А морал?

08.03.2013 11:58
А морал?

Од Аристотел и Маркс до Светлана Слапшак („Умешноста на граѓанското однесување“), многумина се занимавале со моралот, квалификувано и прилично апстрактно. Во меѓувреме, неврологијата напредуваше толку за да биде во состојба да лоцира, па и да ги сними емоционалните состојби и со тоа да понуди нови објаснувања дури и за поимите како што се морал, оптимизам, ентузијазам... Згора на тоа, таа е во состојба да докаже како човекот, во основа, е склон кон добронамерност. Филозофијата не загуби ништо со тоа, туку доби поцврсти аргументи за своето „морализирање“.

Следејќи што се случува и врз основа на реакциите секаде во светот, претчувствувам дека доаѓа времето кога пред сè политиката и не помалку економијата, ќе престанат да брзаат кон неконтролираниот грабеж и дека ќе се подложат на правилата на моралот, од кои отстапија. Ако моралот е, како што гласи една од дефинициите, „збир на обичаи кои овозможуваат поволен и хармоничен опстанок и развој на поединецот и општеството“, тогаш е чудно како денешните општества функционираат воопшто.

Уште во младоста прочитав како Маркс констатирал дека моралот е историска категорија и тоа ми личеше на откритие. Проблемот на нашето време е тоа што пренагласениот индивидуализам и идеализираниот пазар делуваат како „morale busters“, уништувачи на моралот, тие не го менуваат, туку дефинитивно го уништуваат моралот, па ефектите од нивното делување се економската криза, социјалното раслојување и распадот на семејствата и општествата. Значи, тоа што има смисла не е дека повторно ги учиме децата да им се обраќаат на постарите со „ви ги бакнувам рацете“, туку дека ги фаворизираме обичаите кои овозможуваат „хармоничен опстанок и развој на поединецот и општеството“.

Се разбира, јас не би сакал да откривам топла вода, зашто уште во 2005 година економистот и нобеловец Амартија Сен во предавањето на универзитетот во Падова, на темата „Еднаквост и ефикасност“, зборуваше за „профитабилната хендикепираност“ како проблем кој на економијата ѝ наметнува да се занимава со загрозените категории граѓани, од слабите до немоќните, значи да се занимава и со морални прашања, иако во тој сегмент нема профит. Тој го наведе фактот дека ако приходот, кој е под 60 проценти од бруто домашниот производ, се земе како критериум за сиромаштија, тогаш дури 23,1 процент (денес тоа е далеку повеќе) од Американците припаѓаат во таа категорија, која е потчинета или исклучена од нормалниот економски, политички и социјален живот, а тоа е последица на изопаченото сфаќање за целите на економијата.

Со децении финансиски се фаворизираат технологиите кои вработените ги исфрлаат на улица, општ е принципот дека ефикасноста на компаниите се гради врз основа на отпуштањето работна сила, а законите кои ги регулираат работните односи стануваат сè побескрупулозни и аморални. На тој начин економијата станува соучесник во процесот на дехуманизацијата и создавањето човечки отпад, без можност за рециклирање.

Има стотици илјади луѓе кои се исфрлени на улица и кои никогаш нема да се вратат на работа, зашто го поминале „средното доба“ и се премногу стари за некој да ги прими повторно на работа, а тие имаат премалку години да стекнат каква било пензија. На другата страна се младите, кои не успеваат да се вработат по школувањето, кои немаат пари, односно не можат да добијат хипотекарен кредит, зашто немаат имот и така влегуваат во четвртата деценија, кога веќе никој не ги сака зашто се премногу стари. Тие стануваат економски, социјално, профитабилно хендикепирани, подеднакво како и физички хендикепираните лица, од аспект на сметководството тие се трошок за општеството! Навредливо, како што е навредливо човечкото однесување да се подведува под критериумите на животните, а тоа е својствено на интензивната десница.

Имено, Дарвин забележа дека во животинскиот свет победуваат најмоќните, а слабите се отфрлени на изумирање или да бидат изедени. Колку што се потешки условите, толку борбата е побезмилосна. Конзервативните социолози и економисти, на воодушевување на десничарските политичари, кои себеси се сметаат за моќни предводници, смислија идеологија на социјалниот дарвинизам, според која човечкото општество е стадо со кое владеат моќните, а останатите мораат да ги слушаат. Тезата на таквиот елитизам е многу постара од социјалните дарвинисти, затоа што, како што цитира Попер, нихилистот на Платон, Каликло зборуваше: „Напротив, законот го создаваат слабите и масата... за да ги заплашат силните... затоа што тие се задоволни со еднаквите, кои не вредат ништо.“

Етичкиот антипод не е социјална помош за невработените, не е враќање на еднаквоста во бедата, туку концепт за развој во кој ќе има помалку отфрлени. Би требало тоа да е работа на политиката и економијата. Доволно е да се насочат огромните инвестиции кои ги вложуваат државите, но не во банките и светите крави како воените машинерии, туку во економијата за општо добро, а потоа ќе дојдат промените. Апсолутно е неразбирливо во третиот милениум да се отфрли речиси една третина од човештвото и таа да не биде во можност да придонесува за развојот. Да создава, а не да им биде товар на останатите. Тоа го знаат и оние кои го кројат системот, таков каков што е, меѓутоа, тие се оние силните на кои на патот на бескрупулозното богатење им пречат законите.

Под бескрупулозно подразбирам богатење кое не произлегува од работа, творештво, умешност, туку од присвојување на туѓиот труд и заработка, а тој вид на богатење со себе најчесто повлекува уништување од големи размери, за да се зграби дел за себе. Сведоци сме на приватизации во кои претпријатијата остануваат уништени, стотици и илјадници работници без работа, за да може „купувачот“ да биде сосема задоволен со една десетина од вредноста на тоа што го уништил, под услов дека тој дел ќе се слее во неговиот џеб. За жал, тоа не е случај туку правило, од компанијата Enron, Parmalat до Lehman Brothers банката и Jugoremedija...

Во нејзина служба, политиката и економијата изградија посебна етика која потсетува на онаа на Хенри VIII, кој ако добро се сеќавам, е опишан како етички самоуверен дури и кога на Томас Мор му дојде до главата, затоа што Мор, следејќи поинаква етика, поинакво сфаќање на моралот, одби да ја прогласи за кралица неговата жена Ана Болен. Истиот крал сметаше дека убивањето на своите жени е морално оправдано, со аргумент дека тие не се во состојба да му родат машки наследник. Од Хенри до Хитлер, Сталин и Пол Пот, секој од нив имаше некоја своја варијанта на етиката, со која ги оправдуваа злосторствата од помали или поголеми размери. Во купот на извитоперувањето на моралот припаѓа и фактот дека нацистите пред убивањето на луѓето од логорите донесувале типизирани пресуди за секој од нив, со што требало да докажат дека убивањето е правно, значи морално засновано.

Времињата се променија и денес е многу полукративно да се конструира, со ангажирање на политички и маркетиншки наемници, лажна етика која ќе ја оправдува корупцијата, криминалот и насилството. Прототип е поранешниот (можеби и иден) италијански премиер Берлускони кој своите лични адвокати ги поставуваше за пратеници и сенатори на клучни места во парламентот и владата и преку нив ги кроеше законите според неговата волја. Неговите платени министри и пратеници (68 се обвинети на суд!) се занимаваа и се занимаваат со неверојатно вербално жонглирање за да докажат како таа расипана личност е морално чиста. Сепак оние кои го кршат моралот, се плашат од моралната осуда на јавноста како од ѓаволот, затоа што поинаку и не би се занимавале толку панично со перење на сопствените биографии. Вистина е дека „политиката не се гради со морал, како што зборуваше Андре Малро, но потешко се гради без него.“

Ги видов резултатите од анкетите за тоа зошто населението на Африка, повеќе од каде било во светот, го негува отпорот кон капитализмот. На прво место е одговорот: „Затоа што единствено тој сигурно ја носи корупцијата“. Корупција има насекаде и во црвената Кина, каде за тоа стрелаат, но и во Британија и Германија, каде во свое време, Хелмут Кол, необично достоинствена и чесна личност, сметаше дека не е аморално доколку се добива мито за својата партија, а не за себе лично. „Нашата епоха, пишува Зигмунд Бауман, е карактеризирана со длабок морален амбигвитет. Тоа е епоха која нè фрла во мачна состојба на неизвесност.“ Дали навистина сме осудени на прифаќање на статусот што ни го доделуваат другите и депресијата како единствен исход?

Синтагмата „политички коректно“ не е ништо друго туку обид за трансплантација на убавото (граѓанско) однесување, значи етика, на политички дивјак, особено во предизборното време кое доаѓа во сè пократки периоди. Ако сме потресени од простаклакот на нашите политичари, флоскулата дека „тоа го нема никаде“ ни овој пат не е точна. Има дури и полоши во помалку очекувани средини. Америка, од каде поголемиот дел од светот го присвојува и доброто и лошото, е ризница на политичка некоректност. Во првото претседателско натпреварување Барак Обама, несомнено целејќи на Сара Пејлин, ја употреби честата американска дефиниција за лажно претставување, нашминкана свиња. Тоа беше само римејк на претходната кампања, кога Дик Чејни му порача на Џон Кери, тогашниот кандидат за претседател на САД: „Како што велиме ние во Вајоминг, на свињата можеш да ѝ ставиш кармин, но свињата останува свиња“. Тоа е дел од „традицијата“ на политичкиот простаклак, во која првото место му припаѓа на Линдон Џонсон кога во последното соочување на претседателските кандидати на ТВ во 1964 година, во последниот момент од тој настап на противкандидатот Бери Голдвотер му упати прашање: „Дали е вистинито тврдењето дека вие водите љубов со живина?“ Голдвотер не се снајде, не реагираше и ги загуби изборите. Значи простаклакот, отсуството на етика донесува победа и затоа останува користен метод во политиката.

Италијанскиот филозоф Норберто Бобио смета дека „таканаречената чесна влада претставува реакционерна измама. Затоа што тоа значи дека прашањето за моралот се сведува само на неговата примена во политиката“. Тој секако е во право, затоа што е невозможно политиката да се подведе под доминацијата на моралот, сè додека гласачите не го постават тој услов, односно сè додека таа е профитабилна онаква каква што е. А со нас гласачите или е лесно да се манипулира или не нè интересира моралот и имаме некаква прирачна етика со која го оправдуваме своето асоцијално однесување. Кај претходно споменатиот Дарвин постои една „рачка“ на која малкмина од оние кои за неа се фаќаат обрнуваат внимание, а тоа е дека еволуцијата се одвива исклучително во група (колективитет). Вреди да се замислиме за тоа.

Откривањето на магнетната резонанса овозможи да се утврдат центрите на емоциите и да се следи нивното реагирање. Своевремено, весникот Time посвети една насловна страна на книгата “The Optimism Bias”, тоа е тешко за превод затоа што “bias” значи предрасуда, но и влијание. Автор на книгата е Тели Шарот, врвен невролог која зборува за функциите во мозочната кора кои, а тоа е утврдено егзактно, го стимулираат позитивното мислење, вербата во иднината, дури и тоа дека невроните имаат тенденција да ни дадат слика каква што би сакале да видиме, а не онаа реалната.

Плејада научници кои се занимаваат со овој проблем (Мат Ридли, невролог и еволуционист, во книгата “The Rational Optimism”, Мајкл Томасело - „Зошто соработуваме“, Џонатан Хајд...) најлесно е, со други извори, да се следат преку страницата www.fora.tv и како што е мојот случај, барем да се има увид во она за што, и тоа како, се мисли денес. Споменатиот Хајд, на пример, вели: „Човечките битија се жирафи на алтруизмот. Како што жирафите го развиле својот долг врат за да преживеат, така луѓето ја развиле смислата за моралот, за да победат во конкуренцијата на индивидуален и групен план. Луѓето со моралот создаваат обединети заедници, меѓусебно делејќи ги правилата, обичаите, емоциите и уверувањата, па понекогаш се подготвени и да го дадат животот за тие вредности“. Од “homo homini lupus est” на Томас Хобс, која ја познава секој средношколец, до денешните теории за човековата позитивна и кооперативна природа, барем во науката, се случи еволуција на знаењата која полека продира во секојдневниот живот.

Причината за овој текст ја гледам во тоа што луѓето ширум светот се бунтуваат, затоа што бараат да не бидат само објекти на владеењето. Тоа досега најдобро го обликуваа во Словенија: рушење на владата-да, но поважно е да се натера која било влада да сфати дека постои заради граѓаните, а не обратно. Словенечките граѓани своите барања ги засноваат на доследната демократија во која власта ја кројат граѓаните, а не тајкуните. Тие бараат почитување на легалното право да ја сменат власта, кога таа ќе ја изневери дадената доверба. Тие бараат владата да го исполнува тоа што како задача ќе ѝ го наложат граѓаните, и најрационално да води кон целта која ќе ја одредат тие. Словенечките протестанти имаат свест за тоа дека во нивните раце е моралното право да ја обликуваат земјата и своите достоинствени животи. Всушност, тоа е концептот на револуциите од третиот милениум. Тоа би значело да не го рушиме капитализмот, туку да го моделираме според интересите на мнозинството.

Речиси секаде се воочливи тензии спрема промените. Сè поголем број луѓе успеваат да проникнат во лагите на политиката и водејќи се со основните морални принципи, „обичаите кои придонесуваат за хармонија и развој на поединецот и општеството“, одбиваат да учествуваат во политичките игри. Еден од примерите е распространетата идеја за „белите ливчиња“, но во нејзиниот изворен облик, како што во свое време ја предлагаше италијанскиот пратеник од левицата Алесандро Тесари, професор по филозофија во Падова и Фрајбург, дека белите ливчиња се пресметуваат како и гласовите за партиите и дека соодветно со нивниот број треба да се намали бројот на пратениците во парламентот. Тоа е Дамокловиот меч кој би можел да ги натера политичарите да поверуваат во владеењето на граѓаните - демократијата.

Извор: http://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото