Конкурс за краток филм - „ФИЛМАЈ 2020”

30.03.2020 09:31
Конкурс за краток филм - „ФИЛМАЈ 2020”

Фото-кино клуб „Козјак” – Куманово известува дека конкурсот за Втор меѓународен фестивал на кратoк филм „ФИЛМАЈ 2020” ќе трае до 5 април 2020 година.

Пријавувањето на конкурсот (отворен на 21 јануари годинава) важи за кратки филмови (играни или документарни) со траење до 20 минути. Потребно е да се завршени по 01.01.2013 година, да имаат задоволителен аудио и видео квалитет, како и најавна/одјавна шпица со продукциски податоци, и да содржат титл на англиски јазик.

Пријавувањето е преку платформата FilmFreeway на следниов линк .

На конкурсот ќе се доделат три награди:
- награда “Лазар Ѓорѓевиќ” за најдобра режија
- награда “Радислав Ристевски” за најдобра фотографија/кинематографија
- награда за најдобра приказна/сценарио

Дополнителни детали за фестивалот со известувања и новости може да се најдат на следниве адреси: ФБ страна на фестивалот ФИЛМАЈ, како и на ФБ-страна на настанот за ФИЛМАЈ 2020 . Фестивалската веб-страна е: http://filmay.kozjak.mk .

Овогодишното жири е во трочлен состав: Ана Јакимска (филмски режисер и сценарист), Златко Ѓелески (писател и културен критичар), и Глигор Максимовски (фотограф и член на фото-кино клуб `Козјак` - Куманово).

Добитниците на награди ќе бидат објавени на 5 мај 2020 година.

Фестивалските проекции на филмовите беше планирано да се одвијат на крај на месец мај во проекциска сала во Куманово.

Согласно тековните услови и важечки препораки за јавно здравје, фестивалот најверојатно првично ќе се прикаже онлајн преку интернет видео платформа.
Физичката фестивалска манифестација (со присуство на публика во сала) се планира за во прилики кога ќе биде безбедносно и здравствено целосно прифатливо, во некои претстојни идни безгрижни денови.

На првото издание на фестивалот лани (2019 година), истакнати филмови награди беа следниве:
- наградата за најдобра режија `Лазар Ѓорѓевиќ` беше доделена на Ото Ројшел за `РИСКИ`
- наградата за најдобра кинематографија `Радислав Ристевски` беше доделена на Росен Савков, директор на фотографија на `Тими`, филм во режија на Љубо Јончев.
- наградата за најдобро сценарио `Козјак` беше доделена на Лидија Мојсовска за филмот `Награда`, кој воедно и самата го режираше.

Прикажани беа и филмовите: `Запирка`(режија: Сезер Салихи), `Мишко` режиран од Ханис Багашов), `ХАКИЕ - ХАКИ. Живеејќи како маж.` во режија на Анабела Ангеловска, и `Заб` (режија: Ајдин Ислами).

Идеи од кои се води фестивалот ФИЛМАЈ се следниве:
- ФИЛМАЈ смета дека било што може да е дел од филмската приказна, без оглед колку однадвор или настрана е од видливата и чујна содржина на филмскиот кадар.
- ФИЛМАЈ започна како меѓународен филмски фестивал, воден од идејата дека големи промени се постигаат преку низ од мали чекори.
- ФИЛМАЈ има намера да поттикне неконформистичко размислување со идеи кои потекнуваат од надвор-од-кутијата.