За нештата да станат појасни: Јадранка Костова за лустрацијата

31.03.2015 01:25
За нештата да станат појасни: Јадранка Костова за лустрацијата

„Дали Керим се крие зад псевдонимот `Консултант`?!“ – поднаслов во текстот на Јадранка Костова, која го цитира дисидентот Адам Михник: „Мораме да ги објавиме досиејата, за да ставиме крај на нивната моќ врз нас“. („Само СДСМ на Бранко и СПС на Милошевиќ гледаат зло во лустрацијата“, Фокус, 18.5.2007)

„Но, она што може да се доживее како `нож в грб` на проектот пристигна од Владата. Идејниот проект потекнува од МВР, благословот го добива од Груевски, а за формата во вид на амандман беше задолжен Андов. И така `пучанството` беше информирано дека од лустрациониот процес ќе треба да куртули кодошката фела регрутирана последниве седум години“. (Јадранка Костова, „Груевски ја минира лустрацијата“, Фокус, 8.6.2007)

Јадранка Костова: „Ако лустрацијата падне на Уставен суд: со нов Закон да ги наградиме кодошите, ама и за тоа ќе треба да им ги откриеме имињата“. (Фокус, 5.6.2009)

Јадранка Костова: „Најмалку тројца во Владата на Груевски и двајца советници на Ѓорге Иванов биле кодоши?!“ (Фокус, 16.10.2009)

Јадранка Костова: „Латас е прв новинар со писмен доказ за чисто досие“ – со ваков епохален доказ за чистотата на својот уредник излезе весникот Вечер на Бојо Андревски. Ако ова не е исклучок, некаква спец-процедура на ‘прочистување’, тогаш сите новинари многу лесно можат да го решат проблемот со лустрацијата, така што ќе побараат тапија од Мијалков и од Јанкулоска“. (Јадранка Костова, „Тешко на Македонија, ако човекот кој ги дрмаше и Бранко и Бучко и Љубчо и Грујо, навистина бил српски шпион!“, Фокус, 22.1.2010)

Јадранка Костова: „Со Законот за отворање на досиејата и високите казни од Законот за лустрација, практично беа заштитени кодошите и соработниците на тајните служби од идејно-политички причини. Затоа, ни треба нов закон, кој нема да забранува, туку вистински ќе деконспирира во нормална процедура“. („И лустрацијата бавна како транзицијата“, Дневник, 27.5.2010)

Јадранка Костова: „…клучниот фактор во целиот процес на лустрација е УБК. Комисијата, едноставно, зависи од тоа што ќе ѝ биде дадено од службата. Фактот што нејзините членови не може сами да ги проверат документите и бараат нешто да добијат, говори дека таа е во подредена положба“. („Службите во служба на кодошите“, Дневник, 1.6.2010)

Јадранка Костова: „Власта предложи седуммина, а и пратеникот на Ахмети куртули благодарение на седуммина кои гласале против!“ (Јадранка Костова, „Кој од бившите потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ бил кодош?“, Фокус, 24.9.2010)

Јадранка Костова: „Методите на УДБА за врбување на кодоши од идејно-политичка провиниенција за пари или кариера и денес се омилено орудие на Груевци. Секој документ за одреден криминал, секој податок со кој некој се компромитира, секоја кривична пријава, може да послужи да се направи од дотичниот – не кодош, туку партнер на власта или барем нејзин мегафон!” („Лустрацијата во 100 чекори како пародија: Според методите на УДБА за врбување кодоши, преродбениците стекнуваат коалициски партнери!“, Фокус, 1.4.2011)

Јадранка Костова: „…сета хронологија на настаните врзана за лустрацијата смрди на портокалово сценарио, овој проект да стане уште една алатка за селективно замајување на јавноста. Милчин, пак, имаше таков габарит што може успешно да го пренасочи вниманието на дел од `рајата` од амнестијата на воените злосторства против цивили“. („Пастирот ги смачка Љубе и Велија, сосе Владимир Милчин, ем рестовани новинари за четири особи!“, Фокус, 29.7.2011)

Јадранка Костова: „За Владимир Милчин, пак, изгледа е зацртано во невидливиот преродбенички црн тефтер да биде инаугуриран во кодош, и тука ни Господ не може да му помогне... За сите оние што ме прашуваат за лустрацијата, а бев и сè уште сум за овој процес, веднаш да разјаснам дека ова не е лустрација, туку алатка за справување со критичарите и за забава на широките народни маси. Тоа што талентите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја исчурија работата, говори повеќе за нив“. (Јадранка Костова, „По `убицата` Љубе и `кодошот` Милчин, ќе пуштат малку и нечиста вмровска крв, како доказ дека не се селективни?!“, Фокус, 10.8.2012)

Јадранка Костова: „Зарем не е веќе кристално јасно колку Фокус е систематски третиран од фамилијата на власт! Не ги задоволи смртта на Никола Младенов и згаснувањето на дневен Фокус. Продолжија да нѐ гонат пред нивните судови и судии. И тоа не им ги насити ниските страсти, веројатно затоа што ја преживеавме казната… и еве ја смислија лустрацискава комедија.“ (Јадранка Костова, „КАКО ПОЛИЦИСКА МЕСТЕНКА, „АЏИЕВЦИ“ ЈА ПРЕТВОРААТ ВО ЛУСТРАЦИСКИ МАТЕРИЈАЛ!“, Фокус, 29.03.2015)

Избор на фрагменти: Жарко Трајаноски

Извор: www.facebook.com/trajanoski
Слики: Свирачиња