Отворен Берлин за балкански процес

09.11.2022 14:38
Отворен Берлин за балкански процес

Иницијативата Отворен Балкан (ОБ) на дневнополитичко ниво во нашата јавност добива некои чудни димензии. Имено, сè почесто слушаме дека ОБ и Берлинскиот процес (БП) се заемно исклучиви иницијативи. Но, ние не би требало да западнеме во таа површна теза од повеќе причини. Прво, станува збор за сродни концепти, кои може да се одвиваат паралелно и непречено, доколку се земат предвид деликатностите на иницијативите што всушност имаат иста цел. Дополнително, извесниот скепцитизам на ЕУ, што се гледа во неусогласеноста на изјавите на некои од нејзините челници, не може да биде единствениот аргумент против ОБ за сметка на БП. Напротив, ние мора да сме свесни дека таа „неусогласеност“ е една константна карактеристика на Унијата кога се во прашање нејзините оценки и делување во врска со надворешнополитичките односи.

Тоа е нешто што често се манифестира и во однос на многу други прашања. Оттука таканаречената скепса на ЕУ во врска со ОБ треба да се анализира со резерва и да се води сметка за интересите на регионот. Единствениот релевантен аргумент поврзан за оваа скепса се однесува на критериумите на кои се темели ОБ. Или, едноставно кажано, сè додека Отворен Балкан се темели на европските критериуми, ЕУ ќе ја поддржува иницијативата. Уште повеќе, самиот Берлински процес дури би можел да делува коректурно во однос на ОБ, т.е. ОБ може да биде добар „entry level“.


Од друга страна, по изјавите на Ескобар и на Хил повеќе од јасно е дека САД не само што цврсто стојат зад иницијативата ОБ, туку ги охрабруваат и БиХ, Косово и Црна Гора да се приклучат. Што значи тоа? Може некому да звучи чудно, но во ОБ, САД се чини дека препознаваат извонредна можност да ги решат повеќето заглавени а комплексни и безбедносно ризични состојби присутни на просториве.

Прво, со доброволното приклучување на Косово, како што потенцираат САД, ќе мора да се смени етнопопулистичката реторика на Курти и на Вучиќ. Тоа, пак, ќе има ефект на релаксација на нивните односи. Паралелно со ова се очекува и подобрување на квалитетот на преговорите поддржани од ЕУ, што консеквентно подразбира и намалување на безбедносната неизвесност на регионот, што е тотално неприфатлива како за ЕУ, така и за САД. Со проширувањето на ОБ, а со тоа и надминувањето на неговиот структурален недостаток, секако би уследило и извесно амортизирање на сè поизвесниот притисок врз Србија за признавање на Косово, кое истовремено би било и одлично алиби за отстапките на владите на двете земји, кои неминовно би уследиле.

Второ, со приклучувањето на БиХ во ОБ, на некој начин ќе се задоволат и аспирациите за некакви ревизии на Дејтонскиот договор, како и на националистичките аспирации кај одредени поединци, зашто со тоа, ете, ќе имаат можност на некој начин да бидат под ист покрив со своите „браќа по крв“.


Трето и најбитно, Отворен Балкан е процес преку кој им се дава можност на земјите, свесно и одговорно, конечно сами да направат нешто корисно за своите граѓани и да излезат од средновековното расположение, па дури и да делуваат во корист на нивната европска иднина. Тука сакам да нагласам дека ОБ не е југореставраторска иницијатива и соработката во оваа платформа се базира на суверенистички и самостојни политики на државите членки. ОБ е нешто што може да ја подобри значително економската состојба на граѓаните и на регионот му дава можност да се развива во насока на побрзо и полесно интегрирање во ЕУ, што впрочем е заедничка цел на сите овие земји.

Како и да е, клучно за успехот на паралелниот развој на двете иницијативи се заемноста и истоветноста на критериумите за таквата соработка – посебно на оние што се однесуваат на условите за регионална соработка и на соодветните критериуми за членство во ЕУ. Сè додека процесот се темели на овие критериуми нема потреба од скепса за „прелевање на авторитаризмите“. Конечно, и најважно, за да биде ова успешно, балканските политички елити мора да бидат крајно сериозни и одговорни и да делуваат со неопходната доза на прогресивна визија за унапредување на регионот. Сè додека овие позиции важат и Берлинскиот процес и ЕУ ќе бидат отворени за балканскиот процес на демократска еманципација.


Слики: Квентин Блејк
Извор за текстот: Слободен печат 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото