Зелениот катастар реалност за Скопје – Градот прави попис на зеленилото

17.01.2019 01:52
Зелениот катастар реалност за Скопје – Градот прави попис на зеленилото

Ветувањето за Зелен катастар на Град Скопје дадено од двајца градоначалници по ред, конечно може да се види како делумно реализиранo од страна на Петре Шилегов.

Ветување: Како би можеле да се грижиме за дрвјата во Скопје, ако не знаеме колку се, какви се и каде се? Затоа ќе направиме попис на сите дрвја, лоцирани на јавните површини во Скопје, и ќе ги класифицираме според локација, вид, старост, големината на крошната и сл. Податоците ќе бидат собрани во единствен регистар, што ќе биде користен како основа за идно управување со градското зеленило во Скопје.

[Извор: СДСМ-Живот во Скопје за сите – датум, октомври 2017 г. ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Идејата и проектот за катастар на зеленилото на Скопје се стари повеќе години. Официјално, како предизборна програмска активност ја забележа и претходниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски во 2013 година но, освен спроведување на некои подготвителни активности, поради кои од страна на „Вистиномер“ беше оценето дека е во тек на реализација, тој не успеа да го оствари ова ветување.

На презентацијата и прес-конференцијата, одржана на 15 јануари, 2019 година, градоначалникот Петре Шилегов го претстави Зелениот катастар на Град Скопје, кој сè уште ќе се дополнува. Градот, во проектот кој се одвива во соработка со УНДП и други субјекти, успеа да ги попише дрвјата, грмушките и зелените површини низ главните паркови, булевари и улици за кои е надлежен градот. На сајтот на Град Скопје е објавена следната информација за презентацијата на Зелениот катастар:

Градот Скопје во соработка со УНДП влезе во напредна фаза од реализацијата на активностите за воспоставување Зелен катастар на јавните зелени површини во градот, односно досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило.

Шилегов појаснува дека следуваат уште две фази од проектот, во кој досега освен попишаните дрвја и грмушки е направено и геодетско снимање на 650 хектари зелена површина и е изработена ГИС апликација за управување со зеленилото:

Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје – јавните претпријатија, јавните установи, средните училишта и други. Во соработка со општините во Скопје, пак, предвидено е и дополнување на катастарот со зеленилото што е под нивна надлежност – блоковското зеленило и зеленилото во основните училишта и градинките. Во најнапредната фаза се предвидува и отворање на модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилото од сопствениот двор – изјави Шилегов.

„Вистиномер“ ги провери буџетите на Град Скопје за 2018 и 2019 година. За завршување на Зелениот катастар во буџетите се предвидени по 1 милион денари годишно или по околу 16 илјади евра.

Имајќи ги предвид горенаведените информации, можеме да дојдеме до заклучок дека проектот е во напредна фаза на реализација, а ветувањето може да добие оценка делумно исполнето.

ИЗВОРИ:
СДСМ – Предизборна програма на Петре Шилегов – [Проверено на 16.01.2019]
Град Скопје (15.01.2019): Попишани 65.994 дрвја…. – [Проверено на 16.01.2019]
Тајм.мк (15.01.2019): Градското зеленило во Скопје има 65.844 дрвја [Проверено на 16.01.2019]
Град Скопје – Буџети и извештаи/2018 и 2019 – [Проверено на 16.01.2019]
Вистиномер – Доцни зелениот катастар на Скопје – [Проверено на 16.01.2019]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

ОкоБоли главаВицФото