„Наместо вовед“ - изложба на Митко Панов

02.10.2023 08:46
„Наместо вовед“ - изложба на Митко Панов

Изложбата на Митко Панов насловена„Наместо вовед“ ќе биде отворена на петти октомври 2023 (четврток), со почеток во 20 часот, во објектот Мала станица.

Изложбата на Митко Панов е осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот. Всушност концептот е приказ на творештвото каде авторот е визуелен раскажувач.

Митко Панов е посветен на своето творештво, во истражувањето на нови изразни форми, каде прави синтеза помеѓу класичните сликарски дисциплини, филмот и современите текови на идејата и концепт во уметноста. Експериментирањето со идејно-концептуалните премиси овозможува оригинален ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот кој го опкружува преплетено со неговата имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави.

Митко Панов ја вткајува реалноста како инспирација во својата специфична творечка експресија. За него реалноста е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и потрагата на лична вистина и суштина на постоењето. Во неговиот ликовен универзум, реалноста е пренесена преку сопственото искуство, сфаќање и чувствување за светот, сопственото битисување во него, создавајќи личен императив за еден друг реалитет каде не ги менува фактите на реалноста, туку го менува начинот на размислување во однос на стварноста. Перцепцијата преку окото на уметникот создава внатрешен свет кој преку естетизираната визуелност станува слика која го отсликува “домот“ на уметникот т.е. неговата лична архива и опстојување.

Митко Панов студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија. Студиите ги продолжил на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска, отсек Филмска режија. Помеѓу 1988 и 1995 година живее во Њујорк, каде што ја продолжува кариерата како визуелен уметник. Во периодот 1998 – 2008 година предава како професор на Колеџот за комуникации при Универзитетот во Тексас. Од 2004 година живее во Швајцарија, каде што работи како независен режисер и уметник. Неговите дела се наградени со бројни меѓународни признанија и награди, меѓу кои се вбројува и „Златна палма“ за најдобар краткометражен филм на Канскиот филмски фестивал во 1991 година. Добитник е на голем број грантови и стипендии, вклучувајќи ги и стипендијата на Фондацијата „Рокфелер“ за филмски уметници, програмата за стипендисти на Фондацијата „Гугенхајм“ за истакнати уметници и научници и програмата на Фондот за документарни филмови на кинофестивалот „Санденс“. Аудио-визуелните остварувања на Панов се емитувани и објавени во Музејот на модерна уметност во Њујорк (МоМА), Музејот „Гугенхајм“ во Њујорк и во Институтот за уметности во Чикаго. Неговите дела се емитувани на популарни телевизиски канали како што се: Canal +, France 3, Channel 4, Film 4, Arts & Entertainment, ARTE, ZDF, PBS, ARD/BR, 3 Sat, B-92 и други. Панов предавал Визуелно раскажување приказни (Visual Story-telling) на Школата за уметности „Тиш“ при Универзитетот „Њујорк“, како и на Германскиот државен универзитет за телевизија и филм во Минхен (H.F.F.). Член е на Филмската академија на Њујорк. Во изминатите две децении е во улога на професор на цела една генерација режисери и визуелни уметници коишто следствено се стекнале со престижни награди, како што се наградата „Тарнер“ и шест награди за најдобар долгометражен филм на Филмската награда на Академијата на САД, односно Оскарите.