Технологија, деца и родителство

10.01.2023 14:19
Технологија, деца и родителство

Дали децата треба да растат лишени од дигиталните уреди или сепак нивната контролирана употреба е вистинското решение за правилен развој на детето во современиот свет?

Тригодишниот Лука од Ниш, град на југот на Србија, држи играчка - плишено кученце, под раката, додека минува со прстот преку екранот на мобилниот телефон.

Неговата помлада сестричка пак, нетрпеливо го гледа, а потоа - на звуците на детската песна што тој ја избрал - двајцата почнуваат да танцуваат во дневната соба.

Нивната мајка Невена Милинчиќ, ја советувале воопшто да не им дава телефони и како што таа изјавува за Би-Би-Си на српски, освен за пуштање музика или видеа за боење, двајцата генерално не користат мобилни телефони.

Она што треба да се земе во предвид при изборот на играчки е возраста на децата, вели Николина Милосављевиќ, детски психолог и психотерапевт.

„Поради емоционалниот развој, помалите деца треба да си играат со вистински играчки, а што ќе растат, треба да им се даваат дигитални играчки и да се воведуваат во дигиталниот свет“, вели Милосављевиќ.

Децата и понатаму си играат со топки, коцки, автомобили и кукли, но во Австралија, децата на возраст под две години поминуваат нешто повеќе од 14 часа неделно пред екран, а децата на возраст од две до пет години поминуваат речиси 26 часа, според научниот труд објавен во The Journal of Pediatrics.

Во Франција, 78 отсто од децата веќе користеле телефон со екран на допир пред да наполнат 14 месеци, како и 90 отсто од двегодишните деца, вели истражување спроведено во 2015 година кои опфаќа 450 родители.

Што се аналогни, а што дигитални играчки?

Топки, кукли, фигури, автомобили, разни коцки, пластелин или сложувалки – денес сите овие играчки ги нарекуваме аналогни.

Тие постојат илјадници години, а најстарите примероци се пронајдени на териториите на денешен Ирак и Египет.
Постојат записи дека Агесил II, кралот на Спарта, си играл со својот син со дрвени коњчиња, а Октавијан Август, првиот римски император, играл со џамлии.

Технолошката револуција ни донесе и нов тип на играчки - дигитални играчки - разни интерактивни играчки и уреди поврзани на Интернет.

Некои од нив, како што се интерактивните сложувалки, паметните часовници или некои класични игри кои се контролираат преку апликација на таблет или телефон, се дизајнирани да им помогнат на децата да учат преку игра.

Истражување спроведено во 2019 година, од страна на Lego Group, компанија позната по производство на коцки за играње, во кое учествуваа 500 родители и 500 деца од Велика Британија, покажа дека двата вида играчки можат да имаат добар ефект врз развојот на децата.

Повеќето родители рекоа дека според нив дигиталните играчки им помагаат на децата да научат како да решаваат проблеми, додека аналогните играчки поттикнуваат креативност и координација, и развиваат социјални вештини.

Аналогни играчки: што велат експертите?

Со овие играчки децата се опкружени од самото раѓање, вели Љиљана Марковиќ, педагог.

„Преку играњето со овие играчки, децата покрај тоа што ја развиваат моториката и учат да размислуваат логично, развиваат и особини кои се важни за нивниот понатамошен развој, како што се самодоверба, упорност, доследност, а тука е и социјален развој, т.е. односот што го воспоставуваат со другите деца“, објаснува таа за Би-Би-Си на српски.

Психологот Николина Милосављевиќ вели дека класичните, аналогни играчки се незаменливи за емотивниот развој на детето и дека се најдобри за децата до две години.
„За децата играчките се симболи на кои им кажуваат што им се случило во текот на денот, без разлика дали се работи за некои убави или грди работи.

„Дури и ако играчката претставува коњ, за детето тоа може да биде некое друго животно, кое ја развива неговата имагинација и затоа аналогните играчки се незаменливи кога е во прашање емоционалниот развој“, вели психологот.

На списокот совети за купување играчки на Американското здружение за окупациона терапија, се наведува дека коцките и песокот ја стимулираат креативноста, друштвените игри, научните игри или кујнските игри ги учат децата да ги решаваат проблемите чекор по чекор, а куклите и разните фигури им даваат можност да мечтаат, да научат нови модели на однесување и да развиваат социјални вештини.

Сетовите за составување на различни предмети, сложувалките или играчките со копчиња, помагаат во развојот на координацијата и зајакнувањето на ситните мускули, додека велосипедите, топките и тротинетите, покрај тоа што ја подобруваат координацијата, го зајакнуваат и целото тело.

Милосављевиќ истакнува дека на децата не треба да им се ускратуваат ниту новите играчки, но додава дека треба да се биде внимателен што и кога да се даде. Да им се понудат и дигитални играчки, но умерено, по втората година.

Дигитални играчки: Неминовност и контрола

Милосављевиќ вели дека и дигиталните играчки им помагаат на децата да развијат одредени вештини.

„Не треба да се биде противник на новите технологии, а екстремните ставови како забрана на новите технологии не се добри за детето.

„Во согласност со емоционалната зрелост на детето, треба да изберете и да му понудите на одередени виртуелни играчки и апликации“, вели таа.

И воспитувачката Љиљана Марковиќ исто така вели дека е потребно децата да користат дигитални играчки, но неопходна е претпазливост при користење на истите.

„Дигиталниот свет е дел од нивната реалност и децата не треба да се лишуваат од ваков тип на игри, но потребно е некако да се ограничи и да се контролира кои игри ги користи детето, бидејќи има игри кои се многу стимулативни, едукативни и на тој начин поттикнуваат говор и размислување, дури и моторни вештини”.

„Стравот на родителите од екранот постои само кај оние кои можеби не го познаваат тој свет и не знаат како да воспостават контрола, но децата во секој случај ќе го користат екранот“, вели таа.

Меѓутоа, она што е проблематично е тоа што: како растат децата, тие поминуваат сè повеќе време играјќи видео игри и сурфање низ социјалните мрежи.

“Дигиталните играчки не поттикнуваат контакт во живо, а детето се дистанцира“, објаснува Марковиќ.

Предолгото гледање телевизија или мобилни телефони може да го наруши сонот на децата, да доведе до проблеми со тежината, расположението и самодовербата, се наведува на веб-страницата на Американската академија за детска и адолесцентска психијатрија.

Време поминато пред екранот: Препораки

• Бебињата под 18 месеци може да бидат пред екран само за видео разговори со возрасен (на пример, со родител кој е надвор од градот)
• Децата на возраст од една и пол до две години треба да гледаат едукативни содржини само со возрасен
• Децата од две до пет години можат да поминат околу еден час пред екранот во работните денови и три часа за време на викендите
• На децата постари од шест години треба да им се помогне да развијат здрави навики кога користат дигитални уреди и да се ограничат активностите кои вклучуваат гледање во екран
• Екраните треба да се исклучуваат за време на семејните оброци и излети
• Екраните не треба да се користат за смирување на вознемирено дете
• Уредите треба да се исклучат половина час или еден час пред спиење

Извор: Американска академија за детска и адолесцентна психијатрија

Што велат родителите?

Децата на Невена Милинчиќ од Ниш најмногу си играат со плишени и пластични играчки.

„Тие имаат омилени играчки и се многу приврзани за нив“, вели таа за Би-Би-Си на српски. Ретки се моментите, вели таа, кога малите ги земаат телефоните.

За да се увери дека нејзините деца гледаат само соодветна содржина, таа и нејзиниот сопруг инсталирале апликација на која се достапни само видеа наменети за деца, а во поставките содржината може да се ограничи според возраста и интересите.

„Најмногу гледаат цртани и кратки клипови од деца кои бојат, па се случува и самите да гледаат и да цртаат и да ги пополнуваат боенките“, вели Милинчиќ.

Во Нови Сад, деветгодишната ќерка и единаесетгодишниот син на Наташа Тасиќ си играат и со класичните и со поновите, дигитални играчки.

Сепак, таа вели дека во помала возраст децата најчесто играле со аналогни играчки.

„Сметам дека е добро што во предучилишниот период доминираат „старомодни“ игри, преку кои интензивно се развиваат говорот и моториката.

Иако играле со разни коцки, полнети играчки и возила, откако Наташа и нејзиниот сопруг им ја отвориле на децата вратата од „дигитални игри“ - тие подеднакво уживаат во двата света.

Превод: Мaрина Туфекчиевска
Извор: Би-Би-Си на српски

ОкоБоли главаВицФото