Вовед кон книгата “Кон-текстот: дигитални осврти”

03.03.2023 13:56
Вовед кон книгата “Кон-текстот: дигитални осврти”

 

1. Мотивите за книгата

1.1. Почетен мотив

„Во македонската литература нема романи во кои се истражува темата на двојникот“ – ми рече еден познајник во 2009 година.

Во октомври 2016 година се одржа конференцијата Критика и молк во организација на Институтот за македонска литература. Моето излагање на оваа конференција беше за Пиреј на Петре М. Андреевски и за недостигот на критичко преиспитување на ова дело и на други дела што се сметаат за класици. Презентацијата наиде на извесен отпор, но во вид на интересна креативна полемика, од која можеби сите излеговме со истите ставови со кои и влеговме во дискусијата. Но, последиците беа подолгорочни. Во дискусијата по презентацијата дознав дека во своето истражување сум пропуштила неколку текстови за темата која ја работев. Слушајќи ги другите презентации, и јас забележав дека во неколку излагања излагачите пропуштија да спомнат книги кои се занимаваат со темата за која зборуваа. Се разбира, колку и да се посветуваме на проучување на одредени теми или автори, секогаш ќе останат непрочитани книги и непроверени информации. Но, кога се тврди дека одредена тема не постои во македонската книжевност или постои само кај одреден писател/ка, а тоа не е точно – тогаш се шири погрешна информација.

На познајникот кој во 2009 година тврдеше дека нема романи за двојникот, му одговорив не толку прецизно: „Сигурна сум дека има“. И бев сигурна, само што во тој момент не можев да се сетам на конкретен пример; и ми остана дилемата дали има или нема такви романи.

Ова е еден од мотивите за настанувањето на оваа книга. Информациите се толку распространети на толку многу различни платформи, книги, медиуми, што сосема е нормално човек да не биде информиран за сè што било објавено под називот „македонска книжевност“. Една ваква книга, сметам, може да содржи значајни информации за она што е објавено во одреден период кај нас – овде, конкретно тоа е периодот на првите две децении од дваесет и првиот век. Ваква книга би била една референтна точка што ќе може да провери пред да тврди – дали во македонската книжевност се обработува или не темата на двојникот или која било друга тема. Почетната идеја на оваа книга беше да даде можност за ваков увид бидејќи беше замислена како сеопфатен преглед на македонската литература во првите две децении на 21 век. Во својата конечна форма на ова прво издание, сепак, излезе поинаква од првичната замисла.

1.2. Коавтори и коавторки

Овој проект се одвива од 2017 година, а во него свои текстови имаат петнаесет студенти и студентки од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Теа Дуза, Моника Михајловска, Ајнур Касо, Симона Трајчевска, Александра Лазороска, Павлина Коталеска, Александар Петровски, Фросина Крушкаровска, Елена Петрова, Марија Ангеловска, Татјана Танчевска, Ана Органџиска, Ивана Јовановска, Кристијан Стефановски и Андреј Медиќ Лазаревски – од кои најголем дел се веќе дипломирани, и јас (К. М.), како уредничка на книгата и авторка на овој вовед и неколку поглавја. Книгата, со согласност на сите учесници, се работеше како доброволен придонес кон истражувањето на македонската книжевност.

1.3. Работилници за книжевна рецензија

Да се подготвува книга што ќе опфати преглед на македонската литература во текот на две децении беше голем предизвик од гледна точка на времетраењето потребно за истражување и пишување, но и од гледна точка на пристапот. Периодот на истражување и пишување на оваа книга траеше четири години.

Друг предизвик беше пристапот – ако се напишани од една личност, тогаш сите текстови би се свеле на една точка на гледиште, што беше спротивно на целите при подготовката на книгата. Една од тие цели беше и е оваа книга да претставува документ за идните истражувачи на македонската литература од овој период, документ кој ќе понуди повеќе гледишта за книжевните дела.

Многу од познавачите на македонската книжевност делат мислење за тоа кои книги оставиле и оставаат значаен белег, благодарение на образованието низ кое поминуваат. Во оваа книга, сакав да го избегнеме овој феномен. Затоа, стратегијата во овој поглед беше поголем број различни луѓе да пишуваат за различни автори за да има разновидност на перспективите, и тоа луѓе кои имаат знаења од книжевноста, иако не мора претходно да имале темелни познавања на македонската книжевност. Врз сите нас, како читатели, влијаат информациите и книгите што сме ги прочитале, ги обликуваат нашите ставови и гледишта на светот, често и без да забележиме.

Секоја година одново ми се потврдува потенцијалот за критичко размислување на студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Се запрашав дали оние меѓу нив кои ги интересира книжевноста би можеле да се вклучат во ваков проект. Есента 2015 година организирав работилница за пишување рецензии на македонски книги за оние студенти од трета и четврта година – од неколку катедри на факултетот – на кои им предавав, а кои беа особено заинтересирани за книжевност. Работилницата ја водеше Оливера Ќорвезироска, а оттука произлегоа осум рецензии во кои, преку својата визура и стил, студентите ги искажаа своите перцепции за избраните книги. Шест од тие рецензии беа објавени во весникот Коза ностра во текот на истата година. Благодарение на овој потфат, две години подоцна одржав уште една работилница за пишување рецензии. И од оваа работилница произлегоа многу интересни текстови и ми беше јасно дека сериозниот и темелен пристап на студентите ќе биде одличен интелектуален капитал за оваа книга.

Кон-текстот: дигитални осврти (македонската книжевност во првите две децении од дваесет и првиот век) е резултат на соработката со петнаесет тековни и/или дипломирани студентки и студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кои се занимаваат со книжевност и книжевна критика, кои оценија дека ќе имаат време за овој потфат, и кои, односно дел од нив, учествуваа на една од работилниците.

1.4. Првичната идеја и нејзините промени

Првичната идеја беше да се даде краток опис на сите објавени книги во споменатиот период. Но, по отпочнувањето на истражувањето, стана јасно дека во Македонија се објавени многу повеќе книги отколку што претпоставував, така што еден од заклучоците што произлезе уште на самиот почеток од истражувањето беше сфаќањето дека вака замислена книга би можела да се напише само со многу повеќе време (пред сè, време), автор(к)и и средства отколку што ни беа на располагање. Затоа првичната идеја во текот на работата се смени, па оваа книга дава кус преглед на книгите од неколку писатели и писателки, објавени по 2000 година. Тоа „неколку“ се обидовме да бидат најмногу што можеше да се оствари во оваа временска рамка. Наспроти првичната идеја, голем дел од писателите кои пишуваат во овој период не се застапени. Но, книгата останува отворена за дополнување во периодот од следните пет години и планот е да се додадат прегледи и за други книжевни дела, незастапени во ова прво издание – поетски, прозни и драмски, а издадени во првите дваесет години од овој век. Се надевам дека тој план ќе се оствари, иако тоа зависи од многу фактори. Во книгата се оставени празни страници на неколку места, што симболично претставува покана за сите кои сакаат да сугерираат што може да се додаде или да придонесат со свои текстови. За полесен пристап кон нејзиното потенцијално дополнување, книгата ќе се објави во електронски формат.

Зошто преглед, а не, на пример, антологија? Во македонската книжевност има бројни антологии чии воведи го објаснуваат пристапот на уредникот во изборот на автори. Токму тоа е и дефинирачката карактеристика на антологиите – да наведат критериуми за вреднување на книжевните дела врз основа на кои тие се избрани да дадат пресек на книжевноста во определен период или да го формираат канонот.

Но, овој преглед има друга цел. Прво, во македонската книжевност, колку што ми е познато, нема сеопфатен преглед. Со тоа, постои опасност многу книги да останат заборавени затоа што останале непознати за читателите – од причини што може да варираат од тоа дека едноставно не им биле интересни; преку тоа дека поради недостиг на стратегии за видливост останале „под радарот“ на читателите; или затоа што не биле забележани или прифатени од критиката во одреден момент, па не станале дел од канонот; или од различни други фактори. А такви случаи има многу и во нашата и во светската книжевност. Во англиската книжевност, на пример, познат е случајот со Вилијам Блејк, кој останал непознат во пошироки рамки сè додека не бил „откриен“ по својата смрт. Блејк, ете, бил откриен, но којзнае колкав е бројот и на други интересни авторки и автори кои никогаш не се откриени, главно благодарение на пасивната репродукција на книжевните канони.

Во 2011 година сакав да правам истражување за македонската женска литература по Втората светска војна. Почнав со истражување во НУБ „Климент Охридски“ на списанијата кои тогаш се објавувале, но таму многу ретко можеа да се сретнат авторки. Дали поради тоа што бројот на писателки кои пишувале бил помал од бројот на писатели, или поради тоа што бројот на писателки на кои им бил даден простор во списанијата бил помал од бројот на писатели кои добиле таков простор – не дознав со оглед на тоа дека во тој момент не продолжив со истражувањето. Но, сè уште се прашувам дали има писателки и писатели, кои, како Блејк, остануваат непознати поради тоа што сè уште не се „откриени“. А како би биле откриени ако нивните траги ги нема во повидливите антологии и книжевни критики, или ако немале канал за објавување?

Една од целите на оваа книга е да се направат видливи што поголем број книжевни дела. А со овозможување пристап до што поголем број книги, се доведува во прашање самиот концепт на книжевен канон.

Често наидувам на тврдењето дека во Македонија има хиперпродукција на книжевни дела, што отежнува да се издвојат квалитетните (зависно од критериумите на промислувачите). Истражувањето во НУБ овие четири години навистина и потврди хиперпродукција. Но, ова и не мора да биде негативен феномен. Имено, зголемениот број издавачки куќи и списанија поттикна создавање повеќе книжевни дела. Истовремено, се појавуваат одлични дела кои не се вклопуваат во постоечките естетски норми и нивното препознавање оди тешко и бавно. Селекција е секако потребна, но тоа не се прави со намалување на објавувањата, туку со поинтензивна критика која ќе укаже што во даденото време, според одредени критериуми, било најмногу предмет на висока естетска проценка. Тоа самото по себе е значајно, дури и да не е објективно.

2. Структурата на книгата

Поради променливост на критериумите за вреднување книжевни дела, постојат книги кои во одреден момент се оценуваат како вредни, што не значи дека и во иднина, при сменети услови и светогледи, ќе бидат еднакво оценувани. И спротивното е случај: има книги кои полека се забораваат бидејќи во одреден период не биле вреднувани и поради тоа не влегле во опсегот на критичките осврти или антологиите, а можеби во иднина би биле многу повеќе вреднувани. Оваа книга е сеќавање на сите кои пишувале книжевни дела. Јасно ми е дека самиот поим „книжевно дело“ не е толку прецизен и доста е растеглив и дека е предизвик да се дефинираат недвосмислени критериуми за тоа што би припаѓало под оваа категорија. Оваа книга е одраз на идејата дека сите критериуми се релативни.
За да се оствари споменатата цел, сметав дека е важно текстовите за автор(к)ите, односно нивните дела, да не бидат во облик на рецензии, односно да не се дава вредносен суд, туку да се сосредоточат на опис на книгите – темите што се обработуваат, начинот на кој се обработуваат, стилот што се користи. Ова ќе им овозможи на сегашните и идните читатели да изградат свое мислење за тоа што би сакале да прочитаат, наместо да им се наметнува став за вредноста на делата. Ваквиот пристап има свои ризици – ист третман добиваат и оние писател(к)и кои ние, автор(к)ите на оваа книга, ги сметаме за важни и оние за кои сметаме дека пишуваат послабо, поконвенционално, поповршно.

Бидејќи останаа незастапени голем број автор(к)и, во книгата се внесени и неколку мои текстови што се однесуваат на само некоја книга од овие автори, чиј целосен опус во овој период не е застапен.

За да ја разбереме и цениме литературата, треба да знаеме многу повеќе работи надвор од литературата, она што обично се нарекува контекст. По овој вовед ќе бидат дадени накусо општествено-политичките и културните околности, а останува желбата за многу подетално нивно поврзување со книжевната продукција во истиот период (потенцијално, во поединечни критички осврти во други книги и списанија).
Критериумите за оценка на книжевните (и, општо, уметничките) дела може да се јасни и прецизни, но се темелат на идеолошки, општествени, лични, контекстуални фактори, кои не се објективни во иста смисла како што се обично мерењата во егзактните науки. Во таа смисла, наградите имаат своја улога во однос на тоа дека во јавноста се пренесуваат доминантните вредности на едена група стручни читатели, добро упатени во литературата (членовите на комисиите). Со тоа, пошироката јавност, онаа која не се занимава стручно со литература, добива информации за тоа што се цени во одреден момент во книжевните кругови и зошто токму тие дела се сметаат за најдобри. Ова ја олеснува видливоста на избраните писатели и во земјата, и во странство, со оглед на тоа дека информациите за македонската книжевна сцена што се дистрибуираат надвор од границите се засноваат, пред сè, на добиените награди.

Но, надвор од ова, а делумно и токму поради ова, наградите ја одржуваат идејата за постоење подобри и полоши (а и „најдобри“ литературни дела), идеја која е тешко докажлива. Исто така, тука е и потенцијалниот проблем на субјективноста и објективноста, односно на субјективноста што гради илузија на објективност во јавноста. Ова не е наивен проблем. Тој гради една хиерархија во која од јавниот дискурс се елиминираат едни, а се зачестува промовирањето на други книги, се поттикнува впечаток на објективно градирање на вредноста, што доведува до тоа да се бара гледиште од наградените писатели, меѓу другото и за различни политички и општествени случувања, дури и кога самите автори не ги следат тие случувања, а притоа нивните изјави може да добијат статус на повредна вистина, да бидат видливи и влијателни. Затоа, во оваа книга нема да бидат спомнати информации за тоа кои награди ги добиле писател(к)ите.

Текстовите, генерално земено, се наредени хронолошки – колку што е можно со оглед на тоа што станува збор за опуси што се протегаат во подолг временски период – но не според годините кога писателите и писателките се родиле, туку според годините кога се објавуваат книгите. Од една страна, за да нема преголемо распрснување на книгите од еден автор на различни страници и места во оваа книга, што во голема мера би го отежнало добивањето слика за нечиј опус, сите книги од еден автор/ка се ставени во еден текст. Од друга страна, доминантниот пристап во нашата книжевна историја е авторите и авторките да се делат според генерации, односно според годините или децениите кога се родени, а сметам дека овој пристап доведува до многу недоразбирања. Затоа хронолошката поделба овде е поинаква. Книгата е поделена на два поголеми периоди од по десет години: 2001-2010 и 2011-2020, а авторите се сместени според тоа во кој период е најголем дел од нивното творештво, иако ги вклучува и книгите напишани и во другата деценија. Овој пристап, мислам, појасно би изнел на виделина дека темите и пишувачките техники повеќе зависат од моментот кога се пишуваат книгите, одразувајќи ја моменталната стварност, отколку од возраста на писателот (иако и таа не е занемарлива). Така на пример, раскажувачкиот пристап на писатели од различни генерации кои пишуваат во втората деценија на дваесет и првиот век може да имаат повеќе сличности отколку книга излезена во 1990-те и книга излезена во 2010-те години од двајца писатели од иста генерација.

Бидејќи текстовите се, главно, лични видувања на книгите, што и беше целта, мал број содржат референци. Поради тоа нема библиографија под текстовите, а онаму каде што има упатување на други дела или критичари, податоците за насловот на текстот, годината на издавање и бројот на страница се интегрирани во самиот осврт.

Книгата е поставена на следниот сајт: https://sites.google.com/view/kon-tekstot/

Автор: Калина Малеска
Слики: Фелисија Чиао, сликовница "Чудна болка"

Слични содржини

Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Општество / Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото