Молкот е нашата болест

13.03.2017 04:25
Молкот е нашата болест

Вчерашниот ден, 11 март 2017 година, ќе го паметам по писмото до македонската јавност упатено од Александар Диневски и по потресното сведоштво на Марија Баришин објавено на нејзиниот ФБ.

Што мислам за монтираното обвинение и неправедната пресуда против Александар Диневски напишав сношти. Неговото писмо е уште една шлаканица за сите оние кои од петни жили се обидуваат да го нашминкаат грдото лице на Груевски и неговиот режим. И, бидејќи знаат дека на Диневски не можат да му продаваат басма, бараат од него да си молчи и да си одлежи уште година и пол во Идризово.

Во име на што? Во името на партијата (ВМРО-ДПМНЕ) и во името на татковината за која тврдат дека само партијата можела да ја спаси. Партијата која го изнедри режимот што и партиските ветерани ги испраќа на робија ни криви ни должни! Таа партија не може да ја спаси Македонија зашто таа партија е и ден денес со папочна врпца врзана за оние што ја запустија Македонија, за Грујо и тајфата зулумќарска! Таа партија најпрвин треба да се спаси себеси, да се ослободи од туморот на груевизмот.

Марија Баришин го прекина тригодишниот молк за тортурата низ која поминала. Замолчувачите потфрлиле. Марија проговори не само за сопствените страдања туку и за страдањата на другите во „здравствената установа“ Бардовци. Непријатниот сведок кого сакале да го скршат и замолчат со присилното затворање во Бардовци сега е сведок и на тоа што се случува таму. Не останала рамнодушна за другите, а тоа е подвиг во земјата во која солидарноста е реткост. Томови и томови книги се напишани за злоупотребата на психијатријата во репресивните режими кои лудниците (да го употребам старомодниот збор) ги користат како резервни зандани за замолчување на непокорните и на непријатните сведоци. Марија проговори и нема да замолчи, без оглед на гнасната канонада на која е изложена. Таа го отфрли молкот и ја освои својата слобода.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Били Даркарт