Пеливани

17.02.2021 15:24
Пеливани

 

Деновиве во PrivatePrint студиото во Скопје трае изложбата „Folded“ на Зоран Шекеров. Заедно со изложбата презентирана е и документарната фотографска книга Folded на Зоран Шекеров, во издание на PrivatePrint.

Книгата и изложбата ја истражуваат и претставуваат, од автентичен и современ агол, пеливанската боречка традиција. Стилот на Шекеров, особено видлив низ фотографиите, е луциден и непредвидлив, и ги носи гледачите поблиску до темата на истражување, таму каде што никогаш не очекувале да бидат.

Книгата содржи фотографии направени во периодот од 2019 до 2020 година, за време на неколку пеливански натпревари. Приказната на книгата го следи целиот боречки ритуал на оваа традиција, додека попатно се исцртува продлабочена анализа на група на млади пеливани.

Илија Прокопиев, уредник на книгата, вели:

„Зоран успева да направи детална студија за портрет на пеливанот и да ги посочи порозните аспекти на традицијата. Резултатот кој се добива се фотографии каде што пеливаните наликуваат на пронајдени антички скулптури. Овој поглед го оттурнува летаргичното сфаќање на традиционалното, како нешто непроменливо, и ја прифаќа традицијата како концепт кој единствено може да опстои доколку се пресретне со современите сфаќања. Слично како археолошки пронајдок што во еден период на историјата го загубил своето значење, но неговото повторно пронаоѓање отвора можности за нови интерпретации. Оттука, може да се каже дека Folded е документарен фотографски проект на еден млад милениумски фотограф, кој на интуитивен начин се пресретнува со анахрониот простор на своите врсници, кои, пак, одлучиле да ја продолжат долгата пеливанска традиција.“

Авторот Зоран Шекеров, уметник и фотограф, вели:

„Импресиониран од оваа традиција си дозволив што е можно повеќе да се доближам до пеливанот. Мојата одлука со фотоапаратот да скокнам од публиката кон пеливаните на ливадата, ја создаде оваа книга во која се содржат трите главни стадиуми на борбата: подготовките, борбениот ритуал и чистењето на телото, преставени низ фотографии со блиски и асиметрични композиции и Bare-Bulb Flash. Целта да пристапам со таков метод на работа беше да го издвојам пеливанот од традиционалната слика и да го сместам во една артифициелна, каде што неговото тело наизглед е неприродно инкорпорирано во просторот. Така е доловен токму моментот кога пеливанската борба се превиткува во скулптурални форми создадени од самите борачи.“

Зоран Шекеров (1992, Скопје, С. Македонија) е фотограф кој живее и работи во Скопје. Работи на долгорочни документарни фотографски истражувања кои ја проучуваат човечката состојба во даден општествено-политички контекст, како и со прашањата за идентитетот, патриотизмот, носталгијата. Особено е битен односот што го гради со фотографираните ликови, којшто на специфичен, интроспективен и интуитивен начин се чита и во приказните раскажани од неговите фотографии. Шекеров ги изложувал своите фотографии на самостојни и групни изложби во Северна Македонија и интернационално.

Фотографии: Зоран Шекеров

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Општество / Став / Теорија
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Фотографија
Општество / Фотографија / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото