Зоран Анчевски e добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

25.08.2018 12:41
Зоран Анчевски  e добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Зоран Анчевски ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за книгата „Небесна пантомима“, издание на „Темплум“. Признанието се доделува на Струшките вечери на поезијата за најдобро поетско остварување меѓу два фестивала.

„Движејќи се во димензијата на предметноста на доживеаното, Анчевски секогаш одново, на суптилен поетски начин, ни ги посочува замките на привидот, како да сака да нѐ предупреди на целата сложеност на човековиот микрокосмос. Тој дури ќе даде своевидна лирска дефиниција за „привидот на овој живот“ како „сидро спуштено од една бескрајна небесна пантомима“. Не само во посочената насловна и амблематична песна, туку низ сите песни во книгата е овозможена една моќна и сугестивна енергија на поетски слики, кои ритмички конвергираат околу стожерните мотиви“, подвлекуваат во својата одлука членовите на жирито во состав: Данило Коцевски (претседател), Наташа Аврамовска, Наташа Сарџоска и Милош Линдро членови и Иван Шопов секретар.

„Со вирусот СВП се заразив уште во студентски денови, кога со моите колеги доаѓав и спиев на плажите, само и само да ги следам поетските случувања тука. Потоа низ професионалното работење и мноштвото мои ангажмани тесно поврзани со раководењето и работата на оваа институција, вирусот СВП траеше и трае до денес. Од некогашен хипи-поет, сега сум лауреат на оваа најголема македонска награда за поезија“, рече годинашниот добитник на „Браќа Миладиновци“ поетот и преведувач Зоран Анчевски.

„Небесна пантомима“, најновата збирка поезија од Зоран Анчевски, излезе од печат во јуни, во издание на Темплум. 

Зоран Анчевски (р. 1954, Скопје) е значаен македонски поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Досега ги има објавено стихозбирките: „Патувања низ скршени слики“ (1984), „Стратегија на поразот“ (1994), „Линија на отпорот“ (1998), „Превод на мртвите“ (2000), „Див мир“ (2004), „Избрани песни“ (2008), „Историја на ветрот“ (2009), како и обемната студија „За традицијата“ (2007).

Преведувач е и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата Григор Прличев во 2001.
Добитник е и на наградата на Студентски збор за најдобра дебитантска книга во 1985, како и на престижното меѓународно признание за поезија Ѓакомо Леопарди во 2004.

Член е на ДПМ и актуелен претседател на Македонскиот ПЕН центар, Од 2003-2007 бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата.

 

Слепи улици

Овде нема слепи улици.

И да ги има, тие се отвораат кон цветни храмови во кои те

канат бистри детски погледи со песна од гладни усти и танц на
корави стапала.

Овде нема слепи улици.

И да ги има, понадата што ти ја нудат ја издвоиле ковчести

прсти од скутот на гладта

за да ти го нахранат духот на сите патувања по распосланите животи во правта.

Овде нема слепи улици.

Земјата ќе тежи помалку ако во нив секој гласно си ја испее својата мака.

 

Јастреби

Сакам да ги ракоположам овие птици за единствени мои наследници што на блажени денови и празници кружно ќе ми го летаат името високо над облаците.

Во спарните квечерини воздухот е стежнат од крилја. Уморни како аргати, птиците слетуваат на палмите и квачат ново поколение на гладта.

Под нив преку ден си ги гризам полумесечините од ноктите, а ноќе заспивам со будилник в рака за совреме да го стоплам часот кога ќе се случи првиот радосен лет.

Овие птици биле и ќе бидат молитва на очите што пекаат по световите под нивните крилја, и по магливите далечини што упорно и постојано ме потсетуваат на бесмртност.

 

Жерав

Чунки совршен бел чун сочинет од чудни чинки – жив мрамор врз одливот:

жерав, со трпелива желба вежбана милион години, чека ли чека прилив.

Чиниш дека в час сал сенка станал што дробни риби ја бараат за почин,

за тогаш да стрелне ко ровја, да клукне мал залак што го голта в миг

и пак мрамор да се стори.