Орфеј во пеколот

09.09.2014 12:06
Орфеј во пеколот

Оваа историја за Орфеј и Евридика беше раскажувана многу пати. Значи: многу пати плус еден.

Подземното царство му ја грабна на Орфеј неговата прекрасна Евридика. Тој замина во потрага по љубената. Со ова се согласуваат и старогрчките митови и француските оперети.

Пред портата на царството на смртта Орфеј беше пречекан од триглавиот Кербер, чувар на пеколниот праг. Отворајќи ги трите муцки покриени со крвава пена, тој побара да му се отпее песна за влегување.

Орфеј ја стегна китарата до левото рамо, прстите му се приближија до струните.

Песната беше тивка и едноставна како шушкањето на дождовните капки, што ја мијат правта од лисјата на маслинките.

Сите три глави на Кербер слушаа со внимателно насочени шест кучешки уши. Сите беа страсни музичари и повеќе од тоа, музички критичари; да живееше во наше време, тој шестоушен пес лесно ќе можеше да започне каква било музичка дискусија што ќе заземаше по шест-седум страници на кој било музички магазин.

Китарата на Орфеј замолчи.

Средната глава на Кербер мрдна со левото уво и рече:

-Пристојно. Но...

И, замолчи.

Десната глава ја излижа пената од устата и одговори:

-Мошне големо „но“. Повеќе од тоа, не само „но“, туку веројатно „не“. Така треба да му одговориме на дебитантот, не му го запамтив името...
-Се викам Орфеј. Си земам за слобода да ве потсетам дека сум со божествено потекло и...
- Не се обидувај да нѐ умилостивиш, ненадарен музиканту – залаја третата глава на Кербер. – Ти, како син на боговите, го имаш дарот на бесмртноста, потроши барем половина од него учејќи музика од нашите жаби во Стикс. Основите на музиката не се во дрндањето туку во квакањето.
-Ова е премногу! – викна првата глава. – Така ќе речеш дека и небесните сфери квакаат, а не дрндаат, додека тие мелодично пеат, обединувајќи го во својата хармонија ѕвечењето на струните со квакањето на жабите.
-Обајцата лажете! – рикна средната глава, гневно мрдајќи со ушите. – Музичките проблеми, исто како и литературните, треба да се решаваат на тематско рамниште. Според вас, што изразуваше песната на дадениов молител? Која слика се појавуваше над струните на неговата китара?

Наместо одговор, муцката на левата глава широко се оклешти.

-Делото во строго дорски штим, раскажуваше за летот на чапјата над едно мочуриште.
-Глупости! – зарика левата глава на Кербер. – Делото е навистина програмско и совршено ги опишува низ звук колебањата на чапјата, што спуштајќи се во мочуриштето, не знае на која нога да застане, на левата или на десната...
-Ах, ти, несреќна третино од куче! – писна средната глава. – Зарем ти знаеш на која мисла да се застане! Сликата е сосема јасна: чапјата веќе стои во мочуриштето и го отвори клунот да ја голтне жабата.
-Тогаш нека се задави со неа! – млацкајќи со забите залајаа обете странични глави во ист глас.
-Задавете се во вашето незнаење! – започна да завива средната глава и се наведна до грлото на левата глава.

Орфеј беше на чекор од очајот. Тој беше решен да го напушти пеколниот праг. Но, во тоа време се случи нешто страшно. Трите глави на песот, крвожедно рикајќи, се впија во грлата на соседот. Кербер падна на земјата и можеше да се види неговиот кус дебел опаш како злобно се ниша.

На Орфеј му остана само едно: да го искористи моментот додека влезот во подземјето остана без стража и да влезе под сводовите на Аид, во пресрет на љубената Евридика.

(1937)

Превод од руски: Павел Попов

Слики: James Barry (1777–1783), George de Forest Brush, Orpheus, (1890)

Сигизмунд Доминикович Кржижановски (1887-1950) е руски и советски и писател, автор на кратки раскази, кој за себе велел дека е „познат по тоа што не е познат“. Најголемиот дел од неговите дела се објавени постхумно.

Кржижановски е роден 1887 година во Киев, во полско семејство. Судејќи според она што го напишал, врз неговиот стил најмногу влијаеле Роберт Луис Стивенсон, Гилберт Кит Честертон, Едгар Алан По, Николај Гогољ, Е.Т.А. Хофман и Х.Џ. Велс. Кржижановски бил активен во московските книжевни кругови во 1920-тите, додека работел во театарот Александар Таиров. Неколку раскази на Кржижановски станале познати благодарение на приватните читања, а некои си го нашле патот до некои списанија. Во една од неговите последни новели, „Зачадениот пекар“ (1939), се зборува за пехар од кој чудесно никогаш не снемувало вино, што понекогаш било интерпретирано како алузија на уживањето на авторот во алкохол. Тој умрел во Москва, но местото на кое е погребан е непознато.

Во 1976, истражувачот Вадим Перелмутер ја открил архивата на Кржижановски и во 1989 објавил еден од неговите кратки раскази. Како што последователно биле објавувани петте томови од неговите собрани дела, Кржижановски од непознат станал значаен советски писател, кој успеал да ја „избруси“ прозата до работ на поезијата. Неговите кратки параболи, напишани со поетични детали и неверојатна фантазија - иако некогаш на граница на чудни - се споредувани со „Фикциите“ на Борхес. „Квадратурин“ (1926), неговата најпозната фантазмагорична приказна, е кафкијанска новела во која алегоријата е помешана со егзистенцијализмот.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото