Големиот отскок назад

06.08.2014 09:06
Големиот отскок назад

Широките санкции на САД и на ЕУ против разни сектори од руската економија, високи политичари и бизнисмени блиски на Кремљ предизвикаа контрареакција од Москва. Настрадаа американските и европските бизниси, како синџирот ресторани „Мекдоналдс“, кој е соочен со упади од инспекции, додека соперникот Вендис веќе си заминува, а рампа е ставена за овошјето и зеленчукот од Европската унија. Војната на забрани Русија ја прошири и против украинските млечни, кондиторски и конзервирани производи што овде се продаваат како алва со нивните социјални цени. 

Ова не е исто со самоизолацијата на Советскиот Сојуз, чија планска економија беше речиси самодоволна и не зависеше од меѓународниот тек на капиталот и трговијата со децении. Комунистичката империја цврсто бранеше идеологија за светска револуција и социјализам со економски политики независни од капиталистичките Запад и Јапонија, притоа верно следени од десетици држави од Јужна Америка до Азија. Путинска Русија, од своја страна, пак, живее во глобализиран и меѓузависен свет, и е нејасно чии интереси брани. 

На санкциите наметнати од Вашингтон и од Брисел поради наводната помош што Москва им ја дава на сепаратистичките востаници во источна Украина, рускиот врв одговори со забрани за увоз на храна и свежо овошје и зеленчук од ЕУ и Украина. Последната, на пример, со своето плодно черноземје за време на комунизмот се сметаше за хранителка на Советскиот Сојуз, денес во Русија извезува околу 33.000 тони млечни производи месечно. 

Аналитичарите и експертите прогнозираат стагнација и пад на економијата и зголемување на цените на прехранбените производи што во наредните неколку месеци или ќе недостасуваат на рафтовите по големите супермаркети или ќе бидат заменети со домашни, чиј избор е многу помал и квалитетот послаб. Па и можното затворањето на „Мекдоналдс“, најпопуларниот ресторан за брза храна во Русија со синџир од 424 точки во 74 градови, води кон негативни резултати за бизнисот на фармерите и пекарниците - 70 проценти од намирниците за „американските“ сендвичи се снабдувани од домашни компании.

Русија е земја на контрадикторности. Лошиот развој на настаните не му пречи на високиот рејтинг на власта. Анкетите на јавното мнение покажуваат одобрување од повеќе од 80 проценти на дејствата на рускиот претседател Владимир Путин против Украина со заземањето на Крим и воената поддршка на ополченците во конфликтот со украинските сили во источниот дел на земјата. Од друга страна, се очекува забраните до Нова година да предизвикаат сериозен удар по џебот на обичните граѓани, пензионерите, воопшто посиромашниот слој на населението со зголемување на цените на храната од 20 до 25 проценти. 

Како е тоа можно? Со санкциите наметнати од САД и од ЕУ економистите прогнозираат руската економија до крајот на годината да изгуби 35 милијарди евра, а доколку настаните не се изменат, наредната година од земјата ќе се одлеат уште 70 милијарди, или вкупно третина од сегашниот руски буџет. Во реални бројки, анексијата на Крим и уривањето на „боингот 777“ на „летот 17“ на Малезиски авиолинии, секој руски граѓанин ќе го чини по 33.000 рубљи или речиси 1.000 долари. И пензионерите треба да бидат незадоволни поради долгорочното замрзнување на нивните исплати бидејќи резервниот пензиски фонд на почетокот на годинава беше ликвидиран за да се платат сметките за интеграција на Крим во Русија.

Значи, незадоволството треба да биде масовно, но не е така. Одговорот за ова е едноставен: високата цена што граѓаните и пензионерите треба да ја платат за авантурите на власта е амортизирана со сеприсутната пропаганда, но и со тоа што ефектите од санкциите ќе се почувствуваат не веднаш, а краткорочно, за шест месеци или за една година. Државната пропаганда го подготвува населението за зима со сериозни економски тешкотии.

Во деновите пред и по воведувањето на санкциите, и тоа сѐ уште трае, руските официјални лица и медиумите под контрола на државата, тоа значи речиси сите телевизии и весници, постојано трубат и пишуваат патриотска реторика во стилот, „паднати сме на колена, но ќе се исправиме“. Дека санкциите ќе бидат поттик за конечни промени во руската ресурсна економија, дека ќе се појават иницијативи за модернизација и вложување во свои домашни фабрики за производство на храна, лекови, телевизори, компјутери, заживување на земјоделието, сточарството... значи сѐ она што во Русија се троши масовно, но се увезува.

Ресурсната економија ја воведе Путин кон средината на минатата деценија кога цените на нафтата на светските берзи се зголемија и останаа во просек од повеќе од 100 долари за барел. Оттогаш владата постојано ветува модернизиација и диверсификација на економијата, но тоа никако да се случи. Па нели директниот извоз на суровини како нафта, руда, метали или дрвна граѓа што од Бога надарената почва на Русија ги дава во изобилство и создавањето брз кеш е подобро отколку имплементирање на нови технологии, ноу-хау и градење високотехнолошки капацитети што треба да ги задоволат строгите западни стандарди. Логиката, да не речеме, е библиска: Зошто да се трудиме и да трошиме енергија на создавање наше кога веќе сѐ е измислено и произведено, треба само да се купи, односно увезе.  

Дури и „Лада“, покрај вотката единствениот успешно извезуван руски бренд, барем во поранешните советски сателити и во бивша Југославија, има тешкотии поради постојаниот пад на продажбите и неможноста да им парира на новите кинески модели на автомобили, да не зборуваме за европските.   

Затоа, сосема е нормално по супермаркетите во Москва, Петербург и во другите големи центри, цената на килограм компир израснат во полињата стотина километри далеку од градот да чини поскапо од килограм праски увезени од илјадници километри далечното Мароко или од килограм банани прекуокенски транспортирани од Еквадор. Компирот се смета за руски национален плод, како што грозјето и лубениците се национален производ на Македонија. Па замислете сега кај нас во екот на сезоната килограм бостан да биде поскап од килограм банани или праски. 
 
Тоа е така бидејќи субвенции за поддршка на домашното производство е поим непознат за режимот во Москва, чии олигарси, државни чиновници и депутати – високи бизнисмени што управуваат со нафтените и хемиските комплекси преферираат политика на експлоатација и извоз на огромни количества нафта и други суровини и полусуровини, и водење трговија со високи маржи за создавање брз кеш. Некои, шеговито, во марксистички речник, тоа го нарекуваат примитивна акумулација на капиталот. Токму поради тоа
Русија уште долго ќе остане немодернизирана и социјална земја, зависна од увозот на готови производи, каде малиот бизнис е речиси непостоечки, додека средниот успешен бизнис опстанува и се соочува со редовни државни инспекции и контроли, изнуден да им плаќа „криши“, односно мито. 

Санкциите само ќе ја влошат ситуацијата и, како што најавуваат многу руски либерални економисти, треба да се очекува стагнација на економскиот растеж и негов долгорочен пад, и со тоа стегање на ремените. Но тие се нож со двојно сечило, и со нив делумно ќе настрадаат економиите на повеќе земји на ЕУ како Франција, Холандија или Германија, кои имаат традиционални бизнис врски со Русија. Санкциите се и нужно зло. Историјата покажува дека сами по себе, тие ретко кога ја менувале политиката на државата против која биле наложени. А доколку е така, тие секогаш се проширувале и заострувале и тоа се правело постепено, но со константна упорност сѐ додека ситуацијата не се измени. Така беше со санкциите на САД и меѓународната заедница против Исламската Република Иран или Ирак на Садам Хусеин, но и против Либија на Гадафи. Тие санкции донекаде беа успешни и го менуваа однесувањето на засегнатите режими, сè додека некои, поради крајната беда и истоштеноста на нивните земји, не беa збришани од револуции, или воени интервенции, како алтернатива на санкциите. 

Но има и многу поголеми инеатчии, како Северна Кореја, Сирија или Зимбабве, кои своите политики не ги менуваат под каков и да било притисок од санкции. Тешко е да се поверува во тоа, но Русија не може и не смее да застане во нивно друштво.

Интересно е да се види колку ќе издржи инаетливоста на Путин.