Како Маск ми го уништи сексот

21.02.2024 16:51
Како Маск ми го уништи сексот

 

На 29 јануари Илон Маск објави дека првиот пациент добил имплант од Neuralink, стартап за мозочен чип на милијардерот кој ветува дека детекција на нервните импулси (под „импулси“ се смета активноста на невроните кои користат електрични и хемиски сигнали за да испратат информации низ мозокот и понатаму низ телото). Американската Администрација за храна и лекови минатата година дозволи компанијата да го тестира имплантот на луѓе, оправдувајќи ја својата одлука со зборовите дека технологијата може да им помогне на пациентите да ги надминат парализата и другите лоши невролошки состојби.

Но, кога станува збор за имплантираните интерфејси меѓу мозокот и компјутерот (brain‒computer interfaces, BCI) и радикалните промени во нашиот начин на живот што ги подразбира нивното постоење ‒ има многу причини за недоверба.

Во основата лежи идејата за директен канал за комуникација, прво меѓу умрежен мозок и надворешен уред, како што е компјутерот, а потоа и меѓу самите мозоци (интерфејс од мозок до мозок). Со тоа би се заобиколил развојот на комуникацијата од говорниот збор, со различни слоеви посредување меѓу соговорниците ‒ пишување, телеграф, телефон, интернет. Можноста за директна врска која ги заобиколува овие дополнителни слоеви не се заснова само на поголема брзина туку и на точноста: кога размислувам за нешто не морам да ја преточувам мојата мисла во јазични знаци кои брутално го поедноставуваат значењето ‒ мојот соговорник директно разбира што јас мислам.



Како што рече Маск во 2017 година, набргу откако го основа Neuralink: „Ако сакам да ви пренесам концепт, вие во суштина ќе учествувате во доброволна телепатија. Нема да морате да вербализирате, освен ако не сакате да додадете малце шарм на размената или нешто слично, но разговорот би бил концептуална интеракција на ниво тешко замисливо во моментов.“ Проширете ја оваа идеја во доменот на сексот, на пример: можете да зачувате сјајно сексуално искуство на облак за да уживате подоцна ‒ или, ако не сте премногу срамежливи, можете да му го испратите на пријател за и тој да го доживее.

Дури и да ја прифатиме изводливоста на заедничките искуства, се поставуваат многу прашања. Првото се однесува на улогата на јазикот во формирањето на нашите мисли и на нашиот „внатрешен живот“. Маск претпоставува дека нашите мисли се присутни во нашиот ум, независно од нивното изразување во јазикот, па ако го поврзам мојот мозок директно со мозокот на друг, другиот директно ќе ги доживее моите мисли во сето нивно богатство и нијанси, неискривени од јазичната несмасност.

Но, што ако јазикот, во сета своја несмасност и поедноставност го генерира неостварливото богатство на нашите мисли? Вистинската содржина на мислата се актуелизира само преку нејзиниот јазичен израз ‒ пред тој израз мислата не е ништо конкретно, само збунета внатрешна намера. Откривам што сакав да кажам само со чинот на кажување. Размислуваме со зборови: дури и кога гледаме и доживуваме настани и процеси, нивната перцепција е веќе структурирана преку нашата симболична мрежа. Кога ќе видам пиштол пред мене, сите значења поврзани со него се симболично повеќекратно детерминирани ‒ јас перципирам пиштол, но специфичен агол на перцепција дава зборот „пиштол“ што одекнува во него, а зборовите секогаш се однесуваат на универзални концепти. Овде лежи парадоксот на симболичната повеќекратна детерминираност: кога ќе воочам вистински пиштол пред мене, зборот „пиштол“ поттикнува богата текстура значења асоцирани со пиштол.



Она што го ветува BCI, меѓутоа, не е само укинување на јазикот, туку и укинување на човечката сексуалност. Она што ја сочинува човечката сексуалност е непотребна компликација која го спречува директниот пристап до целта: овде неуспехот (мерен според стандардите на простото инстинктивно парење) се култивира како извор на нови сексуални задоволства. Можеме ли да замислиме нешто поглупо (од гледна точка на успешна репродукција), на пример, од традицијата на витешка љубов во која сексот бескрајно се одложува? Па, како може витешката љубов да стане модел на висока еротика? А што е со нашите перверзни игри, во кои некој предмет или гест, ограничен на одреден момент од еротската предигра, се претвора во централно обележје, фокус на либидиналниот интензитет, кој го засенува големиот прокреативен Чин? Зарем оваа димензија на еротско посредување не е загрозена од заканата на директната врска меѓу два мозоци?

Првата линија на одбрана на Маск е дека, во неговата верзија на BCI, мрежната личност не е целосно потопена во текот на мислите на другите: таа одржува минимална дистанца од овој тек, па ако би сакала да ѝ дозволи на машината (или, преку машината, на другата личност) да ги регистрира и/или да ги сподели нејзините мисли и чувства, таа ќе мора активно да се согласи на тоа. „Луѓето нема да можат да ви ги читаат мислите“, рече Маск во 2017 година, „прво треба да сакате. Ако не, нема да се случи. Исто како што вашата уста нема да зборува ако не сакате да зборувате.“ Од каде знае Маск дека поединецот ја одржува оваа минимална дистанца? Да се потсетиме дека BCI работи „објективно“: нашиот мозок е мрежен, поврзан со машина која, строго кажано, не ги „чита нашите мисли“, туку процесите во нашиот мозок кои се нервна корелација на нашите мисли; затоа, бидејќи не сум свесен за нервните процеси во мојот мозок додека размислувам, како да знам дали сум поврзан или не? Зарем не е многу поразумно да се претпостави дека кога ќе се приклучам на BCI, нема ни да бидам свесен кога мојот внатрешен живот е транспарентен за другите? Зарем BCI не се нуди како идеален медиум за (политичка) контрола на внатрешниот живот на поединците? Повеќето од оние што размислуваат за Neuralink се фокусираат на индивидуалноста на искуството ‒ дали ќе го изгубам кога ќе бидам потопен во Сингуларноста? Но, постои и спротивна опција: што ако ја задржам мојата индивидуалност во искуството, а сепак не знам дали другиот ме контролира?



Можеби циничниот опортунизам е најтажниот аспект на Neuralink: луѓето создале повисок облик на интелигенција којшто нас, ако се дозволи да ги искористи своите моќи, ќе нè сведе на горили во зоолошка градина. Единствениот начин да се избегне оваа судбина е да му се придружиме на победникот, да ја напуштиме нашата хуманост и да се фрлиме во Сингуларноста.

Возвишеното наличје на оваа цинична визија („ајде да се обидеме да ги достигнеме машините за да не станеме мајмуни во зоолошката градина“) е гностичко њуејџ читање на Сингуларноста не само како на следна фаза на постхуманоста, туку како клучен космички настан, реализација на божествената самоактуелизација. Во Сингуларноста божествени не стануваат само луѓето, туку и самиот Бог станува целосно божествен. Дотолку што Сингуларноста подразбира еден вид синхроницитет на умовите, не е ни чудо што привлекува духовно‒филозофски шпекулации: Сингуларноста се перцепира како ништо помалку туку наше искупување од Падот. Односно, од нашата егзистенција како смртни и сексуализирани суштества, како што е опишано во Постание.



Ова нè враќа на прашањето за моќта: кој регулаторен механизам ќе одлучи какви искуства ќе споделам со другите, и кој ќе го контролира тој механизам? Едно е сигурно: идејата дека ќе можам да го поврзам/исклучам мојот мозок треба да се отфрли како утопистичка. И треба целосно да се прифати дека огромната сеопфатна врска меѓу умовите не може да се одвива на ниво на субјективно искуство, туку само на објективно ниво, како сложена мрежа од машини кои ги „читаат“ моите ментални состојби ‒ огромното „синхроно“ колективно искуство е опасен мит. Покрај тоа, бидејќи нашиот мозок ќе биде поврзан без ние воопшто да го сфатиме тоа, ќе се појави нова форма на слобода и моќ: ќе бидеме способни да се изолираме од Сингуларноста.

Да се вратиме на книгата Постание, гласот на Сингуларноста е уште едно преобраќање на змијата; таа ветува поништување на Падот и остварување на бесмртност и супериорно знаење, ако го јадеме плодот; односно ако се нурнеме во него. Како и во Постание, треба да бидеме свесни дека овој избор е принуден: не можеме а да не се согласиме ‒ повлекувањето не е можно.

Што ќе се случи тогаш? Дефинитивно не она што го очекуваат застапниците на Сингуларноста. Како и змијата, тие не лажат; заканата лежи токму во нивното не‒лажење.

Преработена одломка од книгата од Хегел во умрежениот мозок / Hegel in a Wired Brain (Bloomsbury, 2020).



Слики: VAKA VALO

Превод: П. В.

Извор за текстот: The New Statesman

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото