Кишовиот нож

15.10.2019 17:30
Кишовиот нож

 

Меѓу мноштвото непотребни предмети во подрумот кој го откупив од сега веќе покојниот сосед, имаше и едно големо светло-сино плико. Го отворив и таму најдов нож остар како јазик на циник, со рачка од ружино дрво на која многу внимателно беа врежани зборовите: За тебе. Го земав ножот, влегов во мојот стан, го ставив на кујнскиот стол и го гледав со часови. За тебе... кој ли би можел да биде тоа?, си помислував. Одеднаш, телефон: груб женски глас.

- Ало?

- Господине Микша?

- Да?

- На телефон е Хана, Хана Кшижевска, се јавувам од компанијата Дигтарјев. Ајмике ми го даде вашиот телефонски број.

- Не познавам никаков Ајмике.

- Знам, но тој ве познава вас. Бидете за точно половина час во магацинот на компанијата и...

- Каква компанија, кој е тој Ајмике, што сакате од...

- Ве молам, не ме прекинувајте. Дојдете веднаш и донесете го ножот. Што помалку прашувате, толку подобро за вас. (Клик.)

- Ало? Ало? По ѓаволите...

Набрзина се спремив, го земав ножот, излегов од дома и се качив во првото такси кое го видов на улица. „Микша...“, слушнав тивок глас. Се извинувам, му се обратив на таксистот, ми рековте нешто? Таксистот ме погледна збунето и одмавна со главата. „Микша...“, рече гласот, „тоа сум јас – Борис Давидович“. Погледнав кон ножот и во рефлексијата на челикот го видов ликот на починатиот сосед. „Те молам, направи како што ќе ти кажам, во ред?“ Да, реков. „Пресечи си го гркланот, веднаш“, рече гласот на Борис Давидович. Молам?! „Пресечи си го гркланот. Ножот е остар, нема да почувствуваш никаква болка. Верувај ми.“ Погледнав низ прозорецот на таксито: прекрасен есенски ден. Совршено време да се биде жив, совршено време да се биде мртов. Добро, му реков на Борис, ќе го направам тоа. „Ти благодарам, драг Микша. Секогаш ми беше омилен сосед.“

Ти благодарам, Борис Давидович. Збогум.


Гифови: SIMON PRADES

 

ОкоБоли главаВицФото