Мојот прекрасен Бостон

23.04.2013 12:45
Мојот прекрасен Бостон

Овој град е просто неверојатен. Познавам многу луѓе кои имале прилика да престојуваат во Бостон поради работа или студирање на некој од десетиците универзитети во градот, и сите се согласуваат во едно: Бостон е најдоброто што САД можат да го понудат.

Двете години кои ги поминав во Бостон ме препородија како човек, научив многу, ги проширив своите видици, запознав многу интересни луѓе, научив многу од жителите градот. Центар на високото образование во САД, првиот град кој настанал со доселувањето на колонистите, со згради, куќи и цркви стари и по неколку векови, овој прекрасен град живее во немилосрдното ривалство со соседниот Њујорк каде нема област во која не се бијат тешки битки, било да е во кошарка меѓу Селтикс и Никс, бејзбол меѓу Ред Сокс и Јенкис, рагби меѓу Патриотс и Џетс, хокеј меѓу Бруинс и Ренџерс... Ривалството е тотално, па дури има и зајадливост во весниците, се фрлаат вицови на сметка на двете страни, се мерат брзината на возовите во метроата, нема што не се бара како причина за препирки и спорење меѓу двата града... Но денес популарните Јенкис го завршија својот меч со интонирање на химната на Ред Сокс, ривалите од Бостон, во знак на поддршка на градот кој е под терористички напад.

Во моментов прекрасниот стар град кој се смета за Венеција на Северна Америка е во фокусот на светската јавност поради терористичкиот напад на браќата Тамерлан и Џохар Царнаев, кои вчера разнесоа неколку десетици жители на Бостон од кои тројца го изгубија животот, а над триесет ги изгубија нозете или претрпеа други ужасни повреди кои ќе ги осакатат за цел живот.

Среќа во несреќа е што терористичкиот напад се случи токму во Бостон, градот кој несомнено е главен медицински град на светот. Во градот се наоѓаат најдобрите болници и медицински факултети во светот: Харвард Медикал, МИТ школата за медицина, ТУФТ медицинскиот колеџ, медицинските факултети и болници при Бостон Колеџ, Универзитетот Бостон, Универзитетот Масачусетс, Универзитетот Емерсон... Тоа се виде и од снимките кои го обиколија светот, на кои болничари од околните болници и универзитети трчаа со болнички и инвалидски колички директно од болниците до центарот на градот каде се случија нападите и ги носеа назад пешки, бидејќи болниците се во непосредна близина. Стручноста и опременоста спречија да има повеќе жртви, повредите се санираа навреме и беа спасени многу животи, а беа спречени и голем број ампутации.

Денес пак, актуелна беше потрагата по терористите низ градот, особено во предградието Вотертаун кое се наоѓа северно од градот по линијата на брегот на Бостон на Алтантикот. При една од престрелките еден полицаец го загуби животот, а еден од терористите беше убиен. Се трага по вториот од браќата Царнаеви. Страшно беше да се дознае дека таткото на двете деца знаел за нивните терористички планови и ова го изјави за телевизија од некој руски град, најверојатно во Чеченија. Еден од чичковците на браќата се обиде да го обели образот на семејството и го повика Џохар да се предаде и да побара прошка од семејствата на жртвите и ранетите.

Парадоксот на овој напад е што се случи во вториот најлиберален град во САД, по Сан Франциско. Бостон е град каде се образувал и созревал досега најлибералниот претседател на САД, актулениот претседател Барак Обама, кој бил професор по уставно право на Харвард. Тука се има образовано, а и секојдневно работи противкандидатот на Обама за изборите во 2012, Мит Ромни, нешто што републиканците и конзервативците не можеа да му го простат, го навредуваа дека е бостонски републиканец, што е слично како да кажеш за некого дека е урбан фраер од Припор. Бостон е родниот град на иконата на американските демократија Џон Ф. Кенеди, а неговото дело го продолжи неговиот брат Тед Кенеди кој беше либерална и левичарска ѕвезда во Сенатот неколку децениии. Токму во тоа е парадоксот, токму Бостон и народот на Бостон и Масачусетс најсилно се противеа на нападите над Ирак и Авганистан и отсекогаш беше против радикалните антитерористички техники на републиканците. Бостон е многу толерантен град во кој владее прекрасен однос меѓу различните етноси кои ги има неколку десетици. Буквално целиот град е шарен како од рекламата на Бенетон, ги има од сите етноси кои си отвориле свои ресторани во кои се јаде национална кујна и се слуша национална музика, па доколку шетате по улиците на Бостон, особено на најубавата улица Бојлстон Стрит, токму улицата на која се случија нападите, но и двете други најважни улици, Вашингтон и Тремонт Стри,т можете да видите руски, кинески, јапонски, тајвански, корејски, виетнамски, индиски, турски, грчки, ирански, марокански, израелски, француски, италијански, ирски, шкотски, германски итн. кујни кои се како амбасади на тие земји, каде самиот персонал е со корени од тие земји, па Американците се мешаат едни со други и се запознаваат меѓу себе преку овие ресторани. Јас самиот работев во арапски ресторан на газди од Сирија и имав прилика да се запознаам со нивната храна која е слична на израелската, и можев да ја гледам пред мои очи таа толеранција и респект на бостонците кон сите етноси, раси и култури.

Токму тој либерализам, тоа левичарство, прогресивизам и интелектуализам на Бостон е неговиот заштитен знак, ова е градот во кој живее и твори еден Ноам Чомски, а исто така дал и многу новинари кои се национални ѕвезди и застапуваат либерални, левичарски и прогресивни вредности. Зачудувачки е како овие две момчиња кои пораснале во Бостон успеале да се наполнат со толку гнев за да се натераат себеси со тенџериња полни со експлозив и шајки да одат да убиваат деца и млади невини граѓани на Бостон, кои чекале да пристигнат нивните најблиски на целната линијата на бостонскиот маратон кој се одржува на најголемиот празник во градот - денот на патриотите. Можеби празникот е она што ги има изреволтирано, бидејќи на овој ден цела Америка ги слави и величи паднатите американски војници на сите боишта каде САД има испратено свои војски низ историјата, а тоа се неброени земји од Европа, преку Виетнам, па сè до Авганистан и Ирак. Токму нивното чеченско потекло, исламската религија и чувството на онеправданост на нивниот народ и на голем број на муслимани во Палестина, Сирија, Авганистан и Ирак ги испровоцирало на ваков чин.

Ваквите напади се само очаен и контрапродуктивен начин на искажување на несогласување со политиките на САД во светски рамки, и само прават антиреклама на каузата за која овие терористи се борат. Ал Каеда и Осама Бин Ладен беа најголемите штетници за интересите на муслиманите во светот.

Извор: maktel.mk, 20.04.2013