Дали епископ Јаков Стобиски ќе биде казнет за вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во медиуми врз ЛГБТИ+ заедницата?

10.11.2023 09:33
Дали епископ Јаков Стобиски ќе биде казнет за вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во медиуми врз ЛГБТИ+ заедницата?

Без почитување на законите, и без воспоставување на пракса на казнување, не можеме да се справиме ниту со дискриминацијата, ниту со говорот на омраза во медиумите.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) се обидува да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци против Јаков Стобиски (викарен епископ од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)), откако КСЗД утврди вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми врз ЛГБТИ+ заедницата,[i] а епископот одби да се извини.

Одредбите во Законот за спречување и заштита од дискриминација предвидуваат дека доколку лицето на кое е упатена препораката не постапи по препораката, КСЗД поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд.[ii] Епископот Јаков Стобиски не постапи по препораката јавно да се извини за говорот при неговите јавни настапи со кој е извршено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ лицата, а и самиот преку медиумите одби да го стори тоа, изјавувајќи дека е подготвен да биде изведен пред суд.[iii]

Освен што не се извини на ЛГБТИ лицата, епископот Јаков Стобиски продолжи со слични вознемирувачки јавни настапи, како предводник на кампања против новиот Закон за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, кој е неопходен за спроведување на пресуда на Европскиот суд за човекови права.[iv] Неколку дена по објавување на Мислењето на КСЗД, епископот Јаков Стобиски повика на протест во организација на МПЦ против законските решенија, покажувајќи дека нема намера да ја почитува препораката „во иднина да се воздржи од јавни настапи кои во себе содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет…“.[v]

Сето ова судот би требало да го има предвид кога ќе одлучува за сторената дискриминација, имајќи ја предвид и одредбата за „потешки облици на дискриминација“,[vi] доколку КСЗД поднесе барање за покренување на прекршочна постапка, согласно законот.

Зошто КСЗД се обидува да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд за утврдена дискриминација?

Мислењето во кое КСЗД утврдува дека Јаков Стобиски дискриминирал одредена група граѓани (ЛГБТИ+ заедницата), односно, извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми, е донесено по поднесени претставки на Здружението за сексуални и родови малцинства Квир Центар и на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје.

Откако ги разгледува наводите во нивните претставки, вклучително и одговорот од Јаков Стобиски, КСЗД констатира дека преку јавни настапи (меѓу кои гостувањето на емисијата Детектор на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица), „изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата кон ЛГБТИ луѓето“.

 

Извадок од мислењето на КЗСД

Исто така, КСЗД констатира дека Јаков Стобиски сериозно го повредил достоинството на трансродовите лица (преку нивно етикетирање „како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилија, сатанизам, итн.“), дека „поттикнал понатамошна дискриминација кон овие лица и нивните поддржувачи“, но и дека изнесувал лажни тврдења во врска со здравјето на трансродовите лица.


Извадок од мислењето на КЗСД

Во мислењето беше препорачано епископот Стобиски г. Јаков, кој е и архиереј на МПЦ-ОА од 2018 година, јавно да се извини за говорот при неговите јавни настапи со кој е извршено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ лицата“, и јавното извинување да го објави во рок од триесет дена од приемот на мислењето.

Исто така, на лицето Јаков Стобиски му беше препорачано од КСЗД „во иднина да се воздржи од јавни настапи кои во себе содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет или било која дискриминаторска основа согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација“. Доколку лицето не постапи согласно оваа препорака, стои во Мислењето, КЗСД „согласно своите надлежности од член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци“.

Мислењето на КСЗД е потпишано на 21 јуни, а е архивирано на 23 јуни 2023 година, што значи дека рокот за извинување би требало да е одамна истечен, затоа што оттогаш се поминати повеќе месеци.

Зошто КСЗД досега нема покренато прекршочна постапка пред надлежен суд за утврдена дискриминација?

Според сознанијата до кои дојде Институтот за медиуми и аналитика ИМА, КСЗД се обидува да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци, но се жали дека наидува на сериозни тешкотии. Што е она, според КСЗД, што попречува во обидот да се покрене прекршочна постапка? Имено, процедурата предвидува КСЗД да ги достави до судот точните податоци на лицето кое ја извршило дискриминацијата, а тоа значи име и презиме, адреса, матичен број и други лични податоци, а КСЗД се жали дека истите податоци не може да ги добие од МВР.

Дали тоа што Јаков Стобиски во јавниот дискурс и во професионалниот ангажман како епископ во МПЦ го користи црковното име се наметнува како сериозна пречка во обезбедувањето на личните податоци од страна на институциите? Кое му е вистинското име на Јаков Стобиски во личните документи? КСЗД во два наврати пишува писма до МВР со цел да ги обезбеди податоците за да може да покрене постапка пред суд. Но, во дописите на МВР стои дека во регистарот со имиња не постои посоченото име.

Според податоците што ги доби ИМА од МВР, „Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на Република Северна Македонија писмено се обрати до Министерството за внатрешни работи во кое бараат да им доставиме лични податоци за лице МИРОСЛАВ МИЛЧЕВСКИ односно ЈАКОВ СТОБИСКИ роден 23.11.1983 година во Куманово. Од наша страна им е доставен одговор дека лице со тие податоци не евидира и побарано е да ни достават точни и целосни податоци со цел да постапиме по нивното барање“.

Според податоците што ги доби ИМА од претседателот на КСЗД, Комисијата и по втор пат испратила барање до МВР за податоци само со името Мирослав Милчевски, објаснувајќи дека станува збор за световно име на Јаков Стобиски, односно, дека „граѓанското роденото име му е Мирослав Милчевски“.

И во македонска Википедија има одредница за „Јаков Стобиски“ во која е содржан податок „Јаков Стобиски (световно име Мирослав (познат како Мики) презиме Милчевски, роден во Куманово на 23 ноември 1983)“.

Меѓутоа, името „Мирослав Милчевски“ воопшто не се спомнува во мислењето во кое КСЗД утврди дискриминација. Претставките за сторена дискриминација беа поднесени од здруженијата на граѓани против Јаков Стобиски. КСЗД побарала од Јаков Стобиски да се произнесе по наводи од претставка. КСЗД известува дека до неа пристигнал одговор од страна на Јаков Стобиски. КСЗД утврдува дискриминација од страна на Јаков Стобиски, и му „препорачува на лицето Јаков Стобиски јавно да се извини“. Исто така, КСЗД мислењето го доставува до „Јаков Стобиски, Македонска Православна Црква, Струмичка Епархија, со адреса на… Струмица“.

Останува отворено прашањето зошто КСЗД не обезбедила лични податоци за световното (граѓанското) име на „Јаков Стобиски“ кога првично утврдила ВОЗНЕМИРУВАЊЕ врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми? Останува отворено и прашањето како е можно во МВР да нема лични податоци ниту за лице МИРОСЛАВ МИЛЧЕВСКИ, ниту за ЈАКОВ СТОБИСКИ?

ИМА ќе продолжи да ги покренува овие прашања од јавен интерес пред КСЗД и МВР, за да добие релевантни одговори и информации: Дали и кога ќе биде покрената прекршочна постапка за веќе утврдената дискриминација во медиумите, откако не се испочитувани препораките со цел отстранување на повредите на правото?

Заштита на личните податоци како изговор за непостапување?

Потрагата по лични податоци за епископ Јаков Стобиски не е единствената нелогичност во постапките за утврдување дискриминација. Според КСЗД, постојат случаи во кои МВР се повикува на заштита на лични податоци и за некои лица не може да достави податоци, кои на Комисијата и се неопходни за продолжување на одредени постапки. Се случува, на пример, кога за некое лице се знае името и презимето, од полициската евиденција МВР да посочи дека со такво име и презиме постојат десетици граѓани и дека не може да се откријат повеќе информации за посоченото лице од страна на Комисијата, зашто неговото име е идентично со имињата на други граѓани.

Секое понатамошно проверување на поголем број лица може да се смета, според МВР, за загрозување на личните податоци. КСЗД укажува дека во одредени случаи им се бара и налог од Јавното обвинителство. Ако се во прашање поголем број лица со истото име и презиме, тогаш се неопходни и поголем број обвинителски налози и тоа веднаш го комплицира предметот. Тешкотија претставува и недоволната регулација на социјалните медиуми кои масовно се користат, како и можноста граѓаните да користат лажни профили со лажни лични податоци. Сето ова ги прави случаите комплицирани и тешки за постапување. Поради сите овие причини кои ја усложнуваат работата, КСЗД иницира законски измени со цел да ја направи поефикасна борбата против дискриминацијата.

Поедноставување на комплицираната процедура, а и неможноста да се најдат нечии податоци, налага иницирање измени на Законот за заштита од дискриминација кои се подготвени од КСЗД: „Ваквата сложеност, а особено примерот од пракса кој го имаме со МВР за овој случај, ни укажуваат дека мора да иницираме законски измени со кои патот до судски процес, за оние дискриминатори кои нема да сакаат да јавно да се извинат, ќе стане пократок и поедноставен, за потоа и самите судски пресуди да се побрзи, за да може граѓаните кои поднеле основана претставка да веруваат на Комисијата, на системот и на институциите. Нашите предлози во голем дел се поклопуваат со оние на европските експерти, кои се ангажирани од Министерството за труд и социјала, со цел да предложат измени во Законот за заштита од дискриминација за да се постигне поголем ефект и со комисијата и со другите институции вклучени во постапките“, ни посочи Игор Јадровски, новиот претседател на КСЗД.

Јадровски упатува на фактот дека смислата на постоењето на Комисијата е токму заштитата на граѓаните од дискриминација. Но, за целосна ефикасност, случаите со дискриминација мора да имаат побрза завршница. Тоа не може да се каже ниту за случајот со Јаков Стобиски, но и за други случаи отворени од страна на КСЗД.

Понатаму, од праксата, Комисијата заклучила дека во некои од постапките иницирани пред суд, судот се впушта во материјално оценување, односно, во дел од процесот се обидува да открие дали имало или немало дискриминација во одреден случај. Според КСЗД, таа надлежност ја има Комисијата и со самото тоа што побарале судска постапка значи дека постои дискриминација, а сторителот не се извинил јавно. Оттаму, КСЗД смета дека судот треба да го прифати мислењето на Комисијата.

Поради долгите рокови некои случаи јавноста ги заборава

Законските измени би требало да определат пократки рокови во однос на постапката пред Комисијата. Целата процедура во одреден случај започнува откако некој ќе поднесе претставка до КСЗД, со која ќе посочи случај со дискриминација. Откако Комисијата ќе направи анализа, мора да побара став од лицето кое е посочено како дискриминатор во рок од 15 дена. Овој рок може да се скрати во одредени случаи каде што е недвосмислено дека е сторена дискриминација.

Според КСЗД, кога станува збор за јавно извинување непотребно се остава рок од 30 дена, затоа што ако дискриминаторот има намера да се извини, тоа може да го стори и во далеку пократок рок од само неколку дена. За претседателот на Комисијата, Игор Јадровски, сите обиди да се измени законот, како и сите настојувања комуникацијата со МВР и со судот да оди побрзо и поефикасно имаат за цел постапките да се поцелисходни, пократки и со епилог кој ќе ги заштити дискриминираните: „Сега имаме ситуација, само заради роковите да поминат два месеца, потоа ако наидеме на пречки во обезбедувањето податоци за пред судот, овие два месеца лесно преминуваат во пет, шест, па и повеќе месеци. За тоа време, дежурните ширачи на омраза и дискриминација, особено на социјалните мрежи, објавуваат стотици постови, а јавноста едноставно заборава на некоја сторена дискриминација“, ја аргументира Јадровски потребата од поинакво поставување на системот, со крајна цел – борбата во спречувањето и заштитата од дискриминација да има смисла.

И покрај многуте аномалии на законските одредби, за дел од организациите кои поднесуваат претставки до Комисијата, и со вакви законски решенија таа сепак успева да ја врши непристрасно својата работа: „Нашата организација веднаш по формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, сакаше да ја тестира нивната работа, знаејќи дека секаде низ светот, дискриминацијата најмногу ја трпат маргинализираните групи. Меѓутоа, луѓето кај нас, очигледно се навикнати на институции кои не работат во полн капацитет, па одлуките кои ги носи оваа Комисија, која очигледно, конечно работи непристрасно, на некои луѓе им пречат. До сега, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и нашата пракса покажува дека успешно го применуваат Законот и доколку во претставката утврдат дека има место за друга интервенција, како на пример, да постапува Јавното обвинителство истата ја препраќаат до соодветната институција. Ова нам ни покажува дека Комисијата си работи непристрасно без притисок од партиите“, заклучува Мартин Тасевски од Квир Центарот.

Подносителите на претставките очекуваат КСЗД во најскоро време да поведе прекршочна постапка за лицето Јаков Стобиски

Од Коалицијата Маргини, кои се подносители на претставката до КСЗД, изјавија дека очекуваат покренување на судска постапка против Јаков Стобиски: „Со оглед на тоа што помина рокот, ние како Коалиција очекуваме комисијата во најскоро време да поведе прекршочна постапка за лицето Јаков Стобиски, за кое е утврдена дискриминација“, изјави Драгана Дрндаревска од Маргини за ИМА.

Од Квир Центарот, во изјава за ИМА укажаа дека искуството со органите на прогонот како МВР и ЈО им покажува дека институциите немаат капацитети да постапуваат во однос на говорот на омраза и дела од омраза: „Во исти случаи, за некоја личност гледаме дека се постапува, а за друга личност, не се постапува. Ваквиот начин на работа кај мене праќа порака дека институциите каде ги поднесуваме пријавите и чекаме да постапат по нив и да донесат правда, функционираат селективно и по нарачка. И тука не се само маргинализираните групи засегнати, ние имаме поднесувано пријави за закани кон жени политичарки, и тие пријави исто така беа отфрлувани со зборовите дека нема место за постапување и дека не е утврдена реална опасност“, изјави правниот застапник на центарот, Мартин Тасевски.

Зошто е важно да се казнува утврдена дискриминација во медиумите?

Активистите за човекови права со години укажуваат дека без почитување на законите и без воспоставување на пракса на казнување, не можеме да се справиме ниту со дискриминацијата, ниту со говорот на омраза во медиумите. Дискриминацијата во медиумите може да се намали само ако има пракса на казнување на дискриминацијата во медиумите.

Законот за спречување и заштита од дискриминација се однесува на сите физички и правни лица и се применува во повеќе области, вклучително и во областа на јавно информирање и медиуми.

Законот предвидува дека глоба во износ од 50 до 150 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, за кое е утврдено од надлежен орган дека извршил дискриминација согласно чл. 10 од законот (вознемирување).[vii]

Законот предвидува дека глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, за кое е утврдено од надлежен орган дека извршило дискриминација согласно со членот 13 од овој закон (за потешки облици на дискриминација).

Иако КСЗД утврди дискриминација во медиумите од страна на Јаков Стобиски, има индиции дека дискриминацијата продолжи, затоа што повеќе медиуми продолжија да ги пренесуваат ставовите на епископот на МПЦ-ОА со кои се патологизираат трансродовите лица како „ненормални“. Дел од медиумите го претставуваа дури и Јаков Стобиски како жртва на КСЗД, а не како сторител на дискриминација.[viii] Исто така, медиумите речиси го игнорираа ставот на КСЗД дека со „лажните тврдења кои ги изнел во врска со здравјето на трансродовите лица тој свесно придонел кон дополнителна стигматизација и дехуманизација на тие лица“.

Токму заради продолжување на дискриминацијата во медиумите, и непридржување до препораките на КСЗД, е важно да се поведе прекршочна постапка и да се казни „лицето Јаков Стобиски“, ако такво „лице“ реално постои. Тоа ќе биде дополнително поттик за медиумите да пишуваат на тема „дискриминација во медиумите“, да придонесат за нејзино спречување во медиумите, и да внимаваат кого канат во нивните емисии.

Граѓаните имаат право да знаат кое реално лице им се обраќа преку медиумите, за евентуално да можат да покренат постапка во случај на медиумска дискриминација или повреда на други човекови права. Тие податоци се должни да ги обезбедат државните институции, за да можат граѓаните и граѓанските организации ефективно да се заштитат од дискриминација и во судска постапка.

Ако се воспостави пракса на неказнување, тоа ќе биде дополнително охрабрување на дискриминаторите да продолжат да го кршат законот и да дискриминираат во медиумите.

Референци:

[i] Видете Мислење на КСЗД 08-316/5 од 23.06.23, за „утврдена дискриминација“ (информација содржана и во линкот), односно, во кое „СЕ УТВРДУВА ВОЗНЕМИРУВАЊЕ врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми сторено од страна на [идентитетот е заштитен] врз ЛГБТИ+ заедницата“. Во јавноста беше објавено и Мислењето на КСЗД без заштитени податоци, доставено до адреса на „Јаков Стобиски, Македонска православна црква, Струмичка епархија…“.

[ii] Видете го чл. 27, став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација: „Лицето на кое е упатена препораката е должно да постапи по препораката и да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена од денот на приемот на препораката или во подолг рок доколку постојат особено оправдани причини, но не подолго од шест месеци, како и за тоа да ја извести Комисијата“ и став 4: „Доколку лицето на кое е упатена препораката не постапи по препораката согласно со ставот (3) на овој член, Комисијата поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.“

[iii] Видете, на пример, Епископoт Јаков Стобиски одбива да се извини: Подготвен сум да бидам изведен пред суд оти ја говорам вистината, 360 степени, 26.06.2023: „„Би сакал топло да ѝ се заблагодарам на Комисијата за трудот да состават вакво капитално дело, прво од ваков вид упатено кон владика кој не ги застапува нивните родово-идеолошки ставови. Голема благодарност и за препораките да замолчам и да се извинам, но и јас им испраќам топол поздрав и ги известувам дека нивните препораки не се прифаќаат – подготвен да бидам суден, но и на многу повеќе, за тоа што сум ја говорел и исповедал вистината“, се вели во писмената реакција на епископот на наводите и препораките на Антидискриминациската комисија.“ Видете и кластер наслови на агрегаторот за вести time.mk.

[iv] Видете, подетално, Жарко Трајаноски, „Има ли политичка волја за спроведување на пресудата на Судот во Стразбур “X против Македонија”?“, ima.mk, 31.10.2023.

[v] Видете, на пример, Епископот Јаков: Црквата е мета на прогон и линч, агресорот сака да се прогласи за жртва, Deutsche Welle, 27.06.2023. (ВИДЕО) Епископот Јаков Стобиски и преку видеообраќање повика на протестот на МПЦ-ОА против спорните предлог-закони, 360 степени, 28.06.2023, Кластер наслови на time.mk.

[vi] Видете го чл. 13 од Законот за спречување и заштита од дискриминација: „Како потежок облик на дискриминација, во смисла на овој закон, се смета повеќекратна дискриминација, интерсекциска дискриминација, повторена дискриминација и продолжена дискриминација“.

[vii] Видете го чл. 10 ст. 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација: „Вознемирувањето претставува несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика“.

[viii] Видете Жарко Трајаноски, Злоупотреба на медиумите за ширење дискриминација и говор на омраза врз основа на род и родов идентитет, ima.mk, 07.08.2023. 

Извор: https://smk.mk/