Библиотерапија, или дали книгите можат да нѐ усреќат?

14.10.2019 00:45
Библиотерапија, или дали книгите можат да нѐ усреќат?

За авторите на водичот за самопомош ниеден човечки проблем не е преголем или премал. Сакате да бидете послаби, побогати или посреќни? За тоа постојат книги - поточно, полици и полици со книги. Се надевате дека ќе станете поефикасни, поодлучни и покреативни во наредниот период? И за тоа постојат многу наслови.

Кога ќе почнеме да ги остваруваме новогодишните одлуки, се насочуваме кон книгите за самопомош, надевајќи се дека на нивните страници ќе ги пронајдеме најдобрите верзии од себеси. Но книгата не мора да ни додева, или да ни држи лекции, за да ни остави впечаток. Факт е дека секоја добра книга нѐ менува, а сѐ поголем број истражувања сугерираат дека како поддршка во борбата со животните предизвици би требало малку подобро да ги истражите прозните дела. За тоа помалку размислувајте како за self-help, а повеќе како за shelf-help.

Докажано е дека читањето го подобрува аналитичкото размислување, овозможувајќи ни подобро да препознаеме различни обрасци - што е корисна алатка кога станува збор за нашето често збунувачко однесување и за однесувањето на другите околу нас. Но читањето книжевни дела може да нѐ направи особено поемпатични и посбособни во социјалните односи. „Списанието за применета социјална психологија“ минатата година објави статија која покажува дека читањето на Хари Потер ги прави младите во Велика Британија попозитивно настроени кон стигматизираните малцинства како што се бегалците. А во 2013 година психолозите од Новата школа за општествени истражувања во Њујорк открија дека книжевноста ја подобрува способноста на луѓето да ги забележат и прочитаат туѓите емоции.

За романите вообичаено размислуваме како за места на кои можеме да одлутаме, но кога ќе се вратиме, со себе го носиме занесот на нашите омилени ликови. Студијата која во 2012 година ја спроведоа истражувачите од Државниот универзитет во Охајо покажа дека овој процес, впрочем, би можел да го промени однесувањето на читателите. Во еден експеримент се покажало дека учесниците кои се поистоветиле со книжевниот лик кој ги надминал пречките за да гласа, било значително поверојатно дека ќе гласа и на вистинските избори.

Начитаноста

Иако не ветуваат „трансформација во седум едноставни чекори“, потресните романи можат да дадат совет и да мотивираат, кратките приказни можат да пружат утеха и да предизвикаат интроспекција, а се покажало дека поезијата активира делови од мозокот кои се поврзани со меморијата. Понекогаш, книгата помага така што едноставно може да ги тргне мислите од проблемите, вовлекувајќи ве во туѓ свет и во друга перспектива до таа мера што ќе можете да се издигнете над себеси и од тоа патување да се вратите исполнети и одлучни.

Како што забележал Аристотел во својата Поетика, поезијата - мислејќи на книжевноста генерално - е посериозна од историјата. Додека историчарот е преокупиран со она што се случило и кога се случило, прозата ни овозможува да видиме што би можело да се случи, со што патем ја вежбаме својата фантазија, а често и своето поимање на моралот.

Како што вели авторката Џејн Смајли во „Тринаесет начини на гледање на романот“: „Многумина, меѓу кои и јас, се чувствуваат подобро само кога ќе ја погледнат книгата.“ Доживувањето на неприликите и неволјите на измислениот јунак можат да нѐ упатат на проблемите што сме ги игнорирале, предизвикувајќи возбудлива полемика или нудејќи соодветен начин на разговор кај застрашувачките и тешките полемики. И во колку тешка ситуација да се најдеме, секогаш постои книга која ќе ве потсети дека и други биле во иста ситуација, само прашањето е како да ја пронајдете таа книга.

Читањето како лек

Токму тука настапува библиотерапијата. Овој збунувачки збор, кој ширум светот го користат психолозите, социјалните работници и советниците, заедно со библиотекарите, во последните неколку години влезе во жаргонот, изедначувајќи ги научните истражувачи со блогерите. Организацијата „Школа на животот“ на Алан Д Ботон дури има четири „библиотерапевти“, вклучувајќи ги Ела Бертуд и Сузан Елдеркин, чија заедничка книга „Романот како лек: лековити книги од А до Ш“ се достапна алтернатива за училишни консултации во износ од 80 фунти.

Сепак, идејата за книгите како лек за емоционалните потешкотии не е толку нова колку што се чини. Старите Грци над вратите на библиотеките поставувале натписи со кои ги известувале читателите дека влегуваат во „лекувалиште за душата“, додека во 19 век лекарите и медицинските сестри од психијатрија препорачувале сѐ, од Библијата до патеписи и дела пишувани на класичните јазици.

Илустрираниот медицински речник на Њуман Дорланд прв ја прифатил библиотерапијата, во 1941 година дефинирајќи ја како „читање книги за лекување нервни болести“, но според Оксфордскиот речник терминот првпат се појавил 1920 година во „Проколнатата книжара“ на Кристофер Морли.

Сместен во светот кој сѐ уште закрепнува од Првата светска војна, романот ја спојува романтичната комедија на апсурдот помеѓу маркетиншкиот стручњак и богатата наследничка со Германецот кој кова заговор да му подметне бомба на американскиот претседател. Тоа е историски роман, но во втор план е бруклинската книжара за половни книги „Домашен Парнас“ - библиофилски рај намирисан со „омекната хартија и кожа“ и тутунот од луле кој по цел ден го пушел нејзиниот сопственик, господинот Мифлин.

Мифлин не е само продавач на книги, туку и „практичар на библиотерапијата“. Како што вели самиот: „Задоволство ми е да им препишувам книги на пациентите кои ќе дојдат и ќе ми ги кажат своите симптоми... Никој не е толку благодарен како човекот кому штотуку сте ја дале токму онаа книга која ѝ била потребна на неговата душа, а тој не го знаел тоа.“ Мифлин уште тогаш го практикувал она што истражувачите од Универзитетот во Сасекс одамна се обидуваат да го опишат: дека читањето е поефикасно средство за ублажување на стресот од слушањето музика, долгите прошетки или опуштањето со шолја чај. По шест минути читање книги - кои било книги - стресот кај испитаниците бил намален дури за 68 проценти. Со вистинска книга, тоа буквално би можело да биде квалитетно поминато време.

Слики: Guy Laramée

Извор: https://www.bbc.com

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност / Живот
Книжевност / Наука / Историја
Психологија / Наука / Култура
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото