5 јуни 2020

30.05.2020 14:19
5 јуни 2020

Веќе половина час седев на шанк. Гледав во точка на ѕидот, направена од пред ситуацијата и мислев на тоа дали сум способен да мислам на нешто. Не ми беше здодевно. Немав потреба од муабет и покрај тоа што шанкерот неколку пати се обиде да се замуабетиме со зборовите, абе го победија ееј!?

Да, Реисот, Наќе и Филипче, за време на последниот полициски час од 36 часа го победија, но беа поминати веќе 10 дена од тој ден, веќе прославено. Ширум дневните низ светов висеа гоблени. Кај мене од Наќе и Филипче веќе беа во рамка, а тој на Реисот се везеше. Мразам пумпање на ситуации, но оваа победа беше над сите останати.

Ја допивав седмата пијачка тој половина час, нивото на толеранција на алкохол кај сите нас беше на поинакво ниво од претходно. Не беше се случило еднаш, наместо од таа со 51%, да бапнам чаша-две од алкохолот за дезинфекција. Телото ни се промени. Чувствувам дека поинаку чувствувам... Или тоа во мене зборуваше деветтата пијачка. Конечно малку се олабавив.

Добра музика во позадина. Дорс со „Been Down So Long“. Помислив да го симнам стетсонот од глава, но тоа значеше дека ќе останам уште половина час на уште десетина пијачки. Се мислев дали имам толку мисли во себе да отседам уште толку, гледајќи во точката и игнорирајќи го шанкерот кој беше упорен да ја прославиме победата уште еднаш. Меѓу таа мисла и 2 пијачки, се појави таа.

Може да седнам до тебе?, праша, седнувајќи. Нормално, ѝ реков, го победија, додадов.

Седна според препораките, на столчето 2 метри од мене. Изгледаше средено, со маска од тие по 699 денари, со лик на насмеана панда како во рачето држи бамбус.

Нарача 4 текили. За себеси нормално, и нејзе ѝ требаа секунда-две да се опушти.

Ме праша дали спаѓам во ризичните групи, на што ѝ кажав дека додека мајка ми за роденден не ми го купи апаратот за мерење притисок, сè беше во ред, а сега тој покажува некои бројки кои според упатството за користење велат дека треба да се опуштам, па затоа сум тука, ѝ додадов.

Една бараба дојде на шанк да нарача вода, нарушувајќи го просторот од 2 метри, бидејќи беше точно помеѓу нас. Не се возбудив, знаев дека извршната власт ќе реагира. Беше уапсен, можеби и стрелан надвор од барот, но тоа мене и неа не нè интересираше. После 20-минутен прашалник разговор, таа го симна и скафандерот. Јас го подигнав шеширот, прво што ми падна на ум беше дали сум ја видел на некој тик-ток за време на карантинот, долго време немав забележано насмевка на женски усни. Немаше кармин, што значи не се допира за лице непотребно, сите сетила ми зборуваа дека се работи за коректна личност за разговор.

После 27-мата пијачка му реков на веселиот шанкер да ни спреми по 3 лонгајленда. Ме праша дали мислам дека со ова што го победија малку не се претерува колку се пумпа работата!? Беше време кога не знаеш кој седнува до тебе на минимум 2 метри, но ризикував, и реков дека да, мислам. Се насмевна. Во позадина идеше Вили Диксон. Сега веќе опуштени, разговаравме за точката.

Помина уште час два, веќе беше 10 часот наутро, помислив дека е време да одморам, се уште не бевме навикнати да се движиме низ градот навечер. Ме погледна во очи, од некаде 2 метри и 40 сантиметри оддалеченост и ме праша дали сакам да продолжиме со разговорот кај неа. Се чувствував стар за повеќечасовен разговор без пладневна дремка, но не сум јас дрзок и безобразен, никогаш не сум бил. На по 5-6 пијачки, додаде. Ја погледнав и јас, и нормално ја прашав колку квадрати и е станот. Ми рече доволно голем за било каде да се наоѓаме да сме на 2 метри. Ја прашав дали влезот е по протокол. Ми рече за сите средства за дезинфекција што ги има при влез во станот и за начинот на однесување што го очекува од мене. Ја прашав за распоред во дневна. Ми рече дека е со седмосед и 2 фотелји. Немав повеќе прашања, девојката ми изгледаше ок, нормална; ѝ реков ок, ќе поминам, само по пат да застанеме да земеме 2-3 литра Џек. Се насмевна. Обезбедена сум, ми рече. Нормално дека е. Понекогаш премногу размислувам, никако да го отстранам тоа проклетство.

Му реков на шанкерот да стави на цртка, оти плата за задњи 3 месеци не сум видел и го напуштивме барот во точно 10.22 минути, додека во позадина одеше Бади Гај со „What Kind Of Woman Is This“.


Слики: Waldemar von Kazak

 

ОкоБоли главаВицФото