистирајќи на реформи и демократија. Наместо тоа, Милошевиќ насилно ја искористи тежината на Србија да ги втурне сите во нови етнички факти на теренот.

Што ќе биде сега? Речиси ништо од црните сценарија. Проблематичните односи меѓу Белград и Сараево ќе продолжат, со очите на лидерите на Република Српска вперени во Косово, и нивното маневрирање против политичките интеграции со Сараево. Локалните судења за воени злосторства ќе продолжат, со одреден успех. Деловните, културните и останатите врски во регионот ќе зајакнуваат. Ништо никогаш вистински не е решено на ова подрачје.

Англиското право се повикува на латинските максими. Една од нив гласи ex turpi causa non oritur actio – „ниеден чин не следи од нечесен повод“. Или, на сосем јасен јазик, „избриши ги чевлите пред да влезеш во оваа судница“.

Претседателот Тадиќ во Белград би требало да си ги избрише српските чевли и да престане со дискредитирачката белградска политика на „релативизирање“ на потеклото на конфликтот од 1990-те. Тоа значи апсење на генералот Младиќ и соочување со најголемото европско злосторство на модерното доба – масакрот во Сребреница од 1995 г.

Чарлс Крафорд е поранешен амбасадор на В. Британија во Белград.

Извор: The Independent

Слика: Marco Zamora

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото