Гнасните хиени на лустрацијата

29.07.2013 08:36
Гнасните хиени на лустрацијата

1.

Се сеќава ли некој на Сара Пејлин? Онаа простодушна женичка, да не речам селанчица од Алјаска, која посака да биде потпретседател на САД? Како се мачеше, пустата. Нема поим од ништо, за неа Северна и Јужна Кореја се исто, за неа кралицата е премиер на Велика Британија… ама амбиција – до небо. И уште со поддршка од 10-20 пријатели и познајници, ете ти самобендисана тутурутка подготвена да се лансира себеси во височините. Облече железни опинци, и ништо. Заврши во – длабочините!

Но, колку ли е силна таа желба да се биде нешто што не си, да умираш од желба да се замешаш во некои кругови за кои, едноставно, не те бива. Немаш ни соодветно образование, уште помалку култура, а најмалку – знаење! Какви ли се тие психолошки (ај да не речам невротички) пориви секојдневно да тртљаш за нешто што апсолутно не го знаеш? И не го разбираш. Какви ли се тие движечки подземни сили што комплексите на помала вредност ги лечат со замена во комплекси на поголема вредност? И буфтаат ли буфтаат, за сè и сешто, а главно да нанесат некаква штета. Некому, некаде, од чиста мира. И да бидат, демек, актуелни, ќе тртљаат и за вселената и Хигсовиот бозон, за сексуалниот живот на мравките во Тунгузија и слично. Треба само добро да се навиткаат – како оние детски палјача – и да почнат да тропкаат со рацете и нозете и да верглаат!

2.

А лустрацијава им се погоди. Галопот на Аџиевата инквизиција просто им даде крилја. И имиња на лустрираните. Зашто, инаку, кога ќе можеа да му се доближат на еден Славко Јаневски, на пример, а камо ли да говорат со него/за него? Веројатно би ги множел со нула.

И веднаш им го читаш мотивот: е сега ќе им ебеме мајката! Исти се како Аџиев. Клонирани аџиевци во обликот на „новинари“, „аналитичари“, „уметници“… Им ја читаш омразата од очите и редовите, им го насетуваш гн’сниот мерак кога можат некого да опајдаваат, да го направат сенка од човек. Не дека тоа некои во оваа и ваква Македонија не го заслужиле! Ама, сè си мислам дека намерно ги промашуваат метите. Не смеат да удрат таму кај што треба. Вистински гнасни хиени на лустрацијата. Тука се за да ја развлекуваат жртвата, да ја тормозат, да ѝ ги влечкаат цревата по улици… Просто им го гледаш лудилото во главите кога ќе почувствуваат мирис на крв!

И барем да знаат за што говорат. Оној „аналитичарон“ научил двајца од македонската култура, и меле ли меле „за прогонети и затворани џинови“, брише генерации чесни македонски творци и ужива во сопствените повраќаници. „Новинаркана“, како троа поумна, држи тиради за нашиот вредносен систем, „по кој медиокритети со партиски благослов имаа кариера, стануваа професори, академици, угледни интелектуалци и новинари“ (подвлеченото мое)? Па имено, токму за тоа се работи. И згора на сè, нас нè прашува како тоа го нема Михаил Петрушевски на „голеееемион“ мост „Око“! Е па, зошто не го ставивте, де? И зошто нас нè прашува? И зошто нема уште редица други за кои таа сигурно не слушнала?

Оној пак Русјаков се потпишал како уметник и мисли дека се замешал во елитата и сега ќе им суди на сите? Што ли сработи за да може да си го мери со Јаневски, Павловски и генерациите македонски уметници, и згора на тоа – да ги жали?

3.

Впрочем, за да застанеш зад инквизиторските махинации и манипулации на онаа т.н. Комисија, мора да носиш многу гнев во себе. И омраза. Кон сè и сешто, и кон секого. А највеќе – кон себе. И затоа, веројатно, го истураат и каде што треба, а највеќе каде што не треба. Вадив нож на мртвога Индијанца, што би рекле Кумановци!

Што ли им било ветено, па неисполнето, што ли очекувале, па не добиле? И сега сите од минатото се виновни, и млади и стари, и немало филозоф освен Мухиќ, па немало не-знам-што освен Чевревски, па немало ова и немало она… па Петре М. Андреевски и Раде Павловски да ти биле кутри и несреќни (од каде пак сега ова?)… итн. Македонската глупост е навистина безгранична. И омразата. А хиени – колку сакаш! Се собираат веднаш, онака во глутница – по весници, по разни „шоуа“, по сите медиуми – крвта ги спобудалува, па џавкаат ли, џавкаат.

А сепак, што би рекол Бобан Карапејовски, „…може ли да се ГЛАСА за факти? Дали тие се утврдуваат, се верифицираат или се предмет на слободно читање? Белки тие не се романи и раскази, па да ги подложиме на книжевна херменевтика!?“. Е за тоа нашиве „стручњаци“ (и) за лустрација ништо не говорат! Какви подлизурковци и упикувачи, каков болен народ! Тие, по пат на гласање, денот ќе го претворат ноќ, црното – бело. И обратно!

4.

Повторно, како што веќе еднаш напишав кога почна лудилово со МАНУ, немам намера никого да бранам од хиениве. Најмалку, на пример, еден Томе Серафимовски.

За него сум пишувал многу и кога сите други молчеа. Сум пишувал главно во негативен контекст, но само и исклучиво за неговото творештво. Наспроти многумина други, кои сега си ги чистат чевлите со него, не сум го сметал за особено важен македонски скулптор. И сум го кажувал тоа отворено. И сум имал последици заради тоа, и тој тоа добро го знае. Ми „кумувал“ на многу нешта, уште од времето на Трифуновиот „Утрински весник“! Ама, ме чуди каде му е сега, на пример, оној Цветан Грозданов? Барем глас да пушти, збор да каже? И редица други кои го чукаа по рамо, му пишуваа „монографии“, му отвораа изложби? Знаеме каде се, и кои се. И зошто се!

Меѓутоа, да го крстиш Серафимовски кодош само врз основа на оние два смешни документи што ги објавува Инквизицијата на Аџиев е – лудило. Зашто тие не се само смешни, тие се ступидни. Секој од нас, на кафеанска маса, на работа, на улица, дури и пред непознати меѓу кои сигурно имало по некој професионален кодош, изрекол посилни, поцврсти, поконкретни зборови за некого или нешто! Кому ли, во 1975 година, му било гајле за југословенскиот и рускиот социјализам, и кој бил подобар? На некое инспекторче кое немало попаметна работа! Па дајте, ве молам. И за каков Ждановизам, фигурализам и натурализам можеме да говориме во таа илјада деветстотини седумдесет и петта година? Па вие, хиени, нормални ли сте? Јасно е дека немате поим од македонската култура и уметност, ама – до толку? Па вие сте бре аналфабети, исто како и тој што ја составувал таа белешка, тој што го говорел тоа… па понатаму, до самиот врв на „службите“. А овој Аџиев и хиените околу него, како кленови – цап за јадица! А впрочем, од каде пак Аџиев би знаел што е тоа Ждановизам? Па за тоа треба малку општа култура!

Друга приказна е неговиот вујко, кој го (зло)употребува внукот и неговиот престој во Париз (во ателјето на Алисија Пеналба, тогаш една од најпознатите светски вајарки!). И приказните за емиграцијата. Всушност, приказни за мали деца, или што би сакал вујкото да чуе од внукот, или што би сакале шефовите да чујат од вујкото! Да биле паметни, како што не биле, па ни Серафимовски, да извршеле притисок да остане кај Пеналба, денес можеби ќе имавме скулптор со светско реноме!

И толку! Во „досието“ нема ништо друго, нема изјави за соработка, нема пари, нема позиции (зашто Серафимовски веќе бил на позиција!)…

5.

Многу би сакал да ги видам ова хиенчињава, па и Големиот Инквизитор, како би се однесувале да ги повикале тогашните „служби“ (како што тоа го правеле со повеќето лустрирани) пред 40-50 години на обичен „информативен разговор“. Како ли тие би се однесувале? Или ќе пееле и за тоа што знаат и за она што не знаат?

Па дури и денес да им се случи тоа, ќе се усерат. Ама за да не се случи, дигаат два прста, се надгласуваат за вината на другите! Тоа е најлесно. А хиените тоа и го чекаат. Трупови за черечење. И наслада. Онаа, најперверзна, патолошка!

Извор: teodosievski.blog.mk
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото