Татко и ќерка

06.11.2012 09:43
Татко и ќерка

Наташа имаше две бонбони. Потоа изеде една бонбона и ѝ остана уште една бонбона. Наташа ја стави бонбоната на масата пред себе и заплака. Одеднаш гледа – пред неа на масата пак две бонбони. Наташа изеде една бонбона и повторно заплака. Плаче Наташа, а со едното око гледа во масата да не се појави друга бонбона. Но друга бонбона не се појави. Наташа престана да плаче и запеа. Пееше, пееше и одеднаш умре. Стигна таткото на Наташа, ја зеде и ја однесе кај претседателот на куќниот совет. „Еве“, вели таткото на Наташа, „констатирајте смрт“. Претседателот на куќниот совет дувна во печатот и го стави на челото на Наташа. „Благодарам“, рече таткото на Наташа и ја однесе Наташа на гробишта. А на гробишта беше чуварот Матеј, тој секогаш седеше покрај капијата и не пушташе никого на гробишта, така што покојниците мораа да бидат погребувани насред улица. Таткото ја погреба Наташа на улица, ја симна шапката, ја стави на местото каде ја закопа Наташа и отиде дома. Дојде дома, а Наташа - веќе дома. Како тоа? Па убаво: исползила под земја и дотрчала дома. Ете така! Таткото толку се потресе, што падна и умре. А Наташа го повика претседателот на куќниот совет, па вели: „Констатирајте смрт“. Претседателот на куќниот совет дувна во печатот и го стави на лист хартија и напиша: „со ова се потврдува дека тој и тој навистина умре“. Наташа ја зеде хартијата и ја однесе на гробишта да ја погреба. Но чуварот Матеј ѝ вели на Наташа: „Нема таква сила што ќе ме натера да те пуштам“. А Наташа: „Сакам само оваа хартија да ја погребам“. А чуварот: „Би било подобро да не ме молиш“. Наташа ја закопа хартијата на улица, на местото каде што ја закопа хартијата ги остави своите чорапи и отиде дома. Стигнува дома, а таткото - веќе дома и сам со себе игра мал билијард со метални топки.

Наташа се зачуди, но не рече ништо и отиде во својата соба да расте.

Растеше, растеше и за четири години израсна во вистинска госпоѓица. А таткото на Наташа остаре и се згрбави. Но двајцата, кога и да се сетеа како еден за друг сметаа дека се покојници, се фрлаа на креветот и се смееја. Понекогаш се смееја цели дваесет минути.

А соседите, штом слушнеа смеа, веднаш се облекуваа и одеа во кино. Еднаш така отидоа и повеќе не се вратија. Изгледа дека ги прегазил автомобил.

Превод: Иван Шопов

Слика: Алиса Порет

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото