Вистинскиот проблем на Балканот е религијата

08.08.2011 13:55
Вистинскиот проблем на Балканот е религијата

Известувајќи за тоа како српската влада го уапси масовниот убиец, генералот Ратко Младиќ, Њујорк тајмс, вака ја опиша новонастаната политичка ситуација: „Клучните прашања остануваат без одговор. Кој точно го штитеше Ратко Младиќ? Прозападната влада на претседателот Борис Тадиќ тврди дека ќе изврши истрага. Таа истрага е политички деликатна и може да доведе до поранешните државни официјални лица а можеби и до црковните великодостојници, бидејќи Младиќ по апсењето изјави дека низ годините го посетувале многу свештеници.“

Ако продолжиме понатаму, ќе видиме дека известувачите на Њујорк тајмс, Дорин Карвахал и Стивен Ерлангер, остануваат на оваа тема: „Државните власти, вклучувајќи го и претседателот Тадиќ, ветија дека ќе ја испитаат мрежата од соработници, особено за да утврдат дали некои помагачи биле државни службеници, високи функционери, или дури свештеници на Српската православна црква“.

Зборовите од претходниот пасус не се нагласени во оригиналниот текст, туку тоа го направив јас. Карвахал и Ерлангер можеме да ги критикуваме за три различни известувачки пропусти. Првиот е користењето на клучниот збор два пати во ист текст без појаснување. Вториот е силната претпоставка („можеби дури и“) дека улогата на свештеникот во една криминална насилничка кариера е причина за шок, како и за, што не е баш исто, изненадување. Третиот е големото непознавање на поновата историјата на Балканот, зашто мислат дека припадноста на српското православно свештенство ја намалува можноста, наместо да ја зголеми, дека таа личност ќе биде вмешана во сериозно кршење на човековите права.

Дали реков „поновата историја на Балканот“? Би било поблиску до вистината да се каже дека целата историја на овој простор е една долга конфесионална караница, која, споена со ултра-отровниот национализам, беше доволно силна да го вовлече целиот модерен свет во катастрофалната војна во летото 1914 година. За малку истото ќе се случеше во пост-студената јужна и јадранска Европа по 1990 година, а запирањето на војната беше скапо платено во крв. Црковниот елемент на овој кошмар е замаскиран со навиката на медиумите завојуваните страни да ги нарекуваат „Срби“, „Хрвати“ и „Муслимани“. Веќе на прв поглед гледате дека на оваа матна и субјективна слика и’ недостасува симетрија.

За време на деведесеттите, националистичките заговорници за „Голема Србија“, кои се обидуваа да ги тргнат несрпските жители од својата територија и територијата на соседните републики, беа претежно православни христијани, собрани околу верската иконографија и пропаганда. Исто така, со збирната именка „Хрвати“ се нарекувани римокатолиците од Хрватска и западна Херцеговина, кои исто така сакаа своја „чиста“ и верска држава. Во четириесеттите години на минатиот век таква држава и остварија, во форма на националистички протекторат под раководство на екстремно католичката фашистичка партија наречена Усташи. Српското сеќавање на овој период е страшно трауматично, делумно затоа што усташката програма подразбираше и присилно покрстување на православните, како и сурово казнување на оние кои го одбиле тоа. (Не сакам да барам некое плитко оправдување, но изгледа дека и таткото на генералот Младиќ бил меѓу српските жртви на оваа програма.)

Наспроти некои медиумски стереотипи, муслиманското раководство во Босна беше изразито секуларно насочено. Тоа особено важеше за навистина мултиетничкото и мултирелигиозното Сараево, кое стана посебна мета на гневот на Младиќ. Имаше и некои верски злосторства извршени на босанските сили и некои исламистички „доброволци“ кои накратко влегоа во земјата во потрага по џихадски предизвик, но набљудувачите главно се согласуваат дека босанската страна е најмалку виновна и дека шансите завојуваните страни или паравојските ќе се однесуваат варварски беа пропорционално со нејзината религиозност – поентата е иста, само поинаку искажана. Секуларистите беа и на мета на „своите“ заедници. Единствениот добар виц кој го слушнав во тие одвратни години (се извинувам на читателите кои можеби веќе го слушнале од мене) ми го раскажа хрватскиот интелектуалец Жарко Пуховски. „Ако си Хрват и кажуваш дека си атеист“, ми раскажа тој, „прво те прашуваат ’Како можеш да докажеш дека не си Србин?’“ Пуховски делумно е и Евреин, што на просторот на ваква територија носи посебни проблеми.

Кога српските етно-фашисти се прашани какви права полагаат на Косово, регион каде што Србите се мало малцинство, тие приговараат дека Косово е српско зашто тоа е нивна светост и дека тоа е српски „Ерусалим“. Веднаш знаете што следи: цивилите ќе бидат убиени и протерани за да се заштити интегритетот на костурниците, реликвиите и пештерите. А војната на Косово, колку и ужасна да беше, многу лесно можеше да биде многу полоша. Моментално единствено нешто што го спречува обновувањето на етничко крвопролевање е страшното свежо сеќавање на минатиот пат и на некаква надеж во лабавата иднина која зависи од зауздувањето на локалните атавизми. Религијата за малку не ја уништи економијата и општествата на поранешна Југославија, а нанесе длабока и трајна штета на нејзините народи и култура. Но, во дневниците на американскиот либерализам, цврстата врска меѓу религијата и фанатизмот се бележи како фрапантен исклучок наместо како грдо правило.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото