Како Норвежаните ги победија оние 1%

31.01.2012 11:54
Протести во Шведска во 1931 г.

Додека многумина од нас работат да обезбедат долготрајно влијание на движењето „Окупирај“, треба да се присетиме на другите земји во кои народните маси успеале преку ненасилен отпор да се изборат за висок степен на демократија и економска правда. На пример, Шведска и Норвешка го искористија клучното поместување во односите меѓу политичките сили во 1930-те години по долготрајната ненасилна борба. Тие ги „отпуштија“ оние 1% моќни луѓе кои го одредија развојниот пат на општеството, и така создадоа основа за нешто поинакво.

Обете држави искусија историја на ужаснувачки глад, па за време на вледеењето на елитата, или оној 1%, стотици илјади луѓе емигрирале за да го избегнат изгладнувањето до смрт. Меѓутоа, за време на владеењето на работниците, обете земји изградија стабилни и успешни стопанства кои речиси во целост ја отстранија сиромаштијата, го проширија бесплатното универзитетско образование, ги укинаа градските сиромашни населби, обезбедија универзална и бесплатна здравствена заштита, како и воведоа систем на целосна вработеност. За разлика од Норвежаните, Швеѓаните немаат нафтени наоѓалишта, но тоа не ги спречи да го изградат она што ЦИА во својата Книга на светски податоци (CIA World Factbook) го нарекува „завиден животен стандард“.

Ниедна од овие две земји не е утопија, како што сигурно веќе знаат читателите на крими-романите на Стиг Ларсон, Курт Валендер и Јо Несбо, критички автори кои се обидуваат Шведска и Норвешка да ги втурнат на патот кон понатамошна изградба на уште поправедни општества. Па сепак, веќе постигнатото буквално ме запрепасти кога во 1959 г., како американски студент и активист, првпат се сретнав со Норвешка, каде што малку го научив норвешкиот јазик и се запознав со нејзината култура. На пример, се сеќавам дека со часови возев велосипед низ еден мал индустриски град, залудно барајќи сиромашни квартови. Повремено, опирајќи му се на виденото, конструирав приказни како „објаснување“ на разликите во однос на САД: „мала земја“, „хомогена“, „општоприфатливи заеднички вредности“. Конечно се откажав од наметнување на своите концепти врз овие земји и си ја признав вистинската причина: нивната историја.

Тогаш дознав дека Швеѓаните и Норвежаните платиле одредена цена во својата ненасилна борба за подобар животен стандард. Постоеле времиња кога скандинавските работници не можеле да очекуваат дека изборната сцена може да ги оствари промените во кои верувале тие, но сфатиле дека со оние 1% на власт демократијата е обликувана против работничките интереси, и дека е потребна ненасилна директна акција како сила која би предизвикала промени.

Во обете земји воените трупи се повикани да ги одбранат тие 1%, и луѓе гинеле. Наградениот шведски филмаџија Бо Видерберг живописно ја раскажа оваа шведска приказна во филмот „Адален 31“, кој зборува за штрајкувачите кои загинале во 1931 г. и за генералниот штрајк кој го предизвикале тие загинувања.

На Норвежаните им било потешко да организираат кохезивно народно движење, бидејќи малубројното население на Норвешка – околу 3 милиони – било широко распрскано на територијата со големина на Британија. Луѓето биле одделени од планини и фјордови, а во изолираните долини зборувале и на различни дијалекти. Во 19-от век со Норвешка владеела првин Данска, а потоа и Шведска, а Норвежаните во европскиот контекст биле сметани за безначајни „селски тапоглавци“. Дури во 1905 г. Норвешка конечно станала независна земја.

Кога во првата деценија на 20-от век работниците основале синдикати, генерално се свртеле кон марксизмот во својата борба за револуција и непосредни краткорочни придобивки. Ги воодушевил падот на царизмот во Русија, па Норвешката работничка партија ѝ се придружила на Лениновата Комунистичка интернационала, но не за долго. Едно од несогласувањата меѓу Норвежаните и стратегијата на ленинистите била улогата на насилството: Норвежаните сакале победа на својата револуција преку колективна ненасилна борба, низ основање кооперации и низ борбата на политичката сцена.

Интензитетот на штрајковите се засилил во текот на 1920-те години. Градот Хамерфест во 1921 г. основал комуна под водство на работничкиот совет, па армијата интервенирала за нејзино уривање, што за возврат предизвикало општ национален штрајк. Работодавците со помош на државата го задушиле тој штрајк, но работничкиот бунт повторно избувнал во штрајкот на металните работници во периодот 1923-1924 г.

Владејачките 1% во Норвешка решиле да не се потпираат само на војската, туку во 1926 г. го основале движењето Патриотска лига, чии членови главно биле од средните слоеви на општеството. До 1930-те години Лигата – во земја од само 3 милиони жители – нараснала на 100.000 членови за вооружена заштита на работниците кои не се одзивале на повиците за штрајк.

Во меѓувреме Работничката партија го отворила своето членство за сите, без оглед дали нивните работни места биле покриени со синдикатите. На партијата ѝ се придружиле марксистите од средниот сталеж и некои реформисти, покрај могуте работници на фармите, па дури и некои сопственици на помалите фарми. Работничкото раководство сфатило дека во долготрајната борба отпорот мора непрестајно да се организира, проследен со истовремено промовирање на ненасилната борба. Среде оваа растечка поларизација на општеството, работниците во Норвешка во 1928 г. започнале уште еден бран штрајкови и бојкоти.

Кога Големата депресија го достигнала своето дно во 1931 г., во Норвешка имало најмногу невработени одошто во која било друга нордиска земја. Но, за разлика од САД, норвешките синдикати ги задржале во своите редови и луѓето кои ја изгубиле работата, иако повеќе не можеле да ја плаќаат членарината, што резултирало со масовна мобилизација на работништвото: кога работодавците присилно ги држеле фабричките работници вон кругот на фабриката за да ја намалат цената на трудот, работниците одговориле со масовни демонстрации.

Многу работници во тој период откриле дека станбените кредити им се загрозени (звучи познато?), но – како што се продлабочувала економската криза, ни фармерите повеќе не можеле да ги отплаќаат своите кредити, па во руралните области растеле немирите, а народот се собирал за да го спречи исфрлувањето на семејствата од нивните фарми. Аграрната партија, која ги собирала крупните земјопоседници и дотогаш соработувала со Конзервативната партија, почала да се оддалечува од владејачкиот слој од 1% бидејќи нивните членови се посомневале во способноста на тесното малцинство да владее со мнозинството.

До 1935 г. Норвешка била на работ од распадот. Владата под водство на конзервативците секојдневно го губела својот легитимитет, а ситуацијата на владејачкиот 1% станувала сè побезнадежна како што растела милитантноста на работниците и земјоделците. Работниците верувале дека конечното сметнување на владејачката класа е само прашање на неколку години, иако мизеријата на сиромашните растела секојдневно, па Работничката партија била изложена на притисок на своите членови за олеснување на нивното страдање. Единствениот начин да се постигне тоа било постигнувањето компромис со спротивната страна за преземање на заедничките одговорности во владеењето со нацијата.

Така и било. Во спогодбата која на сопствениците им овозможила да го задржат правото на сопственост и управување со нивните фарми, Работничката партија во коалиција со Аграрната партија ја презема државната власт. Новата влада ја проширила економијата, започнала проекти од јавен карактер за остварување на целосна вработеност, што станало основа за економската политика на Норвешка. Успехот на работништвото и неговата продолжена милитантност го отвориле патот кон намалување на повластувањата што ги имале оние 1% богати до точка во која сите големи фирми станале јавна сопственост.

На тој начин владејачкиот 1% ја изгубил својата историска моќ за превласт во економијата и општеството. Конзервативците во владејачката коалиција се вратиле по дури три десетлетија, но во меѓувреме ги прифатиле веќе усвоените правила на игра, вклучувајќи го и високиот степен на јавна сопственост над средствата за производство, системот на прогресивни даночни стапки, строги деловни регулативи за општа корист и конечно исчезнување на сиромаштијата. Кога конзервативицте на крајот сепак се обиделе да ги спроведат своите трикови на неолибералната политика, економијата вештачки се напумпала и тргнала кон пропаст (звучи познато?).

На сцената стапува Работничката партија која ги презеде трите најголеми банки, го отпушти нивното највисоко раководство, сопствениците на акции останаа без скршен денар и одби да спасува некоја од помалите банки. Благодарение на добро исчистениот финансиски сектор, Норвешка не се најде меѓу загрозените земји во кризата од 2008 г. Внимателно регулиран и во мнозинска јавна сопственост, нејзиниот финансиски сектор беше солиден.

Иако веројатно Норвежаните нема да ви раскажуваат за тоа при првата средба, факт е дека нивното општество со високо ниво на слободи и широко учество во неговиот напредок е втемелено кога работниците и земјоделците, во сојуз со припадниците на средната класа, започнале ненасилна борба за владеење на народот со цел заедничко добро за сите.

Авторот (George Lakey) е професор на колеџот Swathmore и е долгогодишен активист, автор на многу книги и новинарски статии. Учествувал во многу протести во одбрана на граѓанските слободи, а бил и неколкупати уапсен.

Извор: wagingnonviolence.org