Филмските плакати на Михајло Арсовски

24.07.23 13:45

На неодамнешната посета на Загреб, во Музејот на Современа уметност, мојот поглед се запре на плакатот дизајниран за Првиот саем на научна фантастика, одржан во 1972 година, во просторот кој претходно се користел како Галерија на современа уметност.

Дизајнерот на плакатот, Михајло Арсовски, дизајнирал изложбени постери за галеријата повеќе од една деценија и овој плакат бил награден со Златен медал на Меѓународната изложба на плакати во Варезе, Италија, во 1973 година. 

Плакат на Михајло Арсовски од 1966 година, за филмот „Законот на Западот" (Реј Тејлор, САД, 1949)

Бидејќи овој уметник за мене претставуваше големо откритие, објавив дел од неговите плакати на Инстаграм, под наслов „Филмски плакат на денот", па прашав дали некој го следи мојот профил во Хрватска, што доведе до мојата средба со двајца хрватски уметници/дизајнери, Невен Удовичиќ и Сара Керн Гацеса.

Плакати на Михајло Арсовски за американските вестерни од четириесетите

Невен ми кажа повеќе за Арсовски, кој починал на 83-годишна возраст во 2020 година, а исто така и за Борис Буќан, чиј познат постер за „Огнената птица” на Стравински го видов подоцна во Сплит и кој за жал почина пред само неколку месеци, на 76-годишна возраст.

Плакат на Михајло Арсовски за „Вкрстени патеки" (Ламберт Хилер, САД, 1948).

Михајло Арсовски е роден во Скопје, Македонија, на 9 јули 1937 година, во семејство на предвоени левичарски револуционери и фотографи кои се преселиле во Загреб по Втората светска војна. Студирал архитектура и историја на уметност, пред да стане еден од пионерите на модерниот хрватски графички дизајн.

Плакати на Михајло Арсовски од 1966 година за американските вестерни од четириесетите

Дизајнерот Невен Удовичиќ ми откри серија од десет постери дизајнирани за дистрибутерот „Кинематографи Загреб", за десет американски вестерни од крајот на четириесеттите, продуцирани во студиото „Poverty Row Monogram Pictures".

Иако комбинацијата на револуционерен, дизајниран во шеесетите години, постмодерен, хрватски дизајн од времето на комунизмот и малите американски вестерни од четириесетите може да звучи чудно, вестерните всушност биле многу популарни во социјалистичка Југославија (најотворената од земјите од Источниот блок).

Маршал Тито, претседателот на Југославија од 1953 година до неговата смрт во 1980 година, кој бил љубител на филмови, особено вестерни, како свој омилен актер го истакнал Гери Купер.

Според книгата на Радина Вучетиќ „Кока-Кола социјализам: Американизација на југословенската култура во шеесеттите”, при првата официјална посета на Тито на Америка во 1971 година, тој се сретнал со Кирк Даглас (кого претходно го запознал за време на добротворната мисија на Даглас во Југославија во 1964 година), Чарлтон Хистон, Рок Хадсон, Ли Марвин и Ширли Меклејн.

Но, кога Тито изразил желба да гледа вестерн во Лос Анџелес и му било кажано дека таа недела не се прикажува вестерн, тој наводно извикал: „Во Холивуд да не може да се најде ниту еден каубојски филм!“

Вестерн плакатите на Арсовски се прекрасна, разновидна и инвентивна комбинација на типографија, боја и фотографски колаж. Неговиот плакат за „Пробој" (1949 ) можеби имал силно влијание врз еден од моите омилени плакати за современи филмови - дизајнот на Марчело Гранеро од 2020 година, за филмот на Николас Зукерфeлд „Не постојат триесет и шест начини да се покаже како човек се качува на коњ”, доколку Гранеро имал прилика да го види дизајнот на Аровски.

Хрватскиот дизајнер Мирко Илиќ, кој живее во Њујорк, за плакатите на Арсовски, на својот блог уште во 2018 година напишал дека „имајќи го предвид типичниот дизајн на плакати на вестерн филмови од 1966 година, плакатите на Михајло Арсовски имаат насвистина необичен изглед. Тие повеќе наликуваат на панк-рок постери за концерти од доцните седумдесетти“. 


Освен за вестерни, Арсовски дизајнирал само неколку други филмски плакати во својата кариера, а најзначајни се овие два плакати за филмовите на еден од најпознатите југословенски режисери, Душан Макавеев.

Во текот на својата 60-годишна кариера, славниот, но повлечен, речиси невидлив за јавноста, Михајло Арсовски дизајнирал книги, весници, корици на албуми, табли, мебел, театарски сцени и костими, но бил најпознат како дизајнер на плакати. Дизајнирал околу 200 постери за реномираниот експериментален загрепски театар ИТД, а неговиот дизајн на логото сè уште се користи.

Михајло Арсовски, фотографија на Тошо Дабац, 1968 година

Извор: https://mubi.com/

Слични содржини

Книжевност / Уметност / Филм / Око
Уметност / Филм / Око
Уметност / Филм / Око / Музички спотови
Балкан / Уметност / Филм / Око
Фотографија / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото