Како настана СИРИЗА

29.06.2012 14:47
Како настана СИРИЗА

Грчката коалиција на радикалната левица, позната како СИРИЗА, од мала политичка алијанса дојде до второто место на изборите кои беа одржани на 6 мај оваа година, пред партијата на левиот центар, ПАСОК, која беше на власт во Грција поголем дел од изминатите 4 децении, и речиси еднаква во гласовите со водечката партија Нова Демократија. Бидејќи ниту една од трите партии со најмногу гласови не успеа да формира влада, изборите беа повторени на 17 јуни. СИРИЗА за малку не победи на озборите, но нејзиното значење е несомнено.

Поради тоа, сега е идеално време да погледнеме како дојде до создавање на СИРИЗА која настана како алијанса на повеќе помали левичарски организации и индивидуалци.

СИРИЗА е политичко движење на грчките левичарски партии и организации, и во нејзината структура се наоѓаат реформистички и револуционерни сили. Ова се главно двете главни причини кои доведоа до еволуција на коалицијата и до нејзината денешна сила.

Првата ставка е дека сите партии кои ја сочинуваат СИРИЗА имаат право на независен јавен настап и изнесување на своите идеи и политики. Па така, внатрешната дебата помеѓу различните сили често е жестока и отворена. Но, токму тоа ѝ осигура еволуција на СИРИЗА, фактот дека коалицијата не е доминирана од една сила. Друга важна ставка е тоа што СИРИЗА со својот отворен карактер успеа околу себе да ги собере активистите кои не се директно поврзани со структурата на организацијата.

Позадина на основањето на СИРИЗА

СИРИЗА е формирана во 2004 г. На почетокот на 2000 г., реформистичката партија Синасписмос (скратено СИН, целосно име: Коалиција на левичарското движење и Екологија), беше во изборен пад и не беше повеќе во состојба да добие доволно гласови за влез во Парламентот. Причината за тоа беше нивната политика на лев центар поради што партијата изгледаше како сателит на ПАСОК. Зборуваме за блага, „умерена“ левица која нема премногу идеали, всушност, примарниот идеал ѝ беше да се дограба до удобните фотелји во грчкиот и Европарламентот. Анкетите покажуваа дека најверојатно ќе ги изгуби изборите и тогаш им стана јасно што им треба.

На организацијата ѝ требаше итно свртување кон лево, и СИН тоа го постигна преку силен анти-глобалистички став и анти-воено движење во 2003 г., противејќи се на инвазијата во Ирак. Дали тие ставови беа искрени или само предизборен спин за осигурување на левичарските гласачи, не можеме да прејудицираме, но ова всушност беше и почетокот на создавање на СИРИЗА.

Имено, честото заедничко делување во слични опкружувања како антикапиталистичката ДЕА (целосно име: Интернационална Работничка Левица), доведе до формирање на заеднички активности и формирање на Грчки Социјален Форум. Ова е важен детаљ, бидејќи го означува прекинот на секташтвото кое долги години беше специфично за фрагментараната грчка левица. СИН и ДЕА, и покрај фактот дека доаѓаат од прилично различни позадини, сега наоѓаат заеднички јазик – заедно му се противат на глобализмот и на иницирањето на нов бран империјализам на Блискиот Исток. Со тоа што ДЕА веројатно навистина мисли така, додека СИН во анти-империјализмот гледаат згоден начин за враќање во Парламентот.

Набрзо членовите на двете партии увидуваат дека постојат многу заеднички точки преку кои можат да делуваат и така настанува СИРИЗА, како спој помеѓу СИН и ДЕА. Дали овие опции се навистина комплементарни или се работи исклучиво за потреба од заедничко политичко делување? Има по малку вистина и во двете констатации. Заедно се во состојба околу себе да соберат широк спектар на левичарско избирачко тело кое само по себе е поделено.

Синасписмос по иделогија се реформисти, додека ДЕА се со револуционерно политичко убедување. Но, двете опции гледаат на дејствувањето низ демократскиот процес како најдобра шанса за имплементација на своите ставови.
Синасписмос, од каде што доаѓа и актуелниот претседател Алексис Ципрас, се реформисти и не го кријат тој свој став. Синасписмос немаат премногу допирни точки со револуционерниот социјализам и марксизам, за разлика од ДЕА, која е заснована токму на тие принципи. Синасписмос е типична партија заснована на идеалите на таканаречениот Еврокомунизам – идеологија која заговара дека западна Европа мора да има своја сопствена визија и интерпретација на социјалистичко општество наспрема идеите кои тогаш беа имплементирани во Советскиот Сојуз.

Но, денес терминот „Еврокомунизам“ се користи за опишување на реформистичките струи кои повеќе не се грижат претерано за укинување на капитализмот.

Сепак, СИН не се социјалдемократи, туку демократски социјалисти. Покрај обичната пермутација на зборовите, разликата и тоа како е значајна. Денешната социјалдемократија е капиталистичка иделогија на центарот (на пр. ПАСОК), без какви било конкретни левичарски тенденции, освен понекој пригоден слоган и иконографија. Од друга страна, демократските социјалисти речиси во целост ја одбиваат идејата за социјалдемократија, пред сè поради фактот дека социјалдемократијата нема никакви замерки на капиталистичкиот начин на производство. Демократскиот социјализам, барем во теорија, е нешто друго – идејата е дека со уредени демократски процеси може да се воведе социјализам, како своевидна волја на народот. Добар пример за демократски социјалист беше шведскиот премиер улоф Палме.

Но, на почетокот СИРИЗА не беше оформена поради стопувањето на политичките идеи, туку првенствено со цел некако заеднички да се доближат до минималните 3% од гласовите кои би им овозможиле влез во Парламентот во 2004 г. Но, многу активисти кои започнаа да се собираат околу овој проект имаа сосема други визии за оваа унија. На проектот му пристапија бројни помали партии кои дотогаш беа сосем неповрзани. Во тој процес структурата на најголемата членка, СИН, започнува да се менува – другите помали партии, како ДЕА и останатите, започнуваат да вршат притисок врз реформистичката идеја на Синасписмос.

Револуционерите тешко се мират со идеите на реформизмот и тој факт силно ја обликува модерната СИРИЗА која денес сакаме поблиску да ја запознаеме.

Првата голема криза на СИРИЗА

Веднаш по изборите (2004) на кои СИРИЗА освои 3.26% и место во Парламентот, во коалицијата изби првата голема криза, своевидното очекувано предавство на реформистичката партија Синасписмос. Уште еднаш ќе се покаже зошто револуционерните социјалисти со причина имаа сомнежи кон реформистите. Водството на Синасписмос започна во целост да го занемарува притисокот кој доаѓаше од страна на помалите левичарски организации, без кои всушност никогаш немаше да ја има СИРИЗА, а Синасписмос едноставно ќе излезеше од Парламентот. Уште повеќе, гордиот Синасписмос се обиде веднаш да ја дезинтегрира целата алијанса и да им се врати на своите политички ставови на лев центар. Неколку месеци по изборите, СИН излегоа на изборите за Европскиот Парламент сосема сами, како СИН, а не како СИРИЗА.

Со други зборови, СИН ги искористи малите левичарски партии за себе си да си осигура премин на прагот за упад во Грчкиот парламент и подоцна во Евро парламентот. Откако со измама ги искористија помалите и искрени политички партии, решија да се ослободат од нив како од непотребен товар.

Но, овде доаѓаме до аргументот зошто политиката, и покрај сите лаги и измислици, сепак е интересна. Имено, СИН – за да ги осигура заедно со СИРИЗА тие мали 3.26% на изборите во 2004, мораа – ако не нешто друго – да се преправаат дека се „вистински“ левичари. За време на таа, очигледно смислена, оркестрација која вклучуваше жестоки изјави против глобализмот, американскиот империјализам итн., во СИРИЗА дојдоа многу млади левичари, гледајќи токму таму платформа која ги застапува нивните ставови. Многумина станаа членови токму на СИН.

Со други зборови, структурата на самиот СИН се „замати“, а со нивниот опортунистички реформски кадар дојдоа многу членови кои имаа многу покенкретни идеали од чисто фотелјашкиот парламентаризам.

Што се случи во завршницата? Наместо водството на СИН да ја згасне СИРИЗА, членството на СИН го собори водството на СИН. Тоа е можеби најзначајниот момент во СИРИЗА. Имено, на партискиот конгрес на СИН во декември 2004, левото крило на партијата освои значајно мнозинство врз основа на платформата која се залагаше за понатамашно свртување „в лево“, вклучувајќи го и понатамошното настапување во рамките на коалицијата СИРИЗА. Избрано е и ново водство, а претседател станува Алекос Алванос.

Секако, прогласите на СИН требаше допрва да се докажуваат на терен, а наскоро добија шанса. Од пролетта 2006 до летото 2007 земјата ја зафатија големи студентски протести, како отпор против десничарската власт на Нова Демократија. Универзитетите со месеци беа под окупација. Десет илјади студенти маршираа по сите градови секоја недела. Студентските протести беа голема победа – ја принудија владата на Нова Демократија да се откаже од укинување на членот 16 од уставот со кој се гарантира јавното образование, вклучувајќи го и универзитетското ниво.

Големите студентски протести беа идеална ситуација СИРИЗА да се докаже во своето ново левичарско руво и да покаже дека повеќе не се опортуни реформисти.

СИРИЗА по тоа прашање настапи одлично. Ги поддржа студентите на сите начини, беа со нив во организација на теренот, а претседателон на СИН, Алекос Алванос, беше буквално гласноговорник на студентите во Парламентот. Ова беше и идеално тестирање – како радикалната левица може во Парламентот да се бори за своите цели.

Во екот на студентските протести родена е една сосема нова СИРИЗА, која повеќе нема врска со изборниот опортун проект кој настана во 2004. Во есента 2007 г. дојдоа на ред нови избори, СИРИЗА овој пат освои 5% од гласовите, што тогаш за неа беше посебен успех.

Да потсетиме дека големата европска финансиска криза сè уште не беше започната, особено не со онаа сила како што е денес. За една коалација, која во својата структура има толку револуционерен и антикапиталистички кадар, да освои 5% од гласовите е вистински преседан и голем успех на левичарските сили, можеби и најголем во најновата историја на ЕУ.

Наскоро нови организации и помали партии пристапија кон СИРИЗА, некои пред, некои по изборите. Луѓе без претходни организации исто така започнаа да пристапуваат во голем број. Новите активисти се приклучија кон радикалната политика по прв пат во животот, но пристапија и левичарски ветерани кои претходните години беа во „хибернација“, но сега ја гледаа СИРИЗА како нешто ново, нешто што носи надеж.

По изборите во 2007 г. левичарскиот карактер на СИРИЗА се потврди во многу ситуации, од дејствувањето на терен во облик на движење на отпорот, до присуството на претставници во Парламентот. Конкретно, жестоките напади на Алаванос кон тогашниот премиер Константинос Караманлис беа своевиден преседан во традиционалната „парламентарна пристојност“.

Додека десничарската Нова Демократија беше на власт, ПАСОК – историскиот соперник, не беше тој кој жестоко се спротиставуваше на власта, туку СИРИЗА. Популарноста на СИРИЗА растеше, набрзо анкетите покажаа дека ги поддржуваат 15 до 18% од избирачкото тело.

Ова беше првата „пролет“ на Грчката Радикална Левица, но, како што ќе видиме наскоро – не потраја долго, поради специфични причини. Сепак, значајниот удар на СИРИЗА покажа како работничката класа се буди и ја препознава важноста на политичкото делување.


Бунтот на младината во 2008 и огромниот притисок врз СИРИЗА

За Атина и Грција доаѓаа тешки години, обележани со големи протести и судири со полицијата. Во декември 2008 г. полицијата уби 15-годишен ученик во Атина за време на судирите. Тој инцидент доведе до масовни бунтувања на младината.

СИРИЗА тогаш беше единствентата политичка сила во Парламентот која го поддржа бунтот на младите луѓе. Додека Атина гореше секоја ноќ и додека полициските станици беа окупирани од гневните протестанти, врз левицата се вршеше страшен притисок – барајќи од неа да го „осуди насилството“ и да повика на „враќање на стабилноста“. Една парламентарна опција отворено да поддржи насилна побуна беше преседан.
Дури и комунистичката партија (ККЕ) наскоро попушти под притисокот и гневните млади ги нарече „провокатори во црни качулки“.

Притисокот врз СИРИЗА продолжи. Имавме ситуација кога секоја ноќ некој дел од Атина гореше во оган, гневната младина кршеше сè пред себе и избиваа сè покрвави судири со полицијата. Ова беше особен тест за СИРИЗА, јавноста не го поддржа агресивниот бунт на младината, всушност – никој во Грција не го поддржа, освен СИРИЗА.
Сепак, за време на најголемиот притисок, СИРИЗА, оваа нова, радикална, левичарска СИРИЗА, покажа дека не е политичка опција спремна на компромиси и, и покрај сиот притисок, остана на својот став и испрати јасна порака до побунетата младина – „не престанувајте, продолжете со протестите!“

Ако нешто осигура дека СИРИЗА со право го носи името „радикална левица“ тогаш тоа е токму оваа порака, пораката која ќе ја одбележи целата нејзина понатамошна политичка кариера.

Според бројни аналитичари, СИРИЗА со овој потег плати голема цена и изгуби значаен број следбеници во пошироката популација – големите бројки на одобрување во анкетите започнаа нагло да се намалуваат. Водачите на СИН подоцна заклучија дека коалицијата сепак заминала предалеку поддржувајќи го насилниот бунт на грчката младина. Но, за другиот дел од спектарот на коалицијата, особено за револуционерната ДЕА, декември 2008 г. беше причина за најголема гордост во историјата на алијансата.

Можеше и да се претпостави што ќе се случи со СИРИЗА потоа. И’ се нафрлија сите најголеми медиуми, прозивајќи ја дека се „неодговорни предизвикувачи на протести и вандали“. Опцијата беше Рубикон. Водството на коалицијата имаше пред себе историска одлука – соочени со ограмните медиумски напади и критики од сите други политички опции, мораа да одлучат дали сакаат да попуштат, „да се скршат“ под тежината на осудата и да станат бледа, стерилна и „безопасна“ партија на левиот центар или, пак, сакаат да продолжат со сета сила напред, да ги разбијат критиките и да ѝ порачаат на целата јавност дека околу новите, радикално леви ставови, нема да прават компромиси. Доколку попуштеше, СИРИЗА ќе станеше уште едно ново колце во фарсата на модерната демократија, нешто како „ПАСОК број 2“. Сепак, тоа не се случи.

За време на најголемиот притисок, непосредно по најжестоките нереди во Атина, СИРИЗА даде да се печатат постери со нов слоган кој јасно порачува – „Ниту чекор назад!“

Од тоа настана слоганот кој го прифатија сите членови на СИРИЗА, гласно извикувајќи го на сите политички собири.
Со тоа, денес, кога врз СИРИЗА се врши огромен притисок да се однесува „одговорно“ – а притисок врз нив сега врши буквално половина свет – членовите на радикалната коалиција и понатаму извикуваат „Ни чекор назад!“

Борба помеѓу две тактики

Нападите од страна на политиката и медиумите по бунтот на младината и доаѓањето на економската криза во Грција, извршија силен притисок врз СИРИЗА за да прифатат „поумерена“ политика, особено во нејзината најголема компонента, партијата Синасписмос.

Во исто време, како што опаѓаше популарноста на владеачката Нова Демократија, голем дел од работниците се свртија кон ПАСОК како „реалистична“ опција која треба да ги заштити од надоаѓачката економска бура. Како и секогаш досега, работниците и тоа како ќе се разочараат гласајќи за таканаречениот „лев центар“ или социјална демократија.

За време на изборите кои се одржаа есента 2009 г., популарноста на СИРИЗА опадна на 4%. Големите напади на медиумите и политиката го направија своето. Работниците, чувствувајќи ја кризата сè повеќе, наивно се приклучија кон ПАСОК, плашејќи се од радикалната политика на СИРИЗА.

Лошиот изборен резултат на грчките парламентарни избори и во Европарламентот беше почеток на нова криза внатре во СИРИЗА. Не е тешко да погодите кој беше, уште еднаш, главен катализатор на кризата внатре во коалицијата. Повторно тоа беше најголемата членка, реформистичката СИН – поточно, нејзиното десно крило кое се побуни за време на партискиот конгрес, отфрлајќи ја СИРИЗА како проект и нарекувајќи ја „алијанса на екстремни левичари“. Десничарите излегоа од СИН и ова беше добар момент целата СИРИЗА да заземе уште порадикална „лева“ платформа, но тоа сепак не се случи веднаш.

За време на истата конференеција, претседателот на СИН, Алекос Алаванос, ја напушти функцијата за да се посвети исклучиво на зајакнување на СИРИЗА како алијанса. Функцијата претседател ја предаде во рацете на Алексис Ципрас. За време на Ципрас СИРИЗА ја изгуби онаа острина која во Парламентот ја воведе Алванос. Ципрас зазеде став на „прагматична опозиција“, т.е. СИРИЗА гласаше за предлозите на ПАСОК (кој по изборите во 2009 г. дојде на власт) за кои сметаше дека се добри, а гласаше против кога сметаше дека се лоши, настојувајќи на тој начин да го држи ПАСОК во некој традиционален габарит на социјалдемократијата.

Тој благ став на Ципрас никако не им одговараше на радикалните елементи во СИРИЗА, а во тоа предводник беше револуционерната ДЕА, која се залагаше за жесток отпор кон ПАСОК. На идната конференција на СИРИЗА, поранешниот претседател на СИН и поранешниот водач на СИРИЗА, Алекос Алаванос, се побуни против сопствените партии и се сврте на страната на левичарските елементи, и повика на работничка револуција против новите мерки на штедење и другите ограничувања, но не и прекин на соработката и излез од Европската Унија. ДЕА се здружи со Алаванос и дури во рамки на СИРИЗА основаа „Фронт на Солидарноста за Прекин“ (на соработката со ЕУ) чијашто цел беше директно да се спротистави на водството на СИН и прагматичниот Ципрас.

Во мај 2010 г. грчката влада, предводена од премиерот Јоргос Папандреу од ПАСОК, го потпиша првиот „Меморандум“ со ЕУ, Европската централна банка и ММФ (Познати како Тројка) – кој воведе строги мерки на штедење.

Согласноста на Папандреу на мерките на штедење значеше дека „прагматичната опозиција“ од страна на СИРИЗА повеќе не е важна. Кога избија првите работнички отпори против Меморандумот, вклучувајќи го и генералниот штрајк во мај и јуни 2010 г., водството на СИН сега се сврте кон позициите коие до вчера ги нарекуваше „екстремна левица“.

Што се однесува до политичката тактика, Ципрас реши дека најдобар план е да ги доведе во своите редови разочараните содијалдемократи од ПАСОК. Но, тоа истовремено е и опасност, посебно за радикалниот елемент во СИРИЗА. Доаѓањето на социјалдемократите во алијансата би можело значително да ги „омекне“ левичарските ставови. Нема ништо лошо во тоа што СИРИЗА сега планира да го доведе гласачкото тело на ПАСОК на своја страна, но водството на СИН се занимава исклучиво со изборни калкулации, а не со идеолошка стратегија.
За време на регионалните избори есента 2010 г. СИРИЗА уште еднаш ќе научи дека од фрагментацијата и калкулациите нема ништо. Имено, водството на Синаспизмос ја поддржа кандидатурата на поранешниот член на ПАСОК, додека Алаванос настапи самостојно со својот претходно споменат Фронт. Обајцата ќе доживеат изборен пораз: поранешниот член на ПАСОК собра 6,2% од гласовите, далеку под неговите очекувања, додека Алаванос оствари само 2,16% гласови.

Поддржувачите на СИРИЗА ја казнија фрагментацијата давајќи ги гласовите на помалата опција, коалицијата АНТАРСИА која се состои од уште порадикални антикапиталистички и левичарски партии. АНТАРСИА освои најголем број гласови досега, 2,28%.

Повторното будење на СИРИЗА и новото свртување в лево

Досега на целата СИРИЗА требаше да ѝ стане јасно дека не се добива ништо со фрагментација и во склад со тоа повторно повторно тргнаа во прегрупирање. Се чини дека партиските припадници на Синаспизмос се главните стопери на негативните идеи кои доаѓаат од врвот на истата партија. Токму партиското членство беше тоа кое жестоко го осуди Ципрасовото кокетирање со социјалдемократите.

Мора да се има на ум дека ситуацијата во Грција е веќе ескалирана, мерките на штедење сеат масовна сиромаштија и гнев, а работниците сè повеќе ја губат довербата во традиционалниот лев центар ПАСОК. Сево ова по чиста инерција го турка водството на СИН и понатаму в лево.
Во исто време се појавува и „Движењето за плоштадите“ – окупација на градските плоштади по пример на движењето Indignados во Шпанија. Плоштадот Синтагма, пред зградата на парламентот во Атина, станува главниот симбол на овој отпор. СИРИЗА влегува во ова движење со сета сила и заедно со АНТАРАСИА даваат организациска и политичка поддршка за демонстрантите на плоштадите. И, што е уште поважно, самото членство игра клучна улога во организацијата на комитетите по градските четврти, рамо до рамо со автономашите и анархистите.

Тоа движење на отпор ја турка СИРИЗА напред. Цврстата организација е клучна во задржувањето на протестите на плоштадот, и покрај жестоките и брутални напади на полицијата. Водството одигра важна улога, зашто без конкретна организација веројатно полицијата би успеала побрзо да ги протера гневните протестирачи.

Штрајкуваат стотици илјади работници низ целата земја, а СИРИЗА секаде е со нив, на секој собир и протест. Како што кризата се зголемува, сè повеќе луѓе гледаат кон СИРИЗА која порачува дека ќе ги разбие митовите за „колективното жртвување“ со цел отплата на долгот. Левичарската струја во СИРИЗА станува сè посилна и цврсто го држи водството на СИН во позиција да не може едноставно да направи пресврт кон умерената политика. Политичкиот речник станува сè порадикален. Најважниот елемент на СИРИЗА станува отпорот на самиот терен, на улиците, во фабриките и во школите.

Плановите на левичарската власт

Ако сакаме да ја сумираме кратката историја на СИРИЗА, можеме да заклучиме дека две клучни карактеристики ја одржаа алијансата заедно, и покрај сите проблеми.

Во прв ред, тоа е постојаната активност на СИРИЗА во движењето на отпорот. Најдобар начин да сфатиме што значи тоа е да се спореди нивната активност со стратегијата на Грчката комунистичка партија (ККЕ). ККЕ има секташки пристап кон сите настани кои не може да ги контролира во целост, од бунтот на младите во 2008 г. до окупацијата на плоштадите итн. ККЕ не се подготвени за компромиси и цврсто ја почитуваат само кристално јасната партиска линија. Со таков пристап никако не можат да ѝ парираат на СИРИЗА. НО, ККЕ со таквиот став останува постабилна партија и нема внатрешни превирања.

Втората карактеристика која ја обезбеди силата на СИРИЗА е нејзината разновидност. Различните тенденции егзистираат во самата алијанса – револуционери и реформисти, троцкисти, маоисти, марксисти-ленинисти, еврокомунисти и други, но сите заедно се подготвени да реагираат со голема брзина на итните задачи кои се поставуваат пред нив. Фактот дека сите тие тенденции можат заедно да егзистираат им се допаѓа на голем број луѓе бидејќи со тоа СИРИЗА ја покажува својата сериозност и подготвеност за заедничка акција.

Но, фактот дека толку левичарски идеологии можат да егзистираат заедно не е толку важен сам по себе. Најважен е фактот дека со тоа се гарантира дека сите стратегии кои ги носи СИРИЗА ќе бидат предмет на внатрешни дебати. За програмата на самата алијанса се расправа буквално без престан. На сила е огромен политички дискурс и многумина го гледаат тоа како голема предност и важност.

Сепак, постои уште еден важен фактор која ја катапултираше СИРИЗА во позицијата во која се наоѓа денес, а тоа е нивниот став дека „владата на левицата“ ќе го укине Меморандумот и ќе ги сопре мерките на штедење.
За невработените, за работниците и за младите СИРИЗА не се само „добри луѓе“ кои ја поддржуваат нивната борба – оваа партија сега е препознаена како сила која може да ги урне монолитните партии од центарот кои владеат со децении и да ја поведе Грција напред.

Актуелната состојба

Ова се во основа контурите на комплексното и тешко патешествие на СИРИЗА до изборниот триумф на 6 јуни. По изборите тие го одбија жестокиот притисок со кој се обидуваа да ги натераат да влезат во заедничка власт со партиите од центарот. Исто така, одбија да ја ревидираат својата политичка програма, и покрај фактот дека сите сакаат да видат „поумерена“ СИРИЗА.

Но, не треба да се имаат илузии. Ги видовме досега сите опасности кои гравитираат околу и во самата СИРИЗА. Опасноста од конзервативните реформисти кои сè уште имаат значајно влијание во самата партија и понатаму е голема. Исто така, мораме да бидеме свесни дека ако СИРИЗА навистина победи на изборите во јуни, притисокот од медиумите, од грчката политика, од ЕУ, од финансиските елити, од САД и од другите ќе се зголеми. Сите тие ќе бараат од СИРИЗА да се однесува „реално“, имајќи го пред себе потенцијалниот банкрот на државата.

Од друга страна, радикалното членство ќе се бори со сите сили да ги сопре реформистите и да ја задржи СИРИЗА во радикалните води. Сите се свесни за овие опасности, и членството и гласачкото тело. Можеби по потенцијалната победа Ципрас ќе се покаже како обичен реформист и опортунист, но бројните елементи во рамки на самата алијанса нема да му дозволат да отиде „предалеку“. Но, можеби и самиот Ципрас е свесен за историскиот миг и можноста за ослободување на Грција од канџите на „Тројката“.

Луѓето во Грција се политички ангажирани и класно мотивирани во толкава мера за првпат по 1940-те години. СИРИЗА има можност, историска можност, да прерасне од политичка опција која ја симпатизираат припадниците на радикалната младина во огромна сила на работничката класа.

Клучна улога во СИРИЗА мора да одиграат ДЕА и другите револуционерни елементи – мораат да ги претворат гласачите на СИРИЗА во политички активисти кои заедно ќе ја зацврстат радикалната програма на СИРИЗА. Бидејќи, во случај водството на СИРИЗА да потклекне и евентуално да воведе нови мерки на штедење на кои веќе инсистираат ЕУ и меѓународната банкарска и грчка владејачка елита, тогаш ќе дојде до избивање на многу порадикална ситуација и до директна конфронтација меѓу работниците и капиталистичката елита која не е видена во западниот свет веќе подолго време.

Од друга страна, ако оваа алијанса, која токму со диверзитетот силно ги кочи сите внатрешни несоодветни одлуки, оствари вистински успех – да ги спречи структурите кои изведоа финансиски напад на Грција, тогаш ќе мора уште подетално да ја анализираме СИРИЗА бидејќи таа нема да биде само левичарска власт туку вистински симбол на отпорот и борбата за слобода.

Извор: advance.hr

Извори/референци

The making of SYRIZA
http://socialistworker.org/2012/06/11/the-making-of-syriza

The euro crisis and the role of SYRIZA
http://www.wsws.org/articles/2012/jun2012/pers-j08.shtml

Alexis Tsipras: “Syriza, Hope of an Entire People”
http://www.humaniteinenglish.com/spip.php?article2047

A SYRIZA victory under Alexis Tsipras may prove for Greece historical necessity
http://www.neurope.eu/article/syriza-victory-under-alexis-tsipras-may-prove-greece-historical-necessity

A brief history of Syriza; (Coalition of the Radical Left) and its programe, if it becomes the next government of Greece.
http://www.organizedrage.com/2012/05/brief-history-of-syriza-coalition-of.html

Critique of Antarsya's stance on the prospect of a left government in Greece
http://www.workersliberty.org/story/2012/06/12/critique-antarsyas-stance-prospect-left-government-greece

Change the world without taking power, Marxist edition
http://johnriddell.wordpress.com/2012/05/31/change-the-world-without-taking-power-marxist-edition/

Greece: The program of Syriza
http://www.wsws.org/articles/2012/may2012/syri-m19.shtml

Syriza: “An Anti-Austerity Left Alliance Is Needed”
http://www.humaniteinenglish.com/spip.php?article2041

Reform or revolution in Greece?
http://www.workerspower.co.uk/2012/06/reform-or-revolution-in-greece/

Syriza would cancel bailout deal, says leader
http://www.irishtimes.com/newspaper/world/2012/0602/1224317130763.html

Greece's Syriza: The Policies, Leadership And History Of A Party Poised To Lead Greece
http://www.ibtimes.com/articles/341881/20120516/syriza-tsipras-greece-parliament-election-poll-synapsismos.htm?page=all