Што ли носи „бомбата“ на Заев за да создаде толкав страв во владејачката елита?

09.02.2015 02:52
Што ли носи „бомбата“ на Заев за да создаде толкав страв во владејачката елита?

Што ли носи „бомбата“ на Заев за да создаде толкав страв во владејачката елита? Паниката на нивните лица, грчот во телото, импулсивните одлуки и брзите реакции се карактеристика на рането животно кое ќе направи сè за да го спаси сопствениот живот. Од што ли се штитат што по секоја цена се обидуваат да нè замолкнат?! По нивните реакции се гледа дека се плашат од „бомбата“, но уште повеќе се плашат од нас, граѓаните, оти знаат што можеме да направиме со вистината в раце. И се плашат од нашата реакција. Ја гледаат нашата моќ изминативе месеци, па затоа со експресна брзина се обидуваат да замачкаат очи со привидни и лажни решенија на комплексни проблеми. Со инстант средби на премиерот со граѓаните се обидуваат разбудените другарки и другари повторно да ги вратат во апатична состојба, дарувајќи им лажни надежи и евтини ветувања. Сè за да ја деактивираат „бомбата“.

Ех, ама тука се зезнаа, оти просветарите сè уште се незадоволни и знаат дека единствен начин да си го вратат учителското достоинство е или да го сменат предавничкото раководство или да оформат нов, независен синдикат. Се зезнаа и кај студентите, оти тие знаат дека нивната борба тука започнува, а не завршува. А со инфантилниот предлог за измени во законите за хонорарците, единствено го зголемија револтот во движењето и ние сме сега уште поубедени и порешителни во нашата борба.

Ако сите овие квази-решенија се случија само заради најавата на оваа „бомба“, тогаш сега е вистинскиот момент ние, граѓанките и граѓаните на Република Македонија, сите заедно, да го овозможиме ослободувањето на вистината што таа „бомба“ ја носи. Сега е моментот да се претвориме во медиуми на вистината и да го прошириме секој збор и секој детаљ од таа вистина, до секој град и секое село, до секоја населба и до секое семејство, оти многу е важно сите да ја дознаат реалната слика за земјава. Сега е моментот сите заедно, солидарни, обединети и решителни да го вратиме нашето граѓанско достоинство и да го вратиме нашиот граѓански суверенитет. ‪

#‎ТикТакТикТак‬

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Олга Шварцур