Прошетка низ високата зона на Скопје со Калина Малеска

21.10.2022 10:31
Прошетка низ високата зона на Скопје со Калина Малеска

 „Суштествата што живеат во високата зона се почудесни и поневеројатни од сите други битија смислени во фантастичните и научнофантастичните приказни, зашто тие се единствени што можат да живеат без основната состојка на животот во целата позната вселена – водата“ (Малеска 2021: 87)

Овој фрагмент на Калина Малеска сметам дека сумира неколку од клучните одлики и поетолошки принципи што ја издвојуваат и карактеризираат нејзината најнова збирка раскази Скопје во високата зона (2021) како книжевно остварување што е плодотворно за критичка опсервација. Имено, можам да посочам неколку исклучително иновативни пунктови во текстот, чија релевантност во контекст на македонската, како една од балканските кни-жевности, е несомнена, со оглед на нивната маргиналност во европската и во светската книжевна сфера.

Посочениот извадок, всушност, е дел од расказот Легендата за високата зона, од каде што е позајмен, во модифицирана форма, и насловот на збирката во целина. Меѓутоа, Малеска постигнува една значајна инверзија, затоа што наспроти традиционалните очекувања, а во дослух со постапките на изневерување на етаблираните наратолошки конвенции, таа го поместува овој расказ дури во четвриот циклус, така што тој не фигурира на почето-кот како доминантна инстанција, која би го моделирала целото читање на книгата и не се наметнува како неприкосновен центар на текстот, туку само како една точка, која ниту им е надредена ниту им е подредена на преостанатите. Впрочем, на тој начин се доведени во прашање внатрешните релации на моќта во фикционалниот свет т.е. Малеска ефективно ги поткопува вертикалните хиерархии на моќта, кои би го затвориле текстот во едно структуротворно јадро, во име на неговата полицентрична, хоризонтална организација и нагласена херменевтичност. Но, тој херменевтички набој воопшто не е наивен, туку содржи жесток отпор кон утврдените практики на пишување, затоа што ги отфрла натрупаните метафори како основна алатка на мистификацијата, и ги заменува со остар и лаконски стил, кој пробива во сржта на проблемите од секојдневието, без да му придава лажна аура на возвишеност, туку во полнотијата на неговата баналност. Оваа субверзивна тенденција на расказите на Малеска, која од текстуалното и/или наратолошко ниво се прелева на политичкото и/или идеолошкото рамниште, опфаќа широк спектар на идентитетски проблеми, како на пример, етничките и родовите алтеритети во расказот Празнини, каде што дијалектиката помеѓу перципирањето Другиот низ визурата на Јас, како и низ оптиката на преостанатите облици на Другоста, е интензивно впишана во индивидуалните искуства на Арбен и Бојана.

Во тесна врска со доживувањето на Другоста е и деконструкцијата на традиционалните наративи, во овој случај – бајката, во расказите Детето без златна коса и Собата со формули на ѕидот и Каспија и Баш-Челик. Почетокот на последниот од овие три раскази, можам слободно да кажам дека претставува зенит на достигнувањата на Малеска во оваа збирка, затоа што ги синтетизира сите внатрешни и надворешни аспекти на книжевниот текст што во овој момент од нашата историја може да се вреднуваат како прогресивни.

„Си бил еден човек кој мислел дека е крал, и имал тројца синови и две ќерки, или двајца синови и три ќерки, или...“ (Малеска 2021: 73)

Бесмислено е да навлегувам во експликацијата на оваа реченица во толку краток текст, но очигледно е дека таа ги преплетува жанровските, наративните, идеолошките, политичките, родовите, лингвистичките и низа други прашања, кои го засегаат современиот човек. Современоста, инаку, е неодминлив аспект на расказите на Малеска, затоа што нејзиниот интерес за технологијата и науката се јавува како еден сè уште кревок и изолиран обид да се согледува стварноста во книжевност која е задушена од историско-митолошки наративи што го романтизираат минатото. Во перспектива на овој интерес за иднината, Малеска инкорпорира и интермедијална димензија во својата збирка, односно вклучува фотографии, белини, симулации на интернет блогови и емоџиња, а тоа е секако непроценлива придобивка за книжевност која, како што може да се заклучи од споменатата ориентација, ги преферира вербалните меланхолично-носталгичните рефлексии.

Оттука, и сметам дека организацијата на текстот и на вербално и на визуелно ниво игра клучна улога во процесот на читање на оваа книга, која е составена од четири циклуси раскази: 1) Скопје: иднини, 2) Скопје: сегашности, 3) Кругови на блискост околу Скопје и 4) Алтернативни зони, при што терминот раскази го користам само условно, бидејќи секој обид да се сведе оваа книга на една или на неколку жанровски одредници би бил неуспешен и редуктивен за нејзината интерпретација. Лирските песни со изразито наративни елементи веројатно се најдвосмислените од овој аспект, затоа што двојно се опираат на востановените критериуми на демаркација.

Поради сите овие автентични аспекти на Скопје во високата зона (2021) од Малеска, кои во никој случај не успеав да ги исцрпам, би констатирал дека таа е едно од најзначајните достигнувања на македонската, па веројатно и пошироко, на балканските книжевности, во последните години, со оглед на сродните патишта на нивниот развој.

Фотографии: Јелена Белиќ 

Tекстот е продуцирани во рамки на проектот „Pobunjeni makedonski glasovi – Inside/Out magazin“ кој има за цел промоција на современата македонска книжевност во регионот и поврзување на книжевните сцени од земјите од поранешна Југославија. Проектот е имплементиран од Pobunjeni citateljki и Коалиција Маргини во соработка со Окно, а е поддржан од Регионалната мрежа за културна различност (READ).