Моментално не тепале, само плукале

03.03.2017 12:03
Моментално не тепале, само плукале

Момчето седеше на клупа пред куќата во која живееме. Немаше капа. Држеше телефон. Андроид. Кога Ема и јас излеговме, стана и ми се обрати: Господине Милчин, зошто не му се придружите на македонскиот народ на протестите?

Му одговорив дека не одам со тие кои тепаат новинари. На тоа тој изговори антологиска реченица: МОМЕНТАЛНО НЕ ТЕПАМЕ! Тоа беше вчера, малку пред инцидентот кога момче со капа го плукнало Борјан. Момчето без капа пред нашата куќа изговори и нешто како прашање дали не му се придружувам на македонскиот народ зашто си седам дома и ги бројам парите од Сорос. Звучеше нервозно и неуверливо, папагалски повторуваше научени реплики.

Изутринава на истата клупа седеше друг. Со капа. И тој имаше телефон. Андроид. Телефонираше, па се шуткаше, па пак телефонираше. Па стана и отиде до големата улица. Таму му се придружија момче и девојка кои си постојаа со него, па ги снема. Момчето со капа остана, загледан кон куќата од која очекуваше да излезам. Потоа, виде не виде, го снема…

(Петок, 9:50)

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото