Шовинизам на „феминистички“ начин

11.04.2016 02:30
Шовинизам на „феминистички“ начин

Шведски модел на регулација на сексуалната работа - шовинизам на „феминистички“ начин

 

Ако во суштината на феминизмот е солидарноста, првиот феминистички акт е поддршката и сочувството што една жена го дава на друга. Според ова, како можат да се наречат „феминистки“ оние жени кои не ги поддржуваат сексуалните работнички?! Една од феминистичките пароли која го обележа феминизмот е „ништо за нас, без нас“. Додека денес, со наметнување на шведскиот модел на регулација на сексуалната работа, „феминистките“ го прават истото она против кое наводно се борат.

Шведскиот модел на регулација на сексуална работа значи криминализација на клиентите, без криминализација на самите сексуални работници, темелејќи се на тврдењето дека сексуалната работа е по дефиниција, и во сите можни контексти, насилство врз жените. Од феминистичка перспектива, дали денешниве самопрогласени „феминистки“ ги прашале жените - сексуални работнички што е најдобро за нив и како тие сметаат дека е најдобро да се регулира сексуалната работа?! Дали го имаат предвид мислењето на сексуалните работнички за шведскиот модел и фактот дека истиот придонесува за зголемување на насилството врз сексуалните работнички? Или можеби онака, баш во „духот на феминизмот“ ги сметаат сексуалните работнички за жени со ограничена деловна способност што не можат сами да одлучат за себе, па овие етаблираниве „феминистки“ од позиција на „поеманципирани“ жени, ќе одлучуваат што е она што е најдобро за сексуалните работнички?!

Сексуална работа не е исто со трговија со луѓе, сексуалната работа е доброволна професија која сексуалните работници сметаат дека во одреден временски период е најдобра опција во нивниот живот. Некои од нив добро заработуваат, некои полошо, некои би сакале да работат нешто друго, некои си ја сакаат професијата. Исто како и сите останати. Некои сексуални работнички се поеманципирани жени од повеќето од сите вас, кои ги сметате за кутри жртви, имаат поголема контрола над одлуките за сопственото тело и се свесни за сопствената политичка положба. Вие, кои борба против патријархатот ја заменивте со концептите на „gender budgeting“ и „gender mainstreaming“, наметнати за растворање на феминистичката борба во либералниот капитализам, кој по дефиниција е патријахален, е баш вие, немате право од „феминистичка“ позиција да зборувате за тоа што е подобро за жените - сексуални работнички. Најверојатно е прашање на еволуција, истите вие привилегирани „феминистки“, бевте расистки, па бевте хомофобки, па ги исклучувавте транс-жените во вашиот „феминизам“, и сега истите вие ги исклучувате и ги маргинализирате сексуалните работнички. Ја немате надминато патријархалната мантра „курва или домаќинка“, со тоа што „домаќинка“ го променивте со „успешна бизнис-жена со високо образование“, а курвиве си останаа на маргините. За вас срамни, неприфатливи, неморални и нечисти, па дури и „за жалење“. Најверојатно сексот за вас остана срамен, а желбата за секс резервирана за мажите?! Очигледно немате прифатено дека и жените сакаат да имаат секс, можат да имаат колку партнери сакаат и ако сакаат можат и да заработуваат од тоа. Зошто не зборувате за мажите - сексуални работници, туку нив ги изнајмувате да ве забавуваат на родендени и девојачки забави?! Со исклучувањето на мажите - сексуални работници од јавната дебата за регулација на сексуалната работа, вие ја сметате жената како послаба, немоќна да се грижи и да одлучува за себе, наспроти мажот - сексуален работник. Прилично шовинистички став, нели?!

Шведскиот модел на регулација на сексуалната работа не донесе добри резултати, туку само ја истурка сексуалната работа во подземјето, каде сексуалните работнички се многу поизложени на насилство и злоупотреба од страна на клиенти и макроа. Шведскиот модел придонесе за зголемување на ризикот од насилство и ризикот по здравјето на сексуалните работнички, бидејќи во услови на криминализација на клиентите, сексуалните работнички се ставија во позиција да мораат брзо да одлучуваат, со што немаат доволно време да проценат дали треба или не треба да прифатат да му дадат сексуална услуга на некој клиент. Понатаму, бидејќи кондомите се користат како доказ во кривичната постапка против клиентите, сексуалните работнички почнаа поретко да носат кондоми со себе, зголемувајќи го ризикот од сексуално преносливи инфекции и ХИВ. Светската здравствена организација во своите препораки потенцира дека е потребна декриминализација на сексуалната работа со цел зголемување на успешноста на здравстените програми за СПИ и ХИВ, како и програмите за социјална заштита. Шведскиот модел е штетен по здравствените и социјалните сервиси за подобрување на здравјето и намалувањето на ризиците од СПИ и ХИВ кај сексуалните работници.

Она што е најпогрешно со шведскиот модел на криминализација на клиентите на сексуалните работници, е што сексуалните работници не ги третира како еднакви, туку како мали деца кои не можат да проценат што е добро за нив, нужно ги третира како жртви кои треба да бидат спасени, наместо како рамноправни граѓанки.

Извор: starsexwork.org
Слики: Yung Cheng Lin

ОкоБоли главаВицФото