Десет години потоа: Што нè држи на фејсбук и понатаму?

02.06.2014 11:03
Десет години потоа: Што нè држи на фејсбук и понатаму?

На денешен ден, пред десет години, Фејсбук броеше едвај неколку стотици корисници. Се наоѓаше на адресата thefacebook.com, а за да му пристапите беше нужно да поседувате e-mail налог кој укажува на афилијација со Универзитетот Харвард. Неколку месеци подоцна, во јуни 2004 година, ќе им стане достапен и на студентите од Стенфорд, Колумбија и Јеил, а како целосно отворена социјална мрежа почнува да функционира од септември 2006 година, една година откако беше преселен на facebook.com.

Првите корисници можеа да направат личен профил, да прегледуваат профили на други корисници, да разменуваат покани за студентски забави. И уште нешто: од самиот почеток постои опцијата poke, која денес е занемарена. Споделувањето и лајкувањето беа создадени подоцна (копчето like е родено 2009 година), а некои од функциите, како омразениот news feed на почетокот, се појавија неодамна.

Десет години подоцна, Фејсбук има повеќе од милијарда активни корисници, при што просечниот корисник посветува осум часови месечно на активности кои до вчера не постоеја: постирање, споделување, лајкување, следење туѓи постови... Се разбира, попатно и хејтува, анфрендува (познавачите велат дека терминот defriend би бил посоодветен од веќе омразениот unfrined), ги блокира оние кои некако успеале да стигнат во фолдерот „неподносливи“...

За време на десетте години постоење, Фејсбук помина низ сериозна трансформација, патем длабочниски трансформирајќи го нашиот секојдневен живот и нашите навики. Изгледа дека едно нешто остана исто постојано: причината заради која сме на мрежата.

Фејсбук – повеќе од врска

Во 2012, на психологот Роберт Вилсон му изгледало дека е време тој и неговите соработници детално да ги разгледаат дотогаш објавените психолошки студии за Фејсбук, неговите корисници и нивното однесување на социјалната мрежа. Ги интересирало дали на тој начин ќе откријат некаква правилност во врска со фејсбуковците и ширењето на самата платформа. Иако причините заради кои луѓето ѝ пристапуваат на социјалната мрежа се хетерогени, еден фактор, покажала анализата на Вилсон, се издвојува како посебно силна мотивација: желбата да се одржи контактот со пријателите. Иако за дел од кориснците на Фејсбук може да се каже дека ги направиле своите профили под социјален или генерациски притисок, сепак, повеќето од нив се приклучиле трагајќи за нешто пофундаментално: остварување социјални врски.

Истражувачите шпекулираат за уште еден фактор – нашата потреба јавно да ги прикажеме социјалните контакти и блискоста. На некои можеби нема да им се допадне споредбата, но приматолозите забележале дека мајмуните не си помагаат едни со други кога се чистат од болви и паразити само за да ги воспостават и да ги одржат меѓусебните врски, туку и да ги направат јавни. Аналогно, конверзациите на профилите на корисниците на Фејсбук можат да се изведат и во приватност. Правејќи ги јавни, социјалната мрежа ни овозможува да задоволиме една од базичните потреби кои ги споделуваме со нехуманите предци. Лајкот, со оглед на тоа дека претставува јавна поддршка за некого или нешто, го перцепираме како посилен показател за реална поддршка, која сме можеле да ја дадеме и во четири очи.

Социјалното вмрежување има и своја друга, навидум парадоксална страна: придонесува да се чувствуваме осамено.

Вмрежени, осамени и депресивни

Тешко дека некој ѝ пристапува на социјалната мрежа со идеја да стане тажен и осамен. Сепак, студијата на Итан Крос, психолог од Универзитетот во Мичиген, сугерира дека Фејсбук токму така влијае на психата на своите корисници, на подолг рок.

Две недели, Крос и соработниците на својата група испитаници им испраќале по пет смс пораки дневно. Истражувачите ги интересирале неколку нешта: како се чувствуваат генерално; колку се загрижени и осамени; колку го користат Фејсбук; колку директни интерперсонални контакти имале помеѓу две смс пораки. Се покажало дека пообемната употреба на Фејсбук, помеѓу две смс пораки, е во негативна корелација со субјективно проценетото општо задоволство во животот. Освен тоа, учесниците во студијата кои биле наклонети често и обилно да поминуваат време на Фејсбук, воедно, додека траела студијата, пријавиле најголем пад на личното задоволство во животот.

Наодите на Крос се совпаѓаат со резултатите од претходните истражувања за отуѓувачките периоди на интернетот воопшто и Фејсбук. Американскиот социјален психолог Роберт Краут веќе петнаесетина години тврди дека постои врска помеѓу екстензивното користење на интернетот и чувството на осаменост и депресија. По првото онлајн искуство, нивото на задоволство во сопствениот живот и степенот на социјална поврзаност опаѓаат како функција на начинот, т.е обемот на користење интернет.

Наспроти проширеното убедување, осамените луѓе не се наклонети кон пристапување на социјалните мрежи. Една неодамнешна анализа на студии кои се однесуваат на Фејсбук и психолошките карактеристики на неговите корисници, резултираше со заклучок дека корисниците и некорисниците на социјалните мрежи не се разликуваат според цртите на личноста. Осамени или не, кога еднаш ќе направат профил на социјална мрежа, поголеми се шансите дека луѓето ќе го зголемуваат времето кое го поминуваат онлајн и ќе се чувствуваат помизерно. И покрај тоа, психолошките истражувања покажуваат дека ексцесивната употреба на Фејсбук има моќ да ги поткопа интимните врски.

Според некои истражувања, врската помеѓу Фејсбук и личното незадоволство може да биде посредувана од завист. Во основа, се работи за феномен на социјална споредба – нашиот стремеж да се споредуваме со луѓе кои според релевантни параметри ги сметаме за слични на себе. Во контекст на социјалните мрежи, јасно, тежнееме да бидеме вмрежени токму со такви луѓе. Изгледа дека постојаната изложеност на „вестите“ за нивните лични или професионални достигнувања е во состојба да ни индуцира чувство на помала вредност. Во овој случај, како главен параметар кој го одредува незадоволството не фигурира обемот на користење на Фејсбук, туку начинот: зависта е почеста кај луѓето кои ги прегледуваат содржините отколку кај оние што ги креираат и покажуваат.

Овие вторите – фејсбуковците кои обилно постираат и споделуваат – спаѓаат, пак, меѓу најомразените видови на социјалните мрежи. Барем така покажуваат резултатите од неодамнешната анкета, која во САД ја спроведе Pew Research Center, со тоа што треба да се има предвид дека тие првенствено важат за корисниците кои поставуваат и споделуваат содржини за себеси. Психолошки набљудувано, тоа на другите им остава впечаток на осаменост, фалење и незаинтересираност за содржините кои ги креираат другите. Сепак, според резултатите од минатогодишната студија, на вистинските нарциси повеќе им одговара конкурентската социјална мрежа – Твитер.

Твитер vs Фејсбук – нарциси vs егоисти

Твитот, ограничен на 140 карактери, ви овозможува концизно да одговорите на прашањето: „Што правиш?“ Претпоставката дека луѓето ги интересираат вашите moment-to-moment постови, пишуваат авторите на споменатото истражување, „мириса“ на егоцентризам, грандиозност и придавање премногу големо значење на себеси, што се клучни карактеристики за нарцисоидните личности.

Тоа што имате Твитер профил не значи дека автоматски сте нарцисоидни. Но, доколку доминираат постови кои се фокусирани на вас лично (или вашиот домашен миленик), можеби не би било лошо да го проверите својот резултат на тестот за нарцисоидни црти на личноста. Брус Мекини, психолог на Универзитетот во Висконсин, тоа го направил со повеќе од 200 студенти, учесници во неговата студија и утврдил корелација помеѓу присуството на нарцисоидни карактеристики и автофокусираните твитови. Интересно, посилните нарцисоидни тенденции не се поврзани со бројот на следбеници ниту со бројот на оние кои ги следи сопственикот на профилот.

Ако науката за социјалните мрежи ви е премногу сувопарна, неодамнешната статија на Марк О’Конел, објавена во New Yorker, може да послужи како добра илустрација на тезата за привлечноста на Твитер за нарцисите. Во статијата, самопрокламираниот all-cash-libertarian пишува за необичното задоволство кое го преплавува кога набљудува како луѓето ги бришат своите твитови. „Чувствителниот“ потег укажува на стравот на авторот дека ќе изгледа „досаден, неинтересен, незнајко, неискрен или глупав“.

Во меѓувреме, научниците сугерираат дека социјалните мрежи, генерално се идеална платформа за поединците со нарцисоидни црти. Заради тоа што сопствениците на профилите нудат можност целосно да ја контролираат самопрезентацијата, и Фејсбук и Твитер ѝ одат во прилог на наклонетоста на нарцисите стратешки да ја планираат, градат и одржуваат сликата за себе – за другите. Разликите се незначителни, неодамна утврдија психолозите од Универзитетот во Мичиген, предводени од Елиот Панек: Твитер повеќе им одговара на младите, кои го користат како „мегафон“, додека Фејсбук повеќе им одговара на постарите, на кои им служи како „огледало“. Во двата случаи, објавите често не се мотивирани со автентична желба нешто да се сподели со пријателите, туку служат како мамец кој треба да ја предизвика саканата реакција.

Во случај сите овие информации да го прават вашиот инаку амбивалентен однос кон социјалните мрежи уште понокфузен, не грижете се. И науката по овој повод често е контрадикторна. На пример, постојат докази и за следното:

Фејсбук нè прави среќни

Тоа е заклучокот до кој дошле група истражувачи предводени од чилеанскиот комуниколог Себастијан Валенсуела. Според студијата што ја објавија во списанието Computer-Mediated Communication, честата и екстензивна употреба на Фејсбук е во позитивна корелација со личното задоволство во животот. Освен што се посреќни, наведуваат авторите на истражувањето, масивните корисници на Фејсбук се одликуваат со повисок степен на социјална доверба и поголема подготвеност за граѓански ангажман и учество во политичкиот живот.

Иако резултатите од студијата на Валенсуела се противречни со повеќето студии на оваа тема, тие лесно можат да се сместат во поширока теоретска рамка – сознанија на социјалните психолози за природата на човечката социјабилност. Имено, социјалните мрежи можат да се набљудуваат и како средство со чија помош споделуваме, учествуваме, соработуваме. Успешното споделување, учествување и успешната интерперсонална соработка произведуваат психолошки и физиолошки наградувачки ефект. И покрај тоа, колку споделеното е полично, толку наградувачкиот ефект е посилен, дури и адиктивен. Следејќи ја мозочната активност на испитаниците додека одговараат на прашања за себе, односно за другите, истражувачите од Харвард забележале дека наградувачкиот неврален систем е поактивен во првиот случај.

Според некои истражувања, сеприсутноста на социјалните мрежи веќе го измени начинот на кој читаме и гледаме: истровремено размислуваме како и со кого да го споделиме тоа. И покрај тоа, наградувачките центри во машиот мозок се активираат и при самата помисла за споделување; пред таквата намера да биде спроведена на дело.

Когнитивниот научник Метју Либерман и неговите соработници експериментално утврдија дека виртуелната социјална врска штити од стрес и болка. Во една од студиите, покажаа дека болниот стимуланс боли помалку доколку партнерот ја држи испитаничката за рака. Изненадувачки, подеднакво болниот стимуланс испитаничката го проценува како дури двапати помалку болен кога во рака држи фотографија од својот партнер. Заради некаква причина, дистанцата и нужноста од имагинација – ментална претстава наместо вистински нешта – делува како анестетик.

Противречноста на резултатите не значи дека едната или другата група истражувачи греши, ниту дека таквите резултати меѓусебно се исклучуваат. Судејќи според сè, ефектот на Фејсбук врз психата и емоционалната состојба на корисникот зависи од тоа што прави тој додека е активен на мрежата. Имено, Фејсбук може да служи за различни нешта и различни луѓе де факто го користат различно. Директната интеракција – на пример, постирањето на нечиј ѕид, објавата во група, размената на пораки и коментари, или лајкувањето – како што покажуваат истражувањата, го засилува впечатокот за социјална поврзаност, а го намалува чувството на осаменост. Кога сопственикот на профилот ќе се ограничи на пасивно учество – следење постови на своите пријатели без коментирање и лајкување – Фејсбук има спротивен ефект: го намалува чувството за поврзаност, а го зголемува чувството на осаменост.

Дека ефектот на социјалните мрежи врз менталната состојба на корисникот може да биде двоен, и тоа во зависност од начинот на кој ги користи, потврдено е пред неколку години во многу интересен експеримент, базиран на техниката позната како фацијална електромиографија. Учесникот во експериментот е логиран на својот Фејсбук профил. Пред тоа, истражувачите на лицето му поставуваат четири електроди: две над веѓите и две на надворешните рабови од усните. Како што покажуваат резултатите, за разлика од пасивниот преглед, активното пребарување донесува чувство на пријатност.

Сè заедно, ова се вклопува во резултатите на метаанализата на психолошки студии за досадата, кои пред две години ја направија психологот Џон Иствуд и неговите колеги од Универзитетот во Јорк. Долготрајната досада резултира со чувство на празнина, дури и тага. Судејќи според сè причината лежи во вниманието: ако нашето внимание е активно ангажирано, тогаш не ни е досадно. Меѓутоа, доколку се обидеме во исто време да се фокусираме на повеќе стимуланси, ангажманот ја губи смисленоста, што одново резултира со незадоволство. Ова последното би можело да биде вовед во приказната за тоа зошто заминуваме од Фејсбук.

Leaving Facebook

Додека причините за нашето пристапување на социјалните мрежи се предмет на константно растечка низа интердисциплинарни истражувања, со прашањето зошто луѓето одлучуваат да ја напуштат социјалната мрежа, научниците се занимавале многу помалку. Засега, скицираниот одговор е повеќе од интересен: она што нè наведува на социјалните мрежи најчесто е причина за да станеме незадоволни од нив до таа мера за да го деактивираме профилот.

Клучниот збор е: „поврзување“. Значи, повеќето луѓе велат дека пристапуваат на Фејсбук со желба да ги одржат контактите со пријателите и да воспостават нови контакти. Во меѓувреме, Фејсбук се прошири во размери кои, на некој начин, ги натераа корисниците да ги прошират своите мрежи – да бидат пријатели со голем број луѓе. Заради некоја причина, откако ќе направат стаж на социјалната мрежа, луѓето стануваат мошне лежерни при праќањето и прифаќањето барања за пријателство. Причинско-последичната низа понатаму тече приближно вака: големиот број пријатели значи многу прометен news feed; меѓу константните апдејти има сè повеќе од оние кои воопшто не ве интересираат и кои доаѓаат од луѓе за кои не знаете како воопшто се нашле меѓу вашите пријатели (не знаете што ви е заедничко). Накратко, бројот стимуланси кон кои настојувате да го насочите вашето внимание почнува да ги преминува неговите капацитети. Станувате фрустрирани и веќе не гледате цел. Освен тоа, имате впечаток дека на премногу голем број луѓе им покажувате кои сте и какви сте навистина.

Бесмисленост, непотребна дистракција и загриженост за приватноста. По овој редослед, тоа се три најчесто наведени причини за напуштање на фејсбук, при што третото – сопствената изложеност на голем број луѓе – станува сè посериозен фактор. Дури и кога нашата намера не е таква или тоа воопшто не го сакаме, профилите на социјалните мрежи нè разоткриваат до таа мера што некои психолози сугерираат дека тајмлајнот на Фејсбук и фидот на Твитер, со пишани траги за дневното однесување на корисникот, на психолозите им се подрагоцен алат за собирање податоци отколку интервјуата и тестовите, кои вообичаено се спроведуваат во деконтекстуализиран амбиент.

На корисниците, изгледа најмногу на тинејџерите, тоа им станува сè појасно, па со социјалните мрежи се служат на сè повнимателен и поконтролиран начин. Минатогодишната анкета, спроведена во Америка, покажува дека две третини од адолесцентите имаат „заклучени“ профили; исто толку ги бришат профилите или дополнително ги едитираат своите постови; половина тинејџери бришат некои од коментарите на своите постови, како и од своите коментари на туѓите објави; малку помалку од половината ги отстрануваат таговите од фотографиите, додека повеќе од половината не се двоумат да блокираат довчерашен пријател.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото