Книжевниот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“ го отвори фестивалот „Друга приказна“

04.09.2020 16:00
Книжевниот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“ го отвори фестивалот „Друга приказна“

Годинашното, петто по ред издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ во организација на книгоиздателството Темплум, е целосно посветено на литературата за деца. Темата ова фестивалско издание е „Грозовилата во Страшната шума“, според истоимената книга за деца на словенечката писателка Јана Бауер, која е и добитничка на главната награда на „Друга приказна“.

„Друга приказна’ е фестивал што книжевноста ја третира малку поинаку. Детската книжевност е многу важна гранка на книжевноста, но за жал запоставена и потценета. Книжевноста за деца знае да биде екстатично добра. Некои од највеличествените книги во 20 век всушност се ‘книги за деца’. Како што умните и љубопитните деца се обидуваат да читаат книги надвор од досадните лектири, така и умните и љубопитни возрасни читатели треба да читаат ‘книги за деца’. Отвораат хоризонти. И оваа година на ‘Друга приказна’ ќе има книги, музички настап, поетски натпревар, театарски претстави, работилници за деца, изложба и разговори.

‘Друга приказна’ е ретка прилика да се видат голем број наши писатели и музичари на едно место, во динамична и возбудлива атмосфера. Конечно, алузиите содржани во насловот се обидуваат да ја дофатат и атмосферата на оваа необична пандемиска година. Фестивалот ќе се обиде да ги артикулира и освести наизглед противречните тенденции околу неа: одвоеноста и поврзаноста, куќниот карантин и страшната шума, креативноста и немоќта...“, рече Никола Гелевски, програмски уредник на фестивалот.

На отворањето на платото пред МКЦ се одржа и промоцијата на списанието „Маргина“ број 92, а во галеријата беше отворена и изложбата на фотографии „Пет години Друга приказна“. Куратор на изложбата е Владимир Јанчевски.

„Во галеријата на МКЦ се изложени 62 фотографии од 6 фотографи и фотографки: Јелена Белиќ, Наташа Гелева, Небојша Гелевски, Драги Неделчевски, Жарко Трајаноски и Ванчо Џамбаски, кои низ нивниот објектив ги проследиле минатогодишните изданија, селектирани од огромната фото архива на Друга приказна, Покрај квалитетот на фотографиите како водечки принцип при изборот, се инсистираше и на комплементарност и поширок опфат со цел подобро да се пренесе прекрасната атмосфера, убавата публика, исклучителните учесници и лауреатите на фестивалот. Користејки ја минималната сегментираност на галерискиот простор, изложбата може истовремено да се проследи и хронолошки, но и со посебни издвоени целини посветени на авторите“, рече Јанчески.

 Новиот број на списанието Маргина #92, кое втора година се поврзува со содржината на фестивалот, го претстави уредникот Никола Гелевски, кој рече дека регионалната книжевност за деца е претставена преку триесетина писател(к)и од Србија, Словенија, Хрватска и Бугарија. Во фокусот е Јана Бауер од Словенија, добитничката на главната награда на фестивалот. „Во нејзина чест Маргинава ја почнуваме со Грозовилата во страшната шума. Насловот на овогодинешниот фестивал е и наслов на најпознатата книга на Јана Бауер. Алузиите, се разбира, се обидуваат да ја дофатат и атмосферата на оваа чудна, несреќна пандемиска година, 2020. Еден од можните наслови на фестивалот ни беше: Изолирани поврзани. Така што, и фестивалот и оваа Маргина се обидуваат да ги артикулираат и освестат тие наизглед противречни тенденции: одвоеноста и поврзаноста, куќниот карантин и страшната шума, креативноста и немоќта...“, рече Гелевски

Списанието одбележува и неколку важни годишнини: Бистрица Миркуловска и Цане Андреевски, наши исклучително важни автори за деца, годинава полнат 90 години. Присутен е и можеби најмаркантниот македонски писател за деца, Славко Јаневски, роден пред сто години (а починат пред 20 години). Застапени се и десетици други писатели и илустратори за деца, од С. Македонија, од регионот и од светот. Во овој број на Маргина, претставен е и еден од најголемите илустратори во историјата, Американецот Морис Сендак. Неговите цртежи се и на кориците на овој број.

Автор на визуелниот изглед на ова издание на фестивалот е Ѓорѓе Јовановиќ, изработката е на студиото КОМА, а за децата кои доаѓаат на фестивалот има и посебно дизајнирана креативна игротека на отворено.

Но, децата кои беа голем дел од публиката, синоќа на платото пред МКЦ, станаа нестрпливи, па започна главниот настан – книжевниот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“ на кој со свои творби за деца се натпреваруваа: Николина Андова Шопова, Калина Малеска, Владимир Лукаш, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Билјана Црвенковска, Снежана Стојчевска, Д. А. Лори, Ана Аврамовска, Николинка Ќорвезироска, Катерина Трајановска, Ана Голејшка Џикова, а водители беа Ѓоко Здравески и Ања Мицкоска.

И жири комисијата годинава ја сочинуваа возрасните: Доротеј Нешковски, Сенка Наумовска и Никола Гелевски и децата: Клара Димовска, Нео Беличанец и Нена Кочовска, авторите имаа по 3 минути, а жирито веднаш ги оценуваше со оценки од 1 до 5.

Но, се случи забавен пресврт и смеење до солзи, кога во полуфиналето се најдоа Владимир Лукаш и Ана Голејшка Џикова. Имено, Ана не беше во можност да дојде лично но го имаше делегирано Владимир Лукаш да ги прочита нејзините дела, па така Лукаш си облече фустан и шапка за да личи на Ана и достојно да ги презентира нејзините песни. На крајот токму Ана Голејшка Џикова (персонифицирана од Лукаш) е и победникот на годинашниот книжевен натпревар.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Програма за петок и сабота

04.09.20. (петок)
17.00. - КАКО ИЗГЛЕДА ГРОЗОВИЛАТА?; деца ја цртаат Грозовилата;
аниматор: Доротеј Нешовски
(задолжително пријавување: nesovskidoro@gmail.com)

18.30. -ГРОЗОВИЛАТА ГО СКРОТУВА ДИВИЛОТО; разговор за книжевноста за деца во С. Македонија;
учествуваат: Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Ване Костуранов, Билјана Црвенковска и Марија Тодорова

20.00. - ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ЈАНА БАУЕР, добитничка на главната награда на фестивалот

- Сценско-театарски ПРИКАЗ НА ГРОЗОВИЛАТА;
режија: Нела Витошевиќ
21.00. – ТEATAР НА СЕНКИ - Наш мал театар
„Заробената љубов“ (16 мин; за сите возрасти)
„Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“ (20 мин; за публика над 6 години)


05.09.20. (сабота)
18.00. ГРОЗОВИЛАТА ПРИРЕДУВА КНИЖЕВНА ЧАЈАНКА; разговори за книги со деца;
аниматори: Билјана Црвенковска, Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Искра Димковска, Симона Спировска...
(задолжително пријавување: nesovskidoro@gmail.com)
20.00. Концерт: МОЈАТА ОМИЛЕНА ПЕСНА ЗА ДЕЦА;
изведувачи: Ана Христова, Ива Дамјановски, Долорес Поповиќ, Хана Корнети, Јоана Ристеска, Џијан Емин, Оливер Јосифовски, Лепи Џони, Ненад Тонкин, Лукаш & Јовановиќ, Харикли & Лукаш, Сашко & Олег Костов, Сецко & Исак Хаџиќ, Јоана Ристеска...

 

ОкоБоли главаВицФото