Грција бара да се преименува улица „Атинска“ во Скопје

10.02.2018 12:08
Грција бара да се преименува улица „Атинска“ во Скопје

Скопје/Атина, 10 февруари 2018

Министерството за надворешни работи на Република Грција побара Македонија, односно град Скопје, да ја преименува улицата „Атинска“ и да обезбеди уставни гаранции дека нема да го загрози територијалниот интегритет на Атина.

Официјална Атина испрати и официјално писмо до Република Македонија во кое се бара сите 17 војници од АРМ, со изјава заверена на нотар, поединечно да потврдат дека нема да ја нападнат Атина и да ја припојат кон соседните улици на „Атинска“ во Општина Карпош.

Властите во Грција се загрижени дека скопјаните кои живеат на проблематичната улица можат да почнат да се нарекуваат атињани, а тоа неминовно ќе доведе до нови иредентистички тенденции во Македонија.

„Време е жителите на таканаречената улица ‘Атинска’ во Скопје да си најдат свој идентитет, крадењето на туѓите имиња и територијалниот експанзионизам никако не придонесуваат за добрососедски односи“, вели шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.

„Има само едни атињани. Атина е Грчка! Атина на атињаните!“, категорични се и од Златна Зора.

Неофицијално, постојат предлози улицата да биде преименувана во „Пријателска“, но спроведувањето на оваа идеја ќе биде проблематично, бидејќи жителите на улицата имаат прилично радикални црвени линии и не дозволуваат промена на името, зашто тоа ќе го загрози нивниот идентитет.

Тие најавија блокирање на неколку продавници за гиро во Скопје како предупредување, а доколку македонските власти сепак ја преименуваат улицата, ќе преземат и порадикални чекори, како што е јадење на целото гиро во истите продавници.

Според најновата анкета на угледниот институт „Децимала“, дури 8 од 10 атињани се против тоа името на спорната улица во Скопје да го содржи зборот Атина или придавката атинска, што не остава многу простор за надеж дека овој комплексен спор ќе биде решен наскоро.