Музеолошкото демонтирање на Европа

12.10.2017 23:55
Музеолошкото демонтирање на Европа

Долго најавуваниот „европски“ проект, Музеј на Втората светска војна, индикативно сместен на локацијата каде и започна војната, во полскиот град Гдањск, минатиот март најпосле ги отвори своите врати за посетители. Од самата идеја и објавувањето на проектот, собирањето средства, избирањето научен тим и изведувањето на работите до неговото отворање поминаа осум години во кои се случија бројни пресврти, пред сè оние во полската политичка сфера, кои се рефлектираа и на самата негова реализација.

Кога ја водеше либералната влада на Доналд Туск (Граѓанската платформа, ПО) заради залетот што го доби со пристапувањето кон Европската унија и нејзините фондови, тогаш доминантно еврофилски расположената Полска на свој терен постави камен темелник за одличен музеј кој Полјаците и останатите Европејци ќе ги учи за нивната заедничка историја. Според иницијалната замисла, тоа би бил прв таков музеј на кој може да се учи „европската“ историја од Втората светска војна, па околу тоа се ангажираа низа меѓународно признати историчари, а се инсистирашње на „универзални“ воени искуства и феномени кои не се национално специфични: страдањата на цивилите, секојдневниот живот под окупација (неважно чија), третманот на воените заробеници и слично.

Како што наведоа многу посетители и коментатори, музејот не изобилува со текстуални содржини и му недостасуваат наративни објаснувања. Покрај мноштвото стимулирачки и предизвикувачки делови од експонатите кои можеби не бараат детален опис, како што е на пример прошетката низ разрушен град од војната, има експонати кои зборуваат за мошне конкретни настани – да речеме, слики од бомбардирањето на Варшава, Лондон, Хамбург, Дрезден, како и „ретко видливи слики од советското бомбардирање на Хелсинки во 1940 година“ – а исто така се без опис. Донекаде тоа е дел од раширениот тренд дека музеите продаваат „незаборавно искуство“, или е дел од иновативноста на наставничката струка според која музејот е дидактичко помагало за учење на историјата без премногу податоци, но ваквиот молк во музејскиот простор има и своја политичка функција, а тоа е дека ја одржува распространетата теза за двата тоталитаризми. Можностите за примена на таа теза сè уште не се исцрпени, особено во јавните дискусии каде само „се нафрлаат бројки на жртви од овој или оној колеж, како од тие бројки да може и да треба да се деривира пропорционална вина на завојуваните страни“.

Полската жртва над сите жртви

Доаѓањето на власт на радикално десната партија Права и праведност (ПиС) ги разбранува последните етапи за реализација на овој проект: објектот беше комплетно изграден, граѓата беше собрана и експонатите беа поставени кога полското министерство за култура процени дека сето тоа „не одговара на полското гледиште“ – во превод – недоволно зборува за полските жртви и ја имплицира полската вина за страдањата на Евреите. Значи, покрај напорите да се изедначат двата тоталитаризми, полската влада ќе се бори секоја институција во Полска, а и пошироко, да истакне дека Полска дала најмногу жртви, за време на „двете окупации“.

Додуша, ПиС уште во 2013 година имаше во план дека, ако ги добие изборите, ќе ја менува визијата на музејот, а во истиот град по доаѓањето на власт го измислија алтернативниот музеј Вестерплате, посветен на првата битка од Втората светска војна. Наместо потполно гаснење, донесена е одлука двата музеи да се спојат под иста управа и тематски да се фокусираат на 1939 година. Тоа во практиката значи отпуштање на неопходното раководство во првиот музеј, како и отпишување на поголем дел од неговите експонати. За ПиС, лентата симболично е пресечена дури на 8 мај, непосредно пред Денот на победата над фашизмот, кога гдањскиот надбискуп го благослови објектот.

Сето тоа не зачудува премногу, ако забележиме дека на полското политичко поле, слично како и на домашното, доминираат културни војни и историски контроверзи, па логично е власта да сака да земе под контрола толку важна и посетена институција. Исто така, фрагментираниот, докрај нераскажан настан од Втората светска војна им го олеснува маневрирањето во непријатни моменти на владата и на историчарите што ѝ се наклонети. Угледот на вечните жртви ќе се извалка најмалку ако историскиот наратив го формираат околу самиот почеток на војната, пред да се случат најнепријатните колаборационистички епизоди и антисемитски инспирирани злосторства.

Извор: http://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото