Хорхе и ВМРО ослободени од вина!?

10.06.2016 15:28
Хорхе и ВМРО ослободени од вина!?

Кога го прегледувам стендап комичарското шоу што Прецедникот на Македоња Вечна некни го даде на Самитот 100 во Сараево, ме обземаат амбивалентни, дури конфузни чувства. Потполно е нејасно дали на екранот гледам комедијант или малоумник, претседател или тотален идиот. Дали тоа нешто што со глуп поглед и полунасмевка што оддава видно самозадоволство од сопствената глупоштија, дали тоа суштество е злосторник што ги ниша фундаментите на македонската државност и треба да одговара за своите криминални дела, или, се работи за ментално инсуфициентна личност што не само што не е свесна за своите дела, туку заслужува сожалување и грижа од страна на заедницата? Следете ја, почитувани читатели, оваа неверојатна низа од глупости, што како монистра ја нижеше Хефе де Естадо: „Ја ќе сменам приказна: сеа и Исус Христос да се јави – ќе го убијат! Исто важи и за Мухамед. И Мухамед сеа да се јави – ќе го убијат. Значи, не ви е неопходна сила, туку ум. (Тука говорникот со прстето показалче си ја допира главата!). Умот војува. Александар бил тоа што бил, затоа што имал најдобар учител кој се викал Александар, и го научил на сите тајни на опстојување на... човекот.“

Да ја чуете оваа неверојатна серија на логички неповрзани, погрешни и во секој поглед малоумни реченици, од устата на дете од второ одделение осмолетка, тоа може да предизвика и одушевување кај возрасните – сите ќе бидете разгалени од „разиграниот“ тек на детските мисли. Но, да го чуете овој куп на севселенски кретенизми од устата на Прецедникот на Вечна, и тоа на меѓународен самит каде што ја репрезентира 400 000 години старата македонска држава, а богами и култура, е, тоа побудува еден куп збркани чувства. Тука е првин чувството на тежок автодеструктивен срам (да пропадне човек во земја!), па чувството на вина и гнев што дозволил на татковината да и се случи ваква пропаст, и конечно, до емоционална збунка што е предизвикана од чувството за солидарност со несреќата на ментално попречениот сограѓанин... Човек мора да се запраша - не дали овој очигледно интелектуално декапацитиран човек чувствува вина, туку дали, кутриот, воопшто може да чувствува вина? Или, уште пострашно: дали овие луѓе – Хорхе и неговите другарчиња од ВМРО што ја делат истата ментална попреченост - во објективна судска постапка можат да бидат виновни за своите злосторства?

Во теоријата на кривичното право прашањето на дефиницијата на вината е од клучно значење, зашто на неа се темели вкупната општествена практика на препознавањето и казнувањето на Злото. Елем, во кривичното право вината е состојба во која едно лице се смета за одговорно за извршеното кривично дело. Дефиницијата изгледа „тенка“ и контроверзно циркуларна, и во неа на прв поглед нервира субјективизацијата на чинот на вршењето на злото, бидејќи нормалниот човек ќе помисли дека за утврдување на вината е доволен само објективниот наод дека конкретниот човек го извршил конкретното злодело. Но, не: кривичното право ја дефинира вината од аспект на фундаменталната претпоставка за постоењето на слободната волја, или, со други зборови, за виновен може да се прогласи само оној што при полна свест, слобода на волјата и без принуда, се соочил со изборот да чини добро или зло – и избрал да чини зло. Вината за криминално дело, значи, мора да ги содржи двата нејзини суштински елемента: самото криминално дело и слободната волја и намерата на починителот. Зошто е за нас, почитувани читатели, толку важна оваа (веројатно досадна) дискусија од теоријата на кривичното право? Па, затоа што според сите Кривични законици на светот, за некој да одговара за стореното кривично дело, не е доволно само да го стори делото, туку треба и да биде виновен за она што го сторил. А, за да биде виновен за злоделото, сторителот треба да делувал при полна свест, пресметливо и со слободна волја. Доколку делувал во психичка состојба на непресметливост, во која тој не бил во состојба да го сфати значењето на своето делување, и да ги спознае стварните општествени и правни последици на делото, односно бил неспособен да поими дека неговото дело е општествено штетно, дури смртоносно за социјаното опкружување, таквиот сторител се ослободува од вина. А, без вината како субјективен однос на сторителот на злосторот кон своето дело, нема ни кривично дело. Така кажува Кривичниот законик, и тоа е начинот на кој функционира Правдата.

Како, тогаш, за своите дела ќе одговара Неговата Ништожност Хорхе – Хефе де Естадо, на виканото место Македоња Вечна? Па, секој нормален може да забележи дека човеков не е свестен не само за девастирачките последици на своето делување, туку дека не може да ги распознае ниту приближните контури на стварноста што го опкружува!? Всушност, проблемот е многу, многу поголем и пострашен од овој поединечен (иако истакнат!) случај, зашто неговите вистински димензии ќе ги согледаме ако го поставиме инверзното прашање: какви биле општествено-политичките околности во коишто било можно едно такво интелектуално и психички декапацитирано суштество да ја врши (во два мандати!) функцијата на претседател? Еден е одговорот на ова прашање: за да биде претседател на држава човек на кој не може да му се припише вина за неговите злодела поради трајно намалената пресметливост, државата на која овој и претседава треба да биде исто толку интелектуално и институционално декапацитирана и опустошена!

И, така е: Македонија е денес, по десетгодишното владеење на Груевски и неговата ВМРО-Злосторничка, територија што културно и државно-правно не претставува ништо. Тоа е празно место на мапата на Европа, територија дефинирана на негативен начин – со меѓународните граници до коишто се простираат соседните држави. Нејзиното постоење е обезбедено од стабилноста на геополитичките фактори надвор од неа, или поточно, од континуитетот на решенијата и геополитичката инерција на светските центри на одлучување. И, ништо повеќе. Да не постоеше оваа цврста и стабилна геополитичка структура околу нас, државно-правниот и културен вакуум што ВМРО го создаде уништувајќи ги институциите на државата, ќе предизвикаше неминовна имплозија на Македоња Вечна, имплозија што ќе ги вовлечеше и судреше сите околни државни ентитети во уште една балканска експлозија.

За среќа, никој веќе не е заинтересиран за библиската земја, и токму таа незаинтересираност за некогаш посакуваната - а денес опустошена - земја е суштинскиот гарант за суверенитетот на нашата територија. Од друга страна, тој надворешен безбедносен оклоп создаден од меѓународната индиферентност кон нашата празнина, ја овозможува временски неограничената општествена анабиоза т.е. непостоење на македонската држава и култура во рамките на својата суверена територија. Тоа е стратегијата на партиско-мафијашката инсталација на ВМРО – одржување на статус квото на нашето суверено непостоење. Проверив, во Кривичниот законик нема ниту еден член што го дефинира овој мегазлостор, ниту еден правен лек против партиското окупирање на државата и нејзиното институционално уништување. Значи, единствен лек за излез од општествено-политичката анабиоза е вонправното и вонинституционално соборување на режимот, исклучувањето на злосторниците од политиката, свикувањето на уставотворно собрание и воспоставувањето на уште една Нова Македонија. Нема друго, па тој ти е!

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња