Неприсилениот

29.04.2014 04:05
Неприсилениот

Неприсилениот никого не присилува; луѓето му доаѓаат сами. Не слуша ни лево ни десно; та зарем воопшто не слуша? Добро разбира што се бара од него, а сепак, пред да разбере, ги тресе главата и рамената. Наместо ’рбет има едно силно „не“, поцврсто и од коските.

Неприсилениот плука наредби; заповеди зујат наоколу, па иако ги избегнуваат како чума, сепак нешто од тоа останува сокриено барем во некого. Тој има посебно шамиче кое му служи токму за тоа и, пред да го преполни, го спалува.

Неприсилениот ги избегнува шалтерите. Не ги поднесува тие решеткасти лица кои не се ни разликуваат едно од друго. Повеќе милува да им приоѓа на автоматите, го извлекува од нив она што му е потребно и се поштедува себеси од гадотии. Нема кој да го прекорува, а не мора ни да питачи ни да проколнува. Става паричка, притиска на копчето кога му одговара, го добива она што го сака, а она што не го сака, не го ни забележува.

Неприсилениот ги мрази копчињата на себе; сите копчиња му се разлабавени и не носи панталони. Вратоврските за него се ѓаволско оружје, доволно добро за да те удават. Кога ќе здогледа ремен вели „Не ќе се бесам“, и се чуди на безгрижноста на оној кој го носи, оти ништо не насетува.

Неприсилениот се движи со кас и нема постојана адреса. Намерно заборава каде се наоѓа да не случајно му се испушти. Ако го застанат за да го прашаат за некоја улица, тој најчесто вели: „Не сум од овде“. Умешноста е во тоа што тој не е странец само овде, туку насекаде. Често му се случува да излезе од некоја куќа, а да не се сеќава дека таму преноќил. Меѓутоа неговиот кас е доволно брз, па тој веќе е на друга страна; сѐ има понаков назив и сѐ изгледа поинаку; наместо да се сокрие, тој бега.

Неприсилениот зборува само кога е неопходно. Зборовите му вршат извесен притисок; и оние на другите и неговите, сопствени, зборови. Уф, а дури чувството после разговор кога човек останува сам со себе и кога ги повторува сите тие зборови! Но тие никако да престанат; не можеш да се отарасиш од нив; притискаат и притискаат, човек почнува да бара воздух, каде ли да бега за да се спаси од зборовите? Меѓу нив има и такви кои се повторуваат со ѓаволска тврдоглавост, додека останатите попуштаат и исчезнуваат. Од оваа неволја може да се избега само со однапред смислен план: воошто не ги изустувај зборовите, едноставно, остави ги да спијат.

Неприсилениот конечно се откажа од своето име и не дозволува никако да го викаат. Итро и лесно скока по својата шаховска табла; никој не може да го привика.

Извор: Прислушкувач, Темплум, Скопје, 2013.
Слика:
 Сузан Фрејзер

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото