Дивеењето на европските бирократи излезе од контрола

01.09.2023 00:44
Дивеењето на европските бирократи излезе од контрола

Дали државниот интервенционизам, кој зема замав за време на пандемијата, излезе од контрола како застрашувачко чудовиште, кое сега политичарите панично се обидуваат да го нахранат за да можат со негова помош одново да ги спасат своите кариери, барајќи патишта на кои ќе наидат на што помалку отпор?

Ако ги погледнеме информациите само од неколкуте недели кои се зад нас, очигледно е дека политичарите сè почесто, кога ќе се соочат со значаен политички проблем кој би можел да ги намали нивните шанси на избори, веќе не проценуваат дека донесувањето одлуки за драстично зголемување на државните расходи и (или) намалување на приходите е потенцијално неприфатлив фискален ризик. На пример, кога во неделата што е зад нас Франција објави дека ќе потроши 200 милиони евра (од кои 160 од ЕУ фондовите) за уништување француски вина, француските политичари не одлучија да се соочат со структурниот проблем за драматичниот пад на потрошувачката на вино во големите земји членки на ЕУ, како и со падот на европскиот извоз на вино, туку одлучија да „спржат“ 200 милиони евра на - уништување вино. До кога? Дали тоа сега ќе го повторуваат секоја година со добрата берба? Колку всушност е лудо тоа?

Од француската објава поминаа само неколку дена, а владејачката германска социјалдемократска партија најави запирање на растот на цените на наемнините на три години на федерално ниво. Со оглед на структурата на германскиот пазар со недвижности, како и фактот дека 60 проценти (41 милион) Германци живеат во изнајмени станови или куќи, се работи за потег со огромно влијание на економските текови и изразен ризик за продлабочување на проблемот. Што ако после три години состојбата на пазарот со станови за наем дополнително се влоши токму заради одлуката на властите да го суспендираат пазарот, што е сосема неочекувано? Дали тогаш целосно ќе се укинат вообичаените правила на пазарот со недвижности и ќе се воведе некаков вид државен диктат?

Пред тоа италијанската екстремно десна популистичка влада објави дека ќе ги оданочува нето каматните приходи на банките, што за малку предизвика колапс на вредноста на акциите на најголемите италијански банки, но и политички шок-бранови во повеќето членки каде одеднаш почна да се очекува дека властите мораат да го направат истото како и италијанските популисти. Но како најголем поборник на интервенционизмот се покажува Европската комисија која бара сè повеќе и повеќе за разни „возвишени“ и „нужни“ политички цели и во тие пакети го трупа ускладувањето на убавите плати на бриселската бирократија со инфлацијата. Се отвора едно сосема сељачко прашање: кој ќе го плати сето тоа, директно или индиректно? И дали Европа навистина може да стане подобра без пазарот или се работи за екстремно опасна популистичка декаденција?

На пример, на ниво на ЕУ се отвора нова дискусија за нужното, непланирано и дополнително финансирање на Украина со 86 милијарди евра. Се работи за големи пари кои никој во ЕУ со сопствена волја не ги стави на маса за европските бирократи да ги напикаат во вреќи, да ги натоварат во камиони и благородно да ги пратат во Украина. Тоа не функционира така, иако многумина наивно го посматраат процесот на зголемување на јавните трошоци како обична реализација на оправдани, речиси консензуални политички акции. Во приказната за дополнителните алокации на финансиските средства секогаш би требало да се отвори прашањето што треба да се крати во таква ситуација, а особено ако изворите на финансирање се толку неизвесни како што се во моментов. Меѓутоа, европските бирократи покрај идејата за зголемување на помошта за Киев ја туркаат и агендата за покривање на зголемените трошоци за задолжувањето, како и зголемувањето на платите на вработените во ЕУ.

Во ситуација кога повеќето членки на ЕУ во последниве три години повлекоа низа радикални фискални интервенции, ова однесување на Брисел делува раскалашено. Холанѓаните и Германците веќе порачаа дека не им е прифатливо изгласувањето на зголемувањето на платите за бирократијата на ЕУ, како и лесното покривање на повисоките трошоци за задолжување на ЕУ заедно во пакет со одлуката за зголемување на помошта за Украина. Од Брисел очекуваат затегнување на ременот зашто не можат да отидат дома и да им кажат на гласачите дека мирно го поддржале зголемувањето на платите на бирократите.

Притоа, целата конструкција „дополнителна помош за Украина“, како што ја формулираше Европската комисија, всушност е фарсична: Европската комисија уште во јули го претстави „додатокот“ за буџетот 2021-2027 година од 66 милјарди и посебен предлог од 20 милијарди евра за оружје за Украина. Споменатите 66 милијарди вклучуваат пак 19 милијарди за повеќе трошоци за камати, 15 милијарди за миграции и финансирање држави кои не се членки и уште 10 милијарди за новиот иновациски фонд. Во „додатокот“ има уште 17 милијарди грантови за Киев плус 33 милијарди за заеми. Обратете внимание дека на Украина всушност ѝ се дава заем (!) од 33 милијарди. Покрај тоа, од членките веќе се бара да додадат дваесетина милијарди евра за новата играчка на Брисел; новиот фонд за оружје со кој за Украина би се обезбедила воена поддршка во следните четири години. Дали некој што е финансиски полуписмен има впечаток дека нешто од споменатово е под контрола?

Експертите уште сега проценуваат дека новата финансиска дискусија помеѓу 27 членки на ЕУ толку ќе се искомплицира што сигурно ќе трае најмалку до крајот на годинава, па се отвора и прашањето за тајмингот на крупните финансиски одлуки, а не само за нивната насока. А сè поочигледно е дека еврозоната многу лесно би можела да заврши во рецесија.

Најголем политички проблем на ЕУ, што е сè поочигледно, станува Германија, и тоа не затоа што навистина е најголем економски проблем, туку затоа што повеќе не може да функционира како локомотива која ја влече композицијата. Лево-зелената германска коалиција лошо управуваше со излегувањето на економијата од пандемијата, а прашални им се резултатите и кај управувањето со енергетската криза по инвазијата на путиновиот режим на Украина. Германија е фатена во спиралата на растот на цените кои ги следат агресивните барања на синдикатите за зголемување на платите. Резултат на економскиот хаос е растот на популарноста на екстремно десната АфД, па сега СПД го гасне политичкиот пожар со популистичка мерка како што е запирањето на растот на цените на наемнините, која сигурно ќе ги продлабочи структурните проблеми.

Накратко: загрозен е германскиот модел на раст базиран на индустријата, а многумина од ЕУ од Германците очекуваат истрајно финансирање на заедничките европски проекти. На пример, ако Берлин - до неодамна познатата германска престолнина на уметниците и слободоумните радикали од различни профили - од 2012 година доби 400 000 нови жители (мигранти, вклучувајќи ги и Украинците), тогаш е јасно зошто последниве три години рентите за квадратен метар се зголемија од 7,3 на 14,3 евра, но истиот тој Берлин сè уште не е најскапиот град за живеење во Европа, туку е на „високото“ 19-то место. Во Германија економското успорување е толку очигледно што дојде дури и до пад на цените на недвижностите, но не и на наемнините. Притоа, федералните власти не успеваат да градат доволно брзо за да обезбедат најмалку 400 000 станови годишно за да ја задоволат побарувачката. Минатата година се изградени 295 000 станови. И наместо да го почекаат процесот за релокација на голем број граѓани во поевтино сместување - што се случува во моментов - и да ги олабават грозно ригорозните прописи за градење (особено зелените), тие сакаат да го запрат растот на наемнините под стапката на моменталната инфлација, што според досегашните искуства и истражувањата ќе доведе до зголемување на бројот на бездомниците.

Најголем вистински економски проблем беше и остана Италија, заради преголемата задолженост и фактот дека италијанските власти со сè поголема леснотија повлекуваат чисти популистички потези, па дури и оние кои можат да ја загрозат италијанската економија. На пример, кога го објавија данокот на „екстра профитите на банките“, испадна дека во својот првобитен облик оваа мерка би можела да сруши поголем дел од малите и средни италијански банки. Кога тоа им беше објаснето, италијанските популисти ги ублажија своите идеи, но останува проблемот со воведувањето данок на една ставка од банкарските буџети. Тоа е како политичар да избере еден производ или услуга од асортиманот на некое претпријатие зашто гледа дека претпријатието има убава заработка токму на тоа, па да го прогласи за екстра профит и да почне да го оданочува, иако на тој начин создава висок потенцијален ризик за дегенерација на целокупниот деловен модел на фирмите со кој се одзема во име на социјалната правда, но всушност заради политички кариери.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Emanuele Del Rosso

Извор: https://novac.jutarnji.hr/

ОкоБоли главаВицФото