Ефемерна мода

21.08.23 12:22

Никол Декстрас е еколошки ориентирана уметница чии ефемерни дела ја слават одржливоста и ја истакнуваат нашата суштинска врска со природата. Таа работи со природни материјали и ги користи нивните квалитети кои постојано се менуваат за да нè потсети дека животот, иако минлив, може да биде убав во сите негови фази.

Во серијата дела со наслов „Ботанички модни додатоци“, Декстрас нуди креативна визија за нашиот однос кон околината. Таа создава модни облеки и додатоци со многу детали, направени од лисја, цвеќиња, трње и други растителни материјали и ги користи за да раскажува приказни за одржлива егзистенција.

Декстрас ги прикажува облеките преку јавни перформанси, наративни фотографии и инсталации, а самите артефакти се распаѓаат со текот на времето, завршувајќи го циклусот на животот. Овие дела се поетски потсетник за нашето земно потекло и неизбежната смртност и сугерираат можност да оставиме полесна трага додека поминуваме низ светот.

Според зборовите на уметницата: „Сместена во дистописка иднина каде што земјоделската економија пропадна поради неконтролираното ширење на шумските пожари, една млада жена ја користи својата генијалност и вештини за да преживее. Во ова прераскажување на античкиот грчки мит, Персефона ја јаде калинката поради нејзините лековити и хранливи својства, а не како начин на протерување од живиот свет.

Таа ја обликува својата облека од органски материјали и се заштитува од каустичниот чад со респираторна маска исполнета со билки за прочистување.

Мојата намера е да понудам алтернатива на редуктивните постапокалиптични фикции прикажани во холивудските филмови, кои ја користат драмата на природните катастрофи за да манипулираат со нашите сегашни стравови за деградација на животната средина“.

Никол Декстрас користела мешунки од јаворови дрвја во нејзиниот проект „Maple Flapper Jumper“. Иако многумина на јаворите гледаат како на сеприсутна карактеристика на  пејзаж, според студијата за видовите на јавор, објавена од BGCI, речиси една третина од сите видови јавор се под закана од исчезнување во нивните родни живеалишта.

Извештајот на BGCI, насловен „Црвениот список на јаворите“, беше објавен во 2009 година и анализираше 191 вид на јавор. Од видовите опфатени во извештајот, 54 се сметаа за загрозени до датумот на објавување, а дополнителни 29 видови се сметаше дека најверојатно ќе станат загрозени во блиска иднина.

Според зборовите на уметницата: „Сегментот Botanical Wearables од мојата сегашна работа започна со серијата Weedrobes, која се состои од фустани направени од свежо цвеќе и лисја. Овие артефакти ги испитуваат прашањата за одржливост, консумеризам и модната индустрија. . . .

Оваа серија започна како скромна желба да ги комбинирам живите растителни материјали со моето лично искуство со модата, што го вклучува податокот дека пораснав во продавница за облека и имав искуство со работа во фабрика за облека.

Почнувајќи од 2005 година, секое лето експериментирав со различни техники за да создадам комплетно компостирана облека за носење. Ги адаптирав методите на плетење кошници и преку обиди и грешки научив многу за локалните растенија со кои располагам.

Откако ги совладав техничките аспекти на Weedrobes, почнав да изведувам улични интервенции со облеката како што е случајот со еден проект на улицата Робсон во 2011 година, со цел да отворам разговор за прашања во врска со брзата мода. . .“ Повеќе околу оваа оваа серија дела може да се дознае во ова кратко документарно видео.

Извор: https://www.artworksforchange.org/

ОкоБоли главаВицФото