Назад, назад, Калино моме…

28.01.2012 16:07
Назад, назад, Калино моме…

Мислам дека чувството на секој нормален човек во земјава, кој имал прилика да ги следи изјавите, средбите и другите ни такви залагања околу евроатлантските интеграции, варира помеѓу вчудовиденост и вџашеност. Тоа чувство, чинам, најмногу се здобива поради леснотијата со која, неколку пати во последните недели, ни се кажа дека овој процес ни е блокиран. Како да се работи нешто за неважно за оваа земја, а не за главниот процес, во кој, нели, многу вложуваме и сè уште останува единствената стратешка насока на земјава. Единствено поради тоа што другите спомнати се или неисплатливи или неизводливи. Така, од Русија лесно би можеле да добиеме предлог како, заедно со косовските Срби, топтан да се иселиме во Сибир. Од Турција и Израел не, затоа што не би знаеле како да постапиме, кога ете, ним, меѓу себе, не им врви муабетот. Некој како Катар би нè купил, можеби, но за тоа да се случи, сепак треба да се спроведе попис. Па, ние ни јагниња не знаевме колку имаме, кога принцот од Катар, нели, сакал сите да ги купи!

Но, освен што се единствена насока, евро-интеграциите за нас се важни и од два други аспекта. Првиот е тоа што граѓаните евроинтегрирањето го сметаат и за државотворен процес. Процес кој, сосе реформите и критериумите што ќе се исполнат за ЕУ, ќе доведе до тоа Македонија да стане држава во која ќе владее правото. Другиот момент е кохезивноста, што овој процес го содржи за внатрешна употреба. Имено, ЕУ-НАТО аспирациите се едно од ретките големи нешта што ги поврзуваат мнозинството граѓани на оваа земја. Пред сè, двете најголеми заедници; Македонците и Албанците. Кои, судејќи според спортското навивање, гледаме дека имаат сериозна потреба да поседуваат нешто кохезивно, за и во иднина да живеат во илјада години неделивите села и градови, каде што заедно сме живееле отсекогаш. А Европа е баш по наш терк: ни дава кохезија, но не нè тера да се сакаме. Впрочем, за ова работа и не треба љубов. Сè се сведува на почит и на договор. Како што само ден после референдумот на Хрватска за приклучување кон ЕУ, хрватскиот претседател отиде во Албанија, или како што грчките и бугарските европратеници се здружија за резолуција за Македонија!

Мерено според сево ова, излегува дека Македонија, теоретски, може да изгуби многу повеќе кога не би имала евро-атлантски интеграции и аспирации, отколку што би можела да изгуби, во некој даден момент, кога и не би постоела Европска унија, воопшто. Преведено на состојбите на Балканот, каде што е многу важно што велат и што прават комшиите, на Македонија ѝ се исплати НАТО, дури од комшиите во Алијансата да остане само Албанија, како што ѝ се исплати и ЕУ, дури и да таму остане само Бугарија.

Затоа, сметам дека вистинското прашање е што ние конкретно правиме за ЕУ-НАТО интеграциите, освен оние изјави, средби и други состанчења. Или, колку сме ние креативни, кога од другите бараме креативност? Освен, ако за креативност не се смета оваа нова практика на давање свечен пионерски збор пред камери, што последен пат ја практикуваше премиерот пред некој ден. Во таа пригода, очекував некој новинар да му предложи на премиерот и да се заколне, кога така, на жими мајка, без да наведе некаков показател дека нешто сторил, кажа дека со сите капацитети работи на проблемот. Вистинската креативност, во тој случај, веројатно би се состоела во тоа премиерот да каже: Жими Теута, ние работиме за да влеземе во ЕУ! Сево ова личи како цело време да им се пее на Европа и на НАТО, но и на граѓаните кои вистински веруваат во овој процес, песната: Назад, назад, Калино моме!

Симболично го открив тоа, читајќи го последното интервју на премиерот, кое беше дел од напорите за конструирање на некаква своја реалност, без никакво соочување или предочување на вистинската реалност. Такво нешто е возможно само во пачавра весник. Самиот момент на давањето на интервју за медиум, токму на денот кога сопствеништвото на истиот тој медиум уште повеќе преоѓа во рацете на конструираната реалност, кажува многу. Симболиката на песната ја препознав во три пати наведенето – ха, ха, ха! Имено, на едно прашање, како дел од одговор, стои дури три пати извикот – ха! Таму и се открива конструираната реалност од вистинската. Знаевме дека најмногу со два пати напишано „ха“ се опишува смеењето. Но, изгледа дека тоа не важи за констриуираната реалност, каде често и прашувачот и прашаниот е еден ист човек, па си става „ха“ колку му душа сака! Тука трипати, токму колку и во песната, каде јунакот трипати ја одвраќа убавата Калина! Првиот пат со висока гора, па вториот пат со длабока река, за на крајот да каже дека си има убава жена и две мали дечиња. Високата гора од песната кај нашиот пример би било прашањето за името, кое, на сите ни станува јасно, нели, дека е слоевито прашање како високите гори. А од сето што и насадија патем, тие станаа и густи шуми. Тука Албанците немаат можност многу да придонесат, освен што веќе и го направија, со делегирањето на Абдилаќим Адеми, во државниот врв, за името. Се работи за актуелниот ни министер за екологија, кој патем, се грижи и за странските инвестиции, кога се работи за загадувањето на Велес! Плус тоа, тој е од село Шемшово, истото село каде името на основното училиште долго време беше проблем!

Длабоката река од песната би била токму непостоењето на други алтернативи и на други кохезивни нешта, или процеси, во целата нација. Река во која сите би можеле да се удавиме, да потонеме или да пропаднеме. Но, во третиот дел од песната, би можеле да го насетиме сето манипулирање и замајување, што ни се прави во врска со ЕУ и со НАТО. Токму поради тоа што сите ние чувствуваме дека само двете дечиња, Македонците, Албанците и другите граѓани, се вистината и вистинската реалност. Убавата жена или ја нема, или отишла со друг за пари, или е прва во мизерија, или пак е неправедна кон дечињата, ги дели и ги с`ска едни против други. Или, пак, им го троши џепарлакот на дечињата, за да купи шминки за себе! Некоја злобна и неправедна, како неправедна држава кон своите граѓани. Тука некаде, во песната, можеме да го најдеме и решението. Имено, иако песната е тажна, таа, според моето читање, сепак завршува со среќен крај. Поради тоа што Калина е последната што пее. И на крајот, иако збори за чума и за сотрување, се заветува за најважното за во иднина – дека ќе ни ги чува дечињата.

Таман работа ако оваа ЕУ сега треба да стане нашата упорна Калина. Во поглед на нејзината состојба сега, сите сме реалисти, сосе црната грчка чума во неа. Но, ние не треба да се фокусираме само на тоа што е ЕУ во моментот, без притоа да есапиме колку ете таа на нас самите ни треба. Ако и, ваква-таква, таа ни ветува сè, тогаш и тоа за нас е доволно, таман колку да се сториме сокол пиле и мрена риба. Гора да прелета, река да преплива...

Извор: Фокус, 26.01.12.

Илустрации: Miju Lee

ОкоБоли главаВицФото