Машките боксерки и женскиот разум

03.03.2014 13:31
Машките боксерки и женскиот разум

Да не се пеглаат! Да не се вријат! Предупредување за жените: Доколку планирате да земете кредит, да купите или да продадете недвижнина, да позајмите некому поголема сума пари... - да не се допираат!

Преточено во текст на декларација за машки гаќи, вака би можело да гласи резимето на неодамнешната студија на белгиските психолози, кои преку неколку мини студии се обидоа да го утврдат влијанието на сексуалниот контекст врз процесот на донесување (економски) одлуки. Кај жените. Кога станува збор за мажите, веќе постои обемна литература која сугерира дека самата помисла на секс ги прави помалку рационални, понаклонети кон неразумни ризици, без чувство на аверзија од загуба. Изгледа дека припадниците на двата пола единствено ги разликува видот на сексуалниот знак на кој реагираат при „ограничување на свеста“: додека мажите, барем во лабораториски услови, како ризично однесување ги наведуваат визуелните содржини со директни сексуални конотации, кај жените истиот ефект се постигнува со тактилен стимуланс.

Во првиот од трите експерименти, белгиските истражувачи повикале 47 студентки за наводно да ја проценат атрактивноста на различни парчиња машка облека. Половината од испитаничките оценувале машка маица, а другата половина машки боксерки. Студентките од двете групи држеле облека во рацете за да можат да изнесат суд за мекоста и удобноста. Во следната фаза од експериментот, на испитаничките им бил администриран тест кој ја мери нивната подготвеност да се откажат од моменталната материјална гратификација заради поголема, но пролонгирана финансиска награда (рационален, промислен исход на одлучувањето). Резултат: студентките кои се „занимавале“ со боксерките биле поподготвени да прифатат инстант, но намалена парична награда (помалку исплатлив исход на одлучувањето).

Во другиот експеримент, изведен според истата процедура, излегло дека стимулансот во вид на машки боксерки ги прави студентките помалку чувствителни на загуба, односно понаклонети да се впуштат во економски ризично однесување.

Во финалната студија, учествувале субјекти од двата пола; 68 студенти и 73 студентки. Машките испитаници евалуирале градник или женска маица, а женските, повторно, машки боксерки или маица. Овој пат, по половина учесници во експериментот од двата примероци можеле да ги допираат наведените парчиња облека од спротивниот пол, додека втората половина од субјектите ја проценувале нивната атрактивност само врз основа на набљудување. Потоа сите добиле листа со производи, групирани во две категории: наградувачките (вино и чоколадо, на пример) и неутралните (столица и компјутерско глувче, на пример). Прашањето за учесниците во експериментот било, колку се подготвени да платат за наведените производи. Резултат: девојките кои ги допирале боксерките искажале подготвеност наградувачките производи да ги платат значително повеќе во споредба со девојките кои ги допирале машките маици или биле изложени само на визуелен стимуланс; тактилната интеракција со женската облека ги правела дарежливи и мажите, со тоа што нивната подготвеност да платат неразумно висока цена не се ограничувала само на наградувачките производи (освен тоа, кај нив ист, иако малку послаб ефект, имала и визуелната презентација на стимулансите).

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/